Рецензија: Интервјуто на Груевски за Си-Ен-Ен го растревожи јужниот сосед – реагираше грчкото МНР
Овде станува збор за преземен текст, чија суштина е сериозно променета во однос на оригиналот, а за сметка на тоа се има додадено значителна, пред сѐ, политички обоена, конотација. На неколку места се забележува извртување на фактите, обиди за злоупотреба на искористените изјави, а сето тоа „изспинувано“ преку употребениот наслов, а особено поднасловот.
Она што еден светски реномиран медиум го „спакувал“ во извештај кој треба да претставува заокружување на серијата информации за Македонија, во која влегува и интервјуто на премиерот за истиот телевизиски сервис, е „преаранжирано“ во производ кој недвосмислено покажува дека има дополнителна, но поприоритена политичка цел, во однос на примарната – да информира.
Линк до оригиналниот напис: Интервјуто на Груевски за Си-Ен-Ен го растревожи јужниот сосед – реагираше грчкото МНР
Датум и време на објавување: 15.01.2014, 8:38
Датум на рецензирање: 15.01.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Написот, кој е преземен од друг медиум, се темели на веродостојни наводи, поткрепени со соодветни изјави на соговорници, но она што е најголем проблем е нивното извртување за, најверојатно, книжење политички бодови. Едноставно кажано, текстот, преку коректната фактографија наведена во оригиналот, ни кажува дека „владата води добра, а опозицијата деструктивна политика за прашањето за името“. Прво што се забележува е дека не е докрај и во целост пренесен текстот објавен на CNN, туку се преземени само одредени делови. Оттука произлегуваат и недоследностите.
„И додека во интервјуто македонскиот премиер говореше за фактите, за одбивањето на поканите за средба со Самарас, за пресудата од Хаг и за Времената спогодба, реакцијата на новиот портпарол на грчкото МНР се сведува на старата излитената грчка реторика“
стои во текстот, додека во оригиналот никаде не се вели дека имало рекација од портпаролот на грчкото МНР, туку дека тој вели за CNN, што, пак, е сосема поинаква категорија. На официјалниот сајт на грчката дипломатија никаде нема официјална реакција на интервјуто на македонскиот премиер. Дипломатскиот речник е многу прецизен – една работа и сосема поинаква тежина дава официјално да се реагира, а друга да се одговори на поставено прашање. Затоа може да се каже дека вистинитоста е извртена. Дополнително, кредибилноста на пренесениот текст е ставена под знак прашалник и поради фактот што во него отсуствува еден од клучните пасуси кои ги има во оригиналниот напис, а и во интервјуто – а тоа е дека премиерот не дал јасен одговор на прашање дали се разгледува можноста за отстранување на терминот Македонија од името на земјата.
„Прашан дали владата би размислила за тргање на „Македонија“ од своето име Груевски кажа: Има многу делови во овој проблем.. ако има дијалог, верувам дека можеме да најдеме решение“
пишува CNN.
Извори на информации: Наведени се неколку кредибилни соговорници. Но, нивните изјави и согледувања во овој текст како да одат во втор план за сметка на „пораката на премиерот“, која како што се вели, „го растревожила јужниот сосед“.
Содржајност: Ја има, но далеку повеќе во оригиналот, кој е засилен и со мултимедијални елементи, отколку во овој напис кој ѝ се нуди на домашната публика. И овој сегмент е начнат поради селективноста во тоа кои делови од материјалот на CNN ќе се преземат, а кои ќе се отфрлат. Притоа критериумите „што ќе мине, а што не“ како повеќе да се политички, отколку новинарски.
Пристрасност: Оддалеку се гледа дека ја има, доволно е само да се прочита насловот, но и поднасловот. Пристрасноста, според напишаното, е од политички карактер. Тоа, на пример, се гледа и од следнава формулација:
„Во ист ден во Брисел, на средба со еврокомесарот Филе, додека шефот на австриската дипломатија повикуваше името да не биде пречка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, раководството на СДСМ, Заев и Шеќеринска, наместо да инсистираат на почитување на пресудата од Хаг и петте препораки за старт на преговорите, на Филе му нудеа решенија за името“.
Коментирање: Се забалежуваат обиди за коментирање кои не ја појаснуваат сликата, туку повеќе го зајакнуваат впечатокот за политичка неизбалансираност на овој текст.
„И додека премиерот Груевски инсистира на почитување на пресудата од Хаг, а поддршката за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без решение за името расте, единствено што на Грците овој период им оди во прилог се позицииите и изјавите на македонската опозиција предводена од СДСМ“.
Оригиналност/Плагијат: Станува збор за преземен текст, што е јасно наведено, но истовремено треба да се каже дека тој не е во целост пренесен. Како што веќе рековме, некои делови зе „филтрирани“.
Квалитет на насловот: Насловот, заедно со поднасловот, спаѓаат во најлошите елементи од текстот. Формулирани се тенденциозно и во насока „едни да бидат глорифицирани, други да бидат кудени“. Оригиналниот текст на CNN не може да се стави во релација со овие насловни конструкции наменети за „домашна употреба“:
„Интервјуто на Груевски за Си- Ен- Ен го растревожи јужниот сосед – реагираше грчкото МНР“
„ВМРО- ДПМНЕ и натаму го вознемирува, а СДСМ го радува јужниот сосед“
Тие се сосема надвор од утврдени професионални стандарди дека, како што се вели во книгата „Новинарски жанрови“: „Во еден извештај наднасловот воведува, насловот информира, поднасловот дообјаснува и загатнува.“
Фотографија: Употребена е фотографија од текот на интервјуто на премиерот за CNN. Станува збор за коректна фото-илустрација.
Заклучок: (Не)намерно лошо спроведено пренесување на веќе готов текст, со јасно и наменско „отстранување“ на исклучително значајни делови од оригиналот, поради, можеби нивната проблематичност, за одредени политички кругови во земјава, а сето тоа зачинето со дополнително напаѓање на опозицијата. Нејасно е или, пак, е јасно, зошто едноставно не е пренесен написот на CNN во целост?
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар