Рецензија: Испочитувани изборните рокови

www_dnevnik_mk_default_asp_ItemID3F8AFB907A70984C8CBF5197FBB58266-crop-resize

„Измените на Изборниот законик од јануари претставуваат напор да се одговори на најголем дел од препораките. Сепак, голем број прашања што предизвикуваат загриженост остануваат неодговорени, вклучувајќи го и прашањето за нееднаквост на гласовите од гласањето во земјата и во странство, нееднаквост на мандатите на парламентарните избори во странство, и условот за обезбедување најмалку 40 отсто излезност во вториот круг на претседателските избори, оцени вчера набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во својот периодичен извештај од мониторирањето на изборниот процес“.

Тоа е воведот и речиси крајот од веста за извештајот на оваа значајна набљудувачка мисија за изборите што ни претстојат. Веста има по една реченица за одделните забелешки, иако тие се многу подетално елаборирани и тоа со забелешки што одат и на сметка на актуелната власт. Имаме обид за минимизирање на значењето на подготовките за изборите и, секако, за тоа како тие ќе се одразат врз конечниот исход на гласањето, а со тоа колку ќе бидат тоа избори во духот на демократијата, како што таа се подразбира во земјите до чие мислење ни е дојдено.

'Испочитувани изборните рокови'

Линк до оригиналниот напис: Испочитувани изборните рокови

Датум и време на објавување: 03.04.2014, 16:58

Датум на рецензирање: 07.04.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Од времето на политичкиот плурализам во земјава извештаите на меѓународните фактори за тоа како се подготвуваат и спроведуваат изборите се особено значајни. Многу се значајни сознанијата што неодмана ни ги понудија странските наблудувачи ОСЦЕ/ОДИХР за досегашниот тек на предизборието.

Извештајот го објавија речиси сите медиуми, иако најголем дел од нив со скусувања, а некои и во битни сегменти, со што добрите и лоши забелешки се комбинирани така што читателот ќе извлече заклучок за задоволство на странските аналитичари по темата според нивната перцепција! Дури на тоа се дава и наслов кој нѐ фали…

 

БЕЛЕЊЕ НА ЦРНОТО

Може да се рече дека овде релативно задоволително е пренесена оценката на ОСЦЕ/ОДИХР за поготвеноста на изборната администрација, за текот на седниците на ДИК и содржана е забелешката за тоа дека кандидатите за избор на претседател на Републиката почнаа да ги промовираат своите кандидатури при нивните посети низ земјата пред да почне кампањата. Нема детали кои приговори до ДИК се прифатени, а кои одбиени и кој ги поднел.

Но, во овој новинарски извештај нема детали кои се битни и кои влијаат на вистинитоста, значат криење на битни сегменти и на содржајноста воопшто, во однос на она што значи недозволено рано започнување на кампањата.

Така, „актуелниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, и шефот на владата, Никола Груевски, со презентацијата на отчетот на ВМРО-ДПМНЕ на 22 март, во кој се содржани постигнатите резултати на партијата на власт во изминатиот период и со постојаните настапи на владините функционери во медиумите, има индиции за кршење на членовите 69-а и 75-б од Изборниот законик“ (цитирано според невладината организација Цивил, која единствено го потенцира тој факт ).

 

ПРЕРАНО НА СТАРТНАТА ЦРТА

ОСЦЕ/ОДИХР, упатува на членот 69-а од Изборниот законик, каде „за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“. Додека членот 75-б е дециден дека „известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“.

Таа почетна, не и мала, многу битна редукција најавува поевидентно селектирање на извештајот во понатамошната содржина на истиот. Особено во делот каде се говори за јазикот на омразата. Веројатно бидејќи во тој дел извештајот ги споменува говорите на премиерот!?

Имено, во Извештајот се истакнува дека почетокот на кампањата беше обележан со реторика на етничка поделеност. Но, овде го нема објаснувањето на оваа забелешка, што е особено битно.

„Премиерот ги повика етничките Македонци да му осигураат чисто мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ од 62 мандати со цел да се избегне притисокот од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека пак лидерот на ДУИ ги повика етничките Албанци да ѝ помогнат на партијата да обезбеди 25 мандати со цел да може да има поголемо влијание во владата“. (цитат според Утрински ).

 

НЕДОЗВОЛЕНА РЕТОРИКА

Овој изоставен дел ги амнестира главните носители на таа недозволена реторика и со тоа од извештајот го изоставува клучниот дел на забелешките, бидејќи кога коалиционите партнери во власта на тој начин ги дефинираат своите цели, тие, така да се рече, долеваат бензин на и онака разнишаните меѓунационални односи, кои на секои избори раѓаат сериозни инциденти и ги насочуваат гласачите да се ориентираат кон партии и кандидати кои стојат во „националните ровови“.

Во написот го нема и делот од извештајот кој се однесува на обврските на медиумите во кампањата. Согласно Изборниот законик, пишува во периодичниот извештај, радиодифузерите се обврзани да ја покриваат кампањата на правичен, избалансиран и непристрасен начин.

Сите кандидати за претседател на Републиката имаат право на медиумско претставување согласно принципот на еднаквост, додека, пак, кандидатите во парламентарната изборна трка се покриени согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Новите одредби од законикот предвидуваат детални барања за јавниот радиодифузен сервис, односно за Македонската радио и телевизија, за обезбедување на покривање на изборите во текот на изборната кампања“. (цитирано според Република).

Така еден извештај со многу конкретни и суштински забелешки за тоа како започнаа предизборните активности на политичките субјекти и на државните органи се претвори во некаква рутинска „белешка“ за не толку важни и влијателни сегменти од нашата политичка стварност. Дури и кога сите „дребулии“ можат многу сериозно да се одразат врз демократијата, правдата и потентноста на некои од партиите и политичарите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција