Рецензија: И СОРОС „удри“ по Шеќеринска

123-0987-009988-crop-resize

Проверката на вистинитоста на фактите е една од темелните новинарски должности. Таа обврска е потенцирана и во Кодексот на новинари каде се вели дека новинарот ќе објавува проверени факти. Во членот 1 од Кодексот пишува:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Во текстот што го рецензираме, не само што се објавени неточни факти, туку и не е направен обид тие да се проверат, иако објективно нема никакви пречки новинарот да го стори тоа, консултирајќи ги ангажираните лица на проектот за кој пишува.

123Линк до оригиналниот напис: И СОРОС „удри“ по Шеќеринска

Датум и време на објавување: 10.03.2014, 21:24

Датум на рецензирање: 14.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

СОРОС НА СОН СЕ СОНИ

Тоа што проектот Вистиномер се поврзува со Фондацијата oтворено oпштество Македонија (ФООМ – неправилно нарекувана СОРОС фондација) е спорно, од причина што проектот не е наниеден начин поврзан со оваа фонадација. Напротив, проектот е финансиран од непрофитната фондација National Endowment for Democracy (NED).

Проверката на оваа информација е достапна на страницата на Вистиномер каде што пишува:

„ Фондацијата „Метаморфозис“ jа продолжува регионалната соработка со граѓанските здруженија „Зашто не“ од Босна и Херцеговина и ЛиНет од Србија за примена на нови технологии за поголема транспарентност, поддржана од американската непрофитна фондација НЕД (National Endowment for Democracy – www.ned.org), финансирана од Конгресот на САД,  како дел од напорите за развој на демократијата во регионот.“

Оттука констатацијата дека станува збор за „Соросов“ портал е неточна.

Не се консултирани извори и не е направен доволен обид да се провери изнесеното. Единствено се пренесува напишаното на Вистиномер, се додава тенденциозен наслов, се поврзува проектот со фондација што не е негов финансиер и се создава сторија.

Понатаму, се поставува прашањето зошто оценувањето на вистинитоста на дадена изјава на јавна личност, активна во политичкиот живот, е „удирање“ и дали тоа не е должност на критички ориентираната јавност која има право да знае?

 

КОЈ ПО КОГО „УДИРА“

Не е пракса медиумот чиј текст го рецензираме да ги пренесува содржините на Вистиномер. Континуираното следење на Вистиномер би довело до сознанието дека на овој проект се оценува вистинитоста на дадени изјави во јавноста на сите чинители во јавниот и политичкиот живот, неселективно од нивната партиска припадност. Се поставува прашањето, зошто по повеќемесечно постоење и после десетици објавени изјави, чија вистинитост  се оценува на Вистиномер, токму сега и токму оваа изјава го привлекла вниманието на порталот.

Со оглед на тоа што текстот што го рецензираме не е  дополнуван со информации кои се проширување на основниот пренесен текст, освен во лидот и во насловот, затоа таму се јавуваат и главните коментаторски елементи. Коментирањето се содржи во зборот „удри“, што непринципиелно имплицира спин дека проектот само зашто анализира вистинитост на изјави од политички чинители, „удира“ по нив. Насловот е тенденциозен, обоен и манифестира обид да се пренасочи вниманието од основната улога на Вистиномер, а тоа е да ги следи во континуитет дадените изјави и нивната вистинитост и таа да се замени со тезата дека „ете и СОРОС е против Шеќеринска“. Овде не може да стане збор за рецензија на оригиналност или плагијат на цел текст, поради тоа што сосема мал дел од текстот е на медиумот што го објавува. Оттука, насловот и лидот се изворно создадени редакциски, додека останатиот дел е целосно пренесување на текстот и образложението од Вистиномер.

Во целост, текстот содржи неточни податоци околу донаторот, тенденциозност и селективност во пренесувањето на содржините на Вистиномер и обид за етикетирање и релативизација на улогата на проектот, со тоа што тој се става во контекст на дневно-политички цели.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција