Рецензија: Истрагата за „кингерот“ откри – пилотите не се виновни

utrinski-istragata-za-kingerot1-crop-resize

„Претседателот на Комисијата, Омер Кулиќ, во интервју за „Утрински весник“ пред неколку месеци изјави дека се направени некои системски грешки и дека затоа сакаат да утврдат зошто се случила несреќата. Предмет на интерес на истрагата изминатиов период според него била организацијата на службата за летање, дали таа работела по меѓународни стандарди, колку Агенцијата за цивилно воздухопловство ја вршела својата работа во смисла на тоа дали спровела надзор, контроли, прегледи. Дали е направено квалитетно сервисирање на авионот во Германија. „Повторно ќе се видат црните кутии, бидејќи во една од кутиите во која треба да има записи од летот нема ништо“, најави тогаш Кулиќ“.

Ова e дел од написот со кој се прави спој на едно старо интервју, специјално дадено за овој медиум и најновите сознанија на истрагата за авионската несреќа во која загина претседателот на Македонија, Борис Трајковски, како и дел од неговата постојана екипа. Во написот, односно насловот, се сугерира нешто што не произлегува од текстот, па како да имаме обид за сензационализам, некарактеристичен за овој дневен весник и излегување од стандардите кои вообичаено се исполнуваат во „Утрински“.

Утрински - Истрагата за Кингерот утврди - пилотите не се виновни

Линк до оригиналниот напис: Истрагата за „кингерот“ откри – пилотите не се виновни

Датум и време на објавување: 09.01.2014

Датум на рецензирање: 10.01.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Написот се базира на најновите изјави на одговорните во Босна и Херцеговина со кои се означува крај на (втората) истрага за оваа несреќа и се најавува предавање на анализата на Обвинителството на оваа држава. Потоа, Обвинителството треба да одреди дали има основ за покренување на обвинение, против кои лица или институции, како и дали е неопходно да се спроведат додатни истражни дејствија.

Оваа ситуација добро ја отсликаа речиси сите медиуми во Македонија, со исклучок на овој, кој прави „атракција“, ослободувајќи ги однапред оние кои беа со првата истрага прогласени за виновни (пилотите на кингерот), а насочувајќи ја адресата на виновниците на друга страна. Нема основ во текстот за такво тврдење на авторот на насловот.

Извори на информации: Претседателот на Комисијата, специјално формирана за истрага на смртта на претседателот Борис Трајковски, Омер Кулиќ, е извор на текстот. Тој даде изјава за голем број македонски медиуми, кои разбирливо беа заинтересирани за исходот од истрагата. „Утрински“ не бил на лице место и немал можност да поставува прашања, туку ја зел изјавата која Кулиќ ја има дадено за Македонската телевизија и ја интерпретирал.

Содржајност: За да ѝ додаде своја боја на веста, весникот цитира и делови од претходното ексклузивно интервју кое Кулиќ го има дадено заистиот весник. Тоа секако дава некаква поголема содржајност и ги открива мотивите на правните институции во БиХ за покренување на нова истрага. И тоа секако е професионален пристап, бидејќи потсетува на она што било предтекст на истрагата на Кулиќ и неговите соработници.

Пристрасност: Се добива впечаток дека редакцијата како длабоко да верува во невиноста на дотогаш обвинетите за оваа несреќа. Таа се потпира повеќе во мотивите на новата истрага (мора да има индиции за да се покрене нова постапка, нели), ама таквата поставеност на редакцијата (рубриката или одреден новинар), пак, наликува на рушење на пресумпцијата на невиност кај останатите фактори (контролата на летање, механичари …).

Коментирање: Делот од текстот во кој стои дека „истрагата во најголем дел се разликува од првичната според која вината за несреќата беше лоцирана кај пилотите кои загинаа. Со симулација на автентичен лет на релација Скопје – Мостар, истражителите утврдиле отстапување од процедурите за летање, а проблеми лоцирале и во инструментите за навигација“ е своевиден коментар на истражувачката работа, бидејќи, во телевизиското интервју на директно прашање кој е виновен и дали може да ја лоцира вината, овој истражител одби да биде воопшто дециден и рече дека тој на обвинителството ќе му даде факти, а на него е (на обвинителот) да утврди дали има основ за промена на првите сознанија и кого вентуално би го обвинил ако има обвинение. Ова го нема во текстот!

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за преработен пренос на интервјуто на Кулиќ за МТВ и има, како што напоменавме, делови од постаро интервју за истиот весник. Написот не е потпишан, барем со она – обработил!

Квалитет на насловот:Клучот на кршењето на принципот на пресумпција, односно прелесното ослободување од вина на досега обвинетите е во насловот. Секако и во поднасловот: „Истрагата се разликува од првичната, според која вината за несреќата беше лоцирана кај пилотите“.

Но, никаде на друго место!. Значи насловот виси, па тоа може да е непрофесионалност на уредниците, а не на самиот преработувач (приредувач) на веста земена од друго место. Имено, во насловот стои дека пилотите не се виновни, што никој тоа не го рекол, ниту потврдил, сеедно, не оставил место за извлекување на заклучок од тој тип.

Фотографија: Текстот има стара фотографија од местото на несреќата, со мал портрет на претседателот во неа. Се работи за обична илустрација.

Заклучок  Овој случај е поврзан со одредена теорија на заговор (дека тоа не е несреќен случај, туку намерно предизвикана смрт на македонскиот претседател, да потсетиме) и оттаму се бара голема внимателност во третманот на оваа  материја. Значи, дури и да има нови факти во однос на дејствувањето пред катастрофата кај низа чинители, тоа не мора да значи дека досегашната вина се трга од „дневниот ред“. Што ако се утврди дека и пилотите имаат своја вина, како и некои други чинители, на пример. Како тоа ќе им се објасни на читателите? Или дали се готви теренот за останување на теоријата на заговор?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција