Рецензија: Хрватска најзадолжена земја во регионот

SlobodnaBosna_Dolg-crop-resize

Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) во своите рецензии по правило не прави споредби меѓу различни вести и не анализира групи на вести. Ваквите споредби и следења на појави и трендови во вестите и новинарската професија пошироко се прави во рубриката Анализи. Но, овде мораме да се оддалечиме од ова методолошко правило и да потенцираме дека се работи за наменска вест, објавена со цел да потисне една друга, далеку поважна вест и истовремено да ја стави на втор план.

Настрана фактот, пак, што овде се соочуваме со добро познатата појава на собирање „баби и жаби“ и тоа и во оригиналната вест на Слободна Босна и во оваа која ја рецензираме овде.

SlobodnaBosna_DolgЛинк до оригиналниот напис: Хрватска најзадолжена земја во регионот

Датум и време на објавување:31.08.2014, 14.14

Датум на рецензирање:04.09.2014

Рецензент: Владимир Петрески

 

СОДРЖИНАТА СЕ СООЧУВА СО ПРОБЛЕМОТ НА „БАБИТЕ И ЖАБИТЕ“

Најпрвин за содржината. Со вакви информации, каде што се споредуваат номиналните износи на јавниот долг на земјите од регионот, сме се сретнале и досега. И овој пат се среќаваме со несоодветни споредби каде што во номинални износи се споредува јавен долг на една со друга земја, при што едната има повеќекратно поголем број жители до другата или едната е неколкукратно побогата од другата. Имајќи го предвид ова, номинални износи на јавен долг не се споредуваат, туку тоа се прави како процент од бруто домашниот производ (БДП) за да се добие објективна компарација. Ова во неколку наврати го имаат потенцирано и министерот за финансии Зоран Ставрески и премиерот Никола Груевски во своите јавни настапи, пред сѐ, кога од нив се бара да дадат став во однос на номиналниот раст на долгот на земјава, со оглед на фактот што тој за седум-осум години бележи раст од 1,4 милијарди евра на 3,3 милијарди евра.

И воопшто не е важно дали веста е преземена од друг медиум. Како што сме напишале повеќепати досега, тоа не може да биде оправдување содржината да не се провери преку релевантни извори. А, такви извори во денешно време ги има на претек. Таков еден е дури и американската шпионска агенција ЦИА, потоа има и комерцијални организации што публикуваат вакви податоци, а тешко дека ќе се најде порелевантна институција од Светската Банка за ова прашање, при што податоците што ги презентира Банката се објавени токму како процент од БДП, односно на истиот оној начин на кој инсистираат Ставрески и Груевски. За една национална информативна агенција со значителни ресурси, изнаоѓањето на овие извори и изработката на соодветни споредби не би требало да претставува проблем.

 

НАМЕНСКА ВЕСТ

Но, овде не била главната цел да се дојде до компаративна информација која ќе има смисла. Целта била веста да се изработи што побрзо за да ѝ се парира на друга вест, односно на друга низа од вести. Имено, истиот ден кога беше објавена оваа вест и преземена од редица портали, Министерството за финансии ја објави и состојбата со долгот на Република Македонија по најновото задолжување со еврообврзницата од 500 милиони евра, при што долгот на централната влада за достигна ниво од 40,8 отсто од БДП, процент кој не сме го виделе цели 12 години.

Тоа најдобро се гледа на агрегаторите за вести, на пример, овде, каде што рецензиранава вест е далеку повеќе преземена, со оглед на тоа што станува збор за агенциска вест, која треба само да се преземе, додека веста за состојбата со македонскиот јавен долг, сепак, требаше да се изработи во целост.

Сосема друго прашање е зошто една национална агенција во денот кога се објавува нивото на јавниот долг во матичната земја, не би известила за ова и тоа во ситуација кога тој доживува значителен раст заради ново, поголемо еднократно задолжување, а пренесува вест од странски медиум , чија информативна вредност е во најмала рака неупотреблива. Но, одговорот на таквото прашање е за во друга прилика.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција