Рецензија: И австриски медиуми ги прoчитаа вистинските мотиви за апсењето на Шиповиќ

2013-10-20-Libertas-za-Sipovic-i-avstriskite-mediumi-crop-resize

Почит кон вистината и кон правото на публиката на таа вистина е темелниот принцип на едно професионално и одговорно новинарство. Новинарите пренесуваат информации, идеи и мислења. Откриваат и укажуваат. Во новинарите се инкарнира слободата на изразувањето, но и одговорноста таа слобода да не се злоупотребува. Без разлика дали работат во јавен или приватен медиум, сите делат иста јавна одговорност. За жал, овие основни етички принципи на новинарството некои припадници на професијата сѐ уште ги компромитираат.

2013-10-20 Libertas za Sipovic i avstriskite mediumiЛинк до оригиналниот напис: И австриски медиуми ги прoчитаа вистинските мотиви за апсењето на Шиповиќ

Датум и време на објавување: 20.10.2013

Датум на рецензирање: 21.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Непрофесионалното и неодговорно преземање на „вест“ од еден крајно нерелевантен извор и неговo неодговорно пренесување создал голем проблем во однос на вистинитоста на текстот.

Извори на информации: Суштинските проблеми на овој текст произлегуваат од крајно непрофесионалното, аматерско, користење на изворите. Во првиот текст со оригинален наслов „Mazedonischer Politiker in Schwechat festgenommen“ („Македонски политичар уапсен на Швехат“) во австриски Der Standard, на кој се повикува македонскиот интернет портал, нема ваква констатација:

„Во коментарите на истиот тој медиум граѓаните на Aвстрија го осудуваат тој чин и велат дека не би требало Австрија да се занимава со земја каде невработеноста е над 30% а владата троши на споменици и музеи.“

Веста од Дер Штандард која е, всушност, преземена агенциска вест од Австриската новинска агенција АPА, е крајно одмерена и избалансирана и од неа воопшто не може да се извлече ваков лид каков што е извлечен овде:

„Апсењето на првоосомичениот од случајот „Машинопромет“, Мирослав Шиповиќ, на аеродромот во Виена по потерница распишана од МВР, наиде на осуда и во австриски медиуми“.

Освен овие сериозни слабости, во текстот И австриски медиуми ги прoчитаа вистинските мотиви за апсењето на Шиповиќ, неприродно и без никаква логична транзиција, наеднаш, доаѓа пасус преземен од www.centarnews.net/, кој го коментира бординг билетот на Шиповиќ на виенскиот аердром, како да е тоа некое големо откритие: Па сите веќе знае(в)ме уште на 15 октомври дека Шиповиќ е уапсен со чекирана авиокарта за Скопје.

Во текстот што го рецензираме објавени се само имињата на веб сајтовите на кој се повикува медиумот, но без линкови. Тоа создава дополнителен ангажман за читателот зашто тој сега треба да проверува дали таква вест постои на нотираната интернет страница. Плус, австрискиот медиум има добар пребарувач и архива и лесно ќе го најдете текстот што ви треба. Затоа, пак, македонскиот медиум www.centarnews.net/ е крајно неодговорен за својата содржина и нема никаква навигација за да пребарувате низ неговата архива. Само „пешки“, односно да листате страница по страница наназад, но дури и тоа не даде резултат за потребите на оваа рецензија.

Последниот очајнички обид да се пронајде оваа „вест“ на www.centarnews.net/ е да внесете цел цитат маркиран со наводи во Гугл и да се надевате дека ќе имате среќа. И гледај, текстот е навистина објавен. И тоа како. Наслов: „Пребукираната карта на Шиповиќ доказ дека се враќал во Скопје пред да биде уапсен“. Забележавте: „Пребукирана…“ Крајно неписмено и неодговорно. А телото на текстот – исто толку неодговорно и неписмено, полно со коментари…

Во овој момент станува јасно каде се лизнале уредниците/администратори на текстот И австриски медиуми ги прoчитаа вистинските мотиви за апсењето на Шиповиќ.

И, на крајот уште нешто останува нејасно: Зошто е рециклирана австриската вест од 15 октомври во Македонија на 20 октомври, освен ако не е за потребите на овие манипулации?!?

Содржајност: Не можеме да зборуваме за содржајност на рецензираниот текст зашто тој е уште еден лош копи/пејст пример и нејзиниот автор не се потрудил да им додаде нова содржајност на преземените вести.

Пристрасност: Вака преземен, без критичка и без елементарна грижа за избалансираност, проверка на фактите и со подредување на содржината според некоја однапред замислена цел на уредникот, овој текст ги изгубил темелите на објективноста и станал пристрасен.

Оригиналност/Плагијат: Текстот не е плагијат, бидејќи пренесува делови од претходно објавени текстови

Квалитет на насловот: Насловот изнесува мислење кое е пристрасно и неточно. Тоа е лесно видливо кога ќе се прочита текстот. Од текстот, таков каков што е, може да се извлече поента која ќе го потврди насловот, но анализата на текстот и на изворите од кој е компилиран, покажува дека тој наслов е неточен, пристрасен и тенденциозен.

Фотографија: Има две фотографии: едната е од бординг картата на Шиповиќ, а другата е принт скрин на еден дел од веб страницата каде што е објавен текстот на австриски Дер Штандард. Првата е корисна информација за да видиме дека Шиповиќ навистина бил на пат за Скопје, но тоа не е ништо ново, зашто велиме дека сите медиуми тоа го објавија на 15 октомври. Некои дури и со негова изјава. Втората треба да ни ја „потврди“ автентичноста на едниот од изворните текстови кој послужил како извор на медиумот што ја објавил веста што ја рецензираме. И толку. Зошто, на пример, ако навистина ги има коментарите што се наведуваат во текстот под наслов „И австриски медиуми ги прoчитаа вистинските мотиви за апсењето на Шиповиќ, (граѓаните на Aвстрија го осудуваат тој чин и велат дека не би требало Австрија да се занимава со земја каде невработеноста е над 30% а владата троши на споменици и музеи.“ или, : „Апсењето на првоосомичениот од случајот „Машинопромет“, Мирослав Шиповиќ, на аеродромот во Виена по потерница распишана од МВР, наиде на осуда и во австриски медиуми“), тие не се маркирани на фотографијата.

Заклучок: Оваа рецензија сака да укаже на уште едно крајно неодговорно однесување на новинарите – неподносливата леснотија во приодот кон професијата, без минимален праг на новинарски стандарди и без чувство за јавна одговорност. Треба да се провери два пати, три пати, ако треба… Треба да се биде максимално критичен кон изворите. Интернетот колку е добар, исто толку е и лош. Ама фала му на Бога, постојат едноставни правила што треба да се следат и ако го правиш тоа секогаш помагаат. Има извори и привиди од извори, има веб сајтови и привиди од веб сајтови. Има новинари и привиди од новинари.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција