Рецензија: Иван Исцелител НАЈТОЧНИОТ ПРЕТСКАЖУВАЧ ВО СВЕТОТ – Еве што се има предвидено досега!

b-0987-0987-crop-resize

Ха, ха, ха, ха, ха. До кое дереџе е дојдена работата штом вакви текстови ѝ се пласираат на јавноста како кредибилни новинарски производи. Неверојатен е недостигот од усул и од критериум што е информација, а што е класична зафрканција. Не знам како поинаку да го окарактеризирам овој текст во кој ни се пренесуваат „видовитите достигнувања“ на некој си наш домашен Иван Исцелител, кој, според напишаното, го надминува дури и легендарниот Нострадамус. Па, на таа ептен конфузна и, да бидам искрен, прилично плитокумна содржина, ѝ е накалемен еден сочен наслов, додека, пак, крајот на написот е украсен со коментар со „невиден стил и пристап“. Кога сето тоа ќе се искомбинира, добиваме некаков си „медиумски Молотов коктел“, кој експлодира на страниците на конкретниот информативен портал. Страшно!

bЛинк до оригиналниот напис: Иван Исцелител НАЈТОЧНИОТ ПРЕТСКАЖУВАЧ ВО СВЕТОТ – Еве што се има предвидено досега!

Датум и време на објавување: 28.11.2014 10:50

Датум на рецензирање: 30.11.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НЕ Е ВЕТЕР И МАГЛА, НИТУ ЛУК И ВОДА, А УШТЕ ПОМАЛКУ БОЗА

Претскажуваштво, исцелителство, видовитост, па и уште прецизност, човекот не греши, абе сè погаѓа. Невидено. За личноста за која се зборува во написот нема што да се каже, освен секој со своето. Ама затоа, за текстот и тоа како има. Ваков „состав“ не би поминал во пониските одделенија во основно училиште, а во нормална редакција никако. Треба многу „ум“ да му се придаде првокласно значење и тежина како на топ-информација декa во јануари ќе имаме снег во Македонија. Мислам, навистина, процената е „извонредна“. Која би била новинарската мотивираност, од информативен аспект, да се прави цел „омаж“ за некаков си исцелител, освен ако не е за во новогодишна забавна емисија или, пак, за рубриката „верувале или не“?! Но, напротив, во овој текст на конкретната личност ѝ се дава значење дека сè што кажала е апсолутна вистина. Сè има граници, така и забавата. По првичниот шок, насмевката се губи од лицата на читателите, бидејќи увидуваат дека сè се сведува на тоа како да е некава шега што и јасно го кажуваат во коментарите под самиот напис. Колку за илустрација, еве само сегмент од минатите настапи на оваа личност, понуден преку дополнителните линкови во текстот кој се анализира и кои би требало да осведочат за неговата вистина на што, на пример, се должи промената на времето?!

„Едноставно заклучокот е едноставен што го кажува БОГ зимно време се грејат многу луѓе и домови што на земјава планета изнесува седум милијарди луѓе и затоа топлината од домовите и автомобилите го грејат воздухот и зимите во последно време се потопли секоја година се зголемува бројот на моторни возила“, изјавил Иван Исцелителот и дополнил:

„Летно време во последниве години се зголемува бројот во светот кои користат разладни уреди клими со тоа се лади целокупно воздухот и летата во последно време се поладни“…

Понуденото содржински не е ветер и магла, ниту лук и вода, а уште помалку боза. Ајде нешто и за вистинитоста и за тоа колку „погодил“ бомбастично најавениот стопроцентен гатач. Тој за 2014 година рекол дека во Русија „ќе се оправи економија“, а оваа земја поради намалената цена на нафтата има и ќе има каде, каде помали приходи. Тој прогнозирал дека во Африка ќе има конфликти, па на овој континент половина век континуирано има помали или поголеми судири, ама затоа, пак, не „ја видел“ епидемијата на еболата. Толку за тоа колку е меродавен видовитиот исцелител.

Сепак, тоа не попречило да се закачи наслов:

„Иван Исцелител НАЈТОЧНИОТ ПРЕТСКАЖУВАЧ ВО СВЕТОТ – Еве што се има предвидено досега“

Сепак, врвот на сè е крајот на текстот, обединет во коментарот:

„Па затоа македонци да го чуваме и негуваме нашиот месија Иван како очи во главата, бидејќи иднината на Македонија е со Иван!“

Ако иднината на земјата зависи од овој човек или, како што се опишува – месија, тогаш ајде сите да бегаме, а ако иднината на новинарството наликува на вакви написи, тогаш подобро ќе биде предвреме да се пензионирам.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција