Рецензија: Интервју со Богдан Илиевски – “Бетмен Велит” дипломиран архитект, колумнист, блогер
Правење интервју со одредена личност на одредена тема е една од потешките новинарски задачи. Истражувањето за подготовка на прашањата е клучен сегмент од процесот. Поводот треба да биде актуелен, а објавувањето на интервјуто треба да биде благовремено. Прашањата треба да бидат прецизни и да го доловат мотивот поради кој се прави интервју на дадена тема со избраниот соговорник. Целата работа добива на тежина ако станува збор за интервју во живо на некој од електронските медиуми.
Во случајот со интервјуто со Богдан Илиевски – „Бетмен Велит“, дипломиран архитект, колумнист и блогер, објавено на интернет порталот „Пулс 24“, целиот процес се одвива по инерција, без некој посебен повод и, за жал, со прашања извадени „како од ракав“. А соговорникот има толку духовити одговори.
Линк до оригиналниот напис: Интервју со Богдан Илиевски – “Бетмен Велит” дипломиран архитект, колумнист, блогер
Датум и време на објавување: 09 јуни 2013 1:50:00
Датум на рецензирање: 11.06.2013
Рецензент: Тони Димков
Вистинитост: Целта на интервјуто е да се откријат детали од животот и начинот на размислување на еден од најпознатите твитерџии, особено омилен кај помладата популација во државата. Целта делумно е остварена бидејќи интервјуто помалку открива факти, а повеќе се задржува на размислувањата на соговорникот.
Извори на информации: Во написот нема евидентирани официјални извори на информации. Дел од прашањата се формулирани врз основа на текстови на твитови и на колумни потпишани од соговорникот, а главен извор на информациите е самиот соговорник.
Содржајност: Прашањата во интервјуто инсистираат на повеќе детали од животот на соговорникот, но тој се одлучил за духовити одговори со забавен карактер. Се добиваат сознанија за неговата личност, но отсуствуваат одговори на суштински прашања, како, на пример, каде работи, што работи, зошто го работи тоа што го работи..? Дел од поставените прашања или се предолги или содржат повеќе прашања поставени како едно прашање, со што се намалува можноста да се добие директен одговор. Сеопфатноста е базирана на големиот број поставени прашања
Пристрасност: Во воведот кон интервјуто, авторката изјавува воодушевување од ликот и делото на соговорникот. Иако разговорот се одвива на „Ти“, во одговорите не се чувствува таква пријателска блискост меѓу новинарката и соговорникот. Доколку професионалната дистанца беше поставена со „Вие“ можеби ќе се добиеја поконкретни одговори на прашањата.
Коментирање: Интервјуто е објавено со воведен текст и заклучок од авторката.
Оригиналност/Плагијат: Написот е објавен со наведен автор. На дното од страницата е потпишан уште еден автор кој, за читателот, не е јасно каква функција има во подготовката на текстот.
Квалитет на насловот: Интервјуто нема наслов во вистинска смисла, туку како наслов се употребени името и презимето заедно со псевдонимот и вокацијата на соговорникот.
Фотографија:Написот е проследен со две фотографии на соговорникот, но недостига автентична фоторепортерска фотографија.
Говор на омраза: Написот не содржи говор на омраза.
Заклучок: Правењето интервју „по мејл“ зема голем замав меѓу новинарите. Како сите да заборавија дека секое интервју има најголема автентичност кога се прави очи в очи со соговорникот, и кога може да се постават низа потпрашања за да се допре до суштината на темата која се обработува. Тоа не значи дека е забрането да се прават интервјуа по писмен пат, но треба да се има предвид дека можеби и нема да ги добиете одговорите на сите прашања кои сте ги поставиле. Во тој случај на површина ќе се појави прашањето: Зошто, воопшто, го направив ова интервју?
.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар