Рецензија: И денес работат сите, освен професорите на СДСМ со нула научни трудови

sdsm-profesori-crop-resize

 

Овој текст како да е излезен од практиката на некоја разузнувачка агенција. Толкава „посветеност“ на професори од најпрестижниот универзитет во земјава досега во македонските медиуми се нема случено. Дури написот и „гордо“ тврди дека ги следи професорите четири дена. Секако дека работа на новинарот е и да провери некоја информација, но со вакви параполициски методи да го прави тоа е недозволиво. Инаку, текстот понатаму е полн со навреди, спинови и нејасноти, па поради тоа е невистинит, необјективен и непрофесионален.

sdsm profesoriЛинк до оригиналниот напис: И денес работат сите, освен професорите на СДСМ со нула научни трудови

Датум и време на објавување: 02.01.2015, 12:59

Датум на рецензирање: 02.01.2015

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КОМЕНТАТОРСКИ ТЕКСТ

Написот врие од напади и ги омаловажува професорите:

„Три последователни работни денови нивните кабинети беа празни. Вчера беше неработен ден, па не ги побаравме, очекувајќи дека денес нема да наидеме на клуч на врата. Но, не бевме во право.“

Текстот претежно е коментаторски. Но, тој не е ставен во посебна рубрика каде што вообичено на овој медиум се објавуваат коментари и колумни, туку е сместен во рубриката „Македонија“. Иако три дена медиумот бил присутен на факултетот, сепак, не успеал да дознае ништо повеќе. На пример, можеле да се обратат во деканатот и да добијат официјално објаснување. Дали не им текнало дека можеби професорите се на годишен домор? Имаат ли тие право на одмор? Или можеби да помислеле дека се на некое истражување во потрага по труд со импакт фактор. Ако прават некое истражување, секако дека не би можеле да бидат во канцеларија. Од друга страна, дали на тој ист факултет, кога веќе биле таму, се обиделе да најдат некои од другите професори? На пример, оние кои се чести гости во нивниот медиум. Тоа би било добро за споредба ако се сакало да се направи објективен и содржаен напис. И сето ова можело да се провери ако по скалите десно од главниот влез, се упателе во деканатот и прашале за сите овие работи. Дури и недобивањето одговор би било исправно решение и горе-долу би го подобрило квалитетот на текстот. Но, тоа не е сторено. Затоа и не може да му се верува на текстот, ниту, пак, да се поверува во приказната дека навистина овие професори не одат на работа.

 

ТЕКСТ ЗА ПРЕТПОСТАВКИ

„И денес професорите на СДСМ кои немаат објавено ниту еден научен труд не дојдоа на работа. Тие очигледно си споиле цели 10 дена за новогодишните празници, а законски неработни се само три дена.“

Понатаму, текстот се занимава со претпоставка. Така, тврди дека споиле 10 дена. Тоа, исто така, е коментаторски дел со класичен спин, затоа што нема изјава од ниту еден од посочените ликови во приказната дека тоа е така. Можеби не ги нашле на работа, но, сепак, можеле да ги добијат телефонски и да ги проверат и овие тврдења. Или барем да се обиделе. И тоа би бил добар момент во овој напис. Вака, треба да се верува на тврдењето на текстот. И тоа текст кој не нуди вистински и професионални аргументи за вакво нешто.

Tекстот меша баби и жаби. Каква врска имаат лекарите со професорите. Едните се лекари, кои, нормално, мора да работат и на празници поради спецификите на нивната професија, а другите се научници. Од научниците никому не му зависи животот, па да не дојдат на работа и еден месец. Затоа и овие работи се неспоиви, но се искористени во насока на омаловажување на овие луѓе.

Следната констатација, која вели дека тоа се професори на СДСМ, пак, е вишок дури и за коментирање. Каде им пишува дека се на СДСМ? И што тоа значи „на СДСМ“? Ако некогаш поради своите професионални достигнувања биле министри во некоја влада, тоа не значи дека се „на партијата“. И, на крајот на краиштата, и да се членови на СДСМ, тука, на факултетот се поради друга работа. Тука се професори и научници. Башка што професорската работа е дури и споива со политичка функција. Па и сегашниот претседател на државата е професор и беше кандидат на владејачата партија за оваа функција. Но, со овој дел се сака да им се накалеми опозициска нишка на професорите со што уште повеќе би се омаловажувале како луѓе кои од партиски причини опструираат некаква работа.

И, веќе стандардно, истиот овој текст го има во редица медиуми. И секаде е непотпишан. Тој е дел од хајката против овие професори која се води со денови. И во сите текстови нема ниту еден аргумент за да им се поверува. Изобилуваат со нафрлени тези, кои повеќето се спинови, а го нема основното правило во новинарството – да се провери вистинитоста и да се праша и страната која е обвинета. Поради тоа може да се заклучи дека ова е класичен спин во интерес на политиката.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција