Рецензија: И Македонци настрадаа при „падот“ на албанската авиокомпанија „Бел ер“
Во случајов рецензираме текст со сензационалистички наслов кој може да ги наведе гледачите, а особено читателите на порталот, на погрешно толкување и да ги манипулира. Во иста реченица како метафора се користи комбинацијата на зборови „пад“, „авиокомпанија“, „Македонци“ и „настрадаа“, што асоцира на авионска несреќа. Ова во никој случај не е содржината на текстот, односно, насловот наведува на погрешно толкување и го мами читателот. Веста сама по себе е доволно импактна и без да се користи наслов што мами.
Линк до оригиналниот напис: И Македонци настрадаа при „падот“ на албанската авиокомпанија “Бел ер“
Датум и време на објавување: 09.12.2013; 14:15
Датум на рецензирање: 12,12,2013
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Сите факти изнесени во текстот се проверливи и точни. Она што зачудува е зошто коректноста на медиумскиот производ е засенета со сензационалистички наслов кој може да создаде чувство на недоверба кај читателот и гледачот ако се увери дека е „измамен“ во контекст на кохерентноста на она што му се нуди во насловот и она што му се нуди во текстот.
Извори на информации: Од текстот може да се заклучи дека на редакцијата ѝ е познато името на туристичката агенција за која известува дека ги рефундирала парите на клиентите и која според насловот ги претставува „Македонците кои настрадале“. Сепак, редакцијата одлучува да не го открие името на агенцијата и да ја користи како анонимен извор во текот на целиот дел од текстот. Се користи и веб-страницата на авио-компанијата како официјален извор.
Содржајност: Прилогот е содржаен со исклучок на тоа што гледачите и читателите не дознаваат за која туристичка агенција, што имала договор со „Бел ер,“ станува збор. Би можеле да се искористат и изјави од оштетени граѓани за да се добие поголема тежина на изнесеното. Сепак, информацијата дека компанијата „Бел ер“ е во стечај, е од значење за оние кои планирале да ги користат нејзините услуги.
Пристрасност: Во текстот не се евидентира пристрасност и главниот фокус е ставен на бројките и информативноста, со исклучок на насловот.
Оригиналност/Плагијат: Станува збор за оригинален текст со прецизно наведено авторство. Информацијата не е ексклузивна, но е обработена самостојно во редакцијата и даден ѝ е авторски агол.
Квалитет на насловот: Ова е, всушност, и главната причина заради која овој прилог заслужи рецензија. Насловот е сензационалистички, залажува и можно е да предизвика паника кај читателите и гледачите. Особено поради тоа што прилогот се емитува на телевизија, проблемот е поголем, бидејќи спикерот кога би го употребил насловот како најава, не би можел да ги користи наводниците од кои би се насетило дека падот не е на авионот, туку дека станува збор за пропаѓање на авио компанија и нејзино одење во стечај. Дефинитивно ваквиот наслов би предизвикал поголемо внимание за да се прочита текстот, но, тој не е коректен.
Фотографија: Фотографијата прикажува авион од компанијата што отишла во стечај и со насловот формира погрешна слика. Со информативен наслов, таа би била коректна.
Заклучок: Особено кога во една реченица се користат зборовите „пад“, „авиокомпанија“ и „настрадаа“, а таа реченица е насловот, тешко е да се претпостави дека читателот нема да помисли на авионска несреќа. Текстот е коректен, а насловот несреќен. Неодговорно е тоа што се алудира на страање онаму каде што се известува за економија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар