Рецензија: Иванов со народот, а Пендаровски со третиот ешалон на амбасадите

denesen_mk_web_2014_03_13_ivanov-so-narodot-a-pendarovski-crop-resize

Станува збор за уште еден од низата написи кои се нижат во медиумите , а се занимаваат со политичкиот профил на претседателскиот кандидат на опозицијата, со видлива тенденција да го оцрнат во јавноста.  Овој спинерски производ насловен: „Иванов со народот, а Пендаровски со третиот ешалон на амбасадите“,  прозвучува како  едниот кандидат (на владејачката партија) да има цврст линк со народот, а другиот (на опозицијата) тенка врска со дипломатите. Всушност, идејата е да се испрати двојна порака за Пендаровски: дека тој не е човек од народот, но, исто така, нема ниту комуникација со странците на репрезентативно ниво!

FireShot Screen Capture #219 - 'Иванов со народот, а Пендаровски со третиот ешалон на амбасадите I Денешен весник' - denesen_mk_web_2014_03_13_ivanov-so-narodot-a-pendarovskiЛинк до оригиналниот напис: Иванов со народот, а Пендаровски со третиот ешалон на амбасадите

Датум и време на објавување: 13.03.2014, 13:09

Датум на рецензирање: 15.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

СРАМНА КОНСТРУКЦИЈА

Посетата на Иванов  на Делчево и  на неколку градови во државата, како и средбите на Пендаровски  со заменик амбасадорката на Велика Британија, Кристин Винтербурн и со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс, се искористени за да се направи една срамна конструкција:

Па така бевме информирани дека Иванов бил во Делчево меѓу народот, а Пендаровски со заменик амбасадорот на Британија, значи не било кој туку заменик на амбасадорот, дури не ни со самиот амбасадор. Знаеме дека партиите сметаат дека јавноста одамна паѓа на авторитети од странство по принципот не е важно кој е и што е ама важно странец да е, ама се чини дека сега беше достигнат врвот на оваа трагикомична тенденција…

 

Веројатно откако ќе се помисли дека се достигнува врвот, колуминацијата тек следува. Пендаровски се сретнал и со Шефот на набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР.Не дека народот е за потценување, но шеф си е шеф и не било каков туку на набљудувачка мисија и за тоа секако е информирана јавноста.

Па на еден недоличен начин, сакајќи да се исмее Пендаровски , всушност се навредуваат странските дипломатите.

Инаку, истиот ден, како што објавија медиумите, Пендаровски се сретнал и со амбасадорот на Хрватска, Златко Крамарич, но тоа во текстот воопшто не се споменува. Веројатно оваа средба не се вклопувала во приказната, дека комуникацијата на Пендаровски со странците е на ниво на „трет ешалон“!

Исто така, не е спорно и нема причина да се сомневаме во вистинитоста  на информацијата дека Иванов, во деновите кога Пендаровски се сретнал со диппломатите, „остварил средби со граѓани во десетина градови.“ За овие посети на актуелниот претседател известуваа  повеќе  медиуми.  Впрочем, деновиве имаше и детална информација дека „Иванов за осум дена посетил повеќе од 70 населени места во Македонија“.

Но, каква врска имаат споменатите посети со ингеренциите кои според Уставот (член 84) ги има претседателот? Никаква.

Имено, во членот 84  е прецизно наведено дека  претседателот:

  • го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
  • предлага двајца членови на Судски совет на Република Македонија
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
  • ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и
  • врши други функции утврдени со Уставот.

Од ова се гледа дека шефот на државата воопшто нема никави надлежности во локалната самоуправа. Тоа не значи дека претседатолот не треба  (во текот на мандатот, или како кандидат во кампањата) да посети поголеми или помали населени место во општините низ државата, да разговара со луѓето и да ги слушне нивните проблеми. Не станува збор ниту за тоа дека тие средби се неважни, ниту, пак, на нив треба да се гледа со потценување. Проблемот е што тоа се претставува на начин како претседателот да има уставни овластувања да ги решава комуналните проблеми на месното населени! Со ваквиот пристап, од една страна, се манипулира со надежите на локалните жители, а од друга, се девалвира институцијата Претседател, која, пак, според Уставот, е највисока функција во државата.

 

ТЕЖИ ОД ИРОНИЈА И САРКАЗАМ

Материјалот што го рецензираме се повикува на споменатите средби на Иванов и на соопштенијата од СДСМ за средбите на Пендаровски со дипломатите. Но, тој е целосно едностран, просто зрачи со пристрасност (кон владејачката партија)  и е напишан во коментаторски манир, вклучувајќи го и насловот. Всушност, целиот текст е коментар, во кој со омаловажувачки тон се напаѓа кандидатот на СДСМ за претседател. Написот, од почеток до крај, тежи од иронија и сарказам. Во него се нижат коментари  од типот:

 …со доза на реторичка експлозија во партиско соопштение на СДСМ…

 

…. и во државнички чин смета дека за тоа е потребно да ја информира целата јавност…

 

 

…. намерата на СДСМ во оваа кампања е да го престави Пендаровски во стил на државник кој ете се сретнал со заменик на амабасадор

 

 …но останува нејасно по што е важна оваа средба за граѓанинот од Делчево, Пехчево или Митрашинци или Струмичко дабиле, па и Скопје сеедно

За во заклучокот на текстот во истиот стил да се констатира: 

Останува јавноста да суди дали одлучувачко влијание на изборите ќе имаат заменик амбасадорот или народот. Или е во прашање друга стратегија која нам ете обичните не ни е разбирлива.

При што последната реченица прозвучува како опозицијата и нејзиниот пртеседателски кандидат да имаат некакво заговорничко сценарио!

 

ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА НЕВКУС

За одбележување е и тоа што нивото на кое комуницира текстот  е спуштено на исклучително ниски гранки. Во него се демонстрира едно непримерно поведение што делува прилично навредливо кон странците, осоено кон заменик-амбасадорката на Велика Бриранија, но и кон шефот на  мисијата на ОБСЕ .

Недолично и срамно за еден медиум е да се потсмева и да ја маргинализира функцијата и улогата на кој било дипломатски претставник на странска држава:

И до кога ќе се смета дека средба со заменик на амбасадор е позиција која и во меѓународен ранг е еднаква на службеник во било кое министерство на институција во Европа е доволно голема да биде третирана во јавност а и од тоа да се гради имиџ.

 

…шеф си е шеф и не било каков туку на набљудувачка мисија и за тоа секако е информирана јавноста.

Тоа во најблага форма кажано претставува олицетворение на невкус.

Како илустрација за текстот е избрана поголема фотографија  на Пендаровски снимена во некоја просторија, на која се гледа како тој објаснува нешто со едната рака. Фотографијата треба да го долови впечатокот дека Пендаровски е „кабинетски, салонски“ политичар.

Во овој наменски скроен текст е видлива намерата по секоја цена да се дискредитира кандидатот на опозицијата. Иако, во самиот старт,  неименуваниот автор открива дека „фаќал забелешки и ги набљудувал чекорите на двата условно кажано големи табори“,  што делува како да се подготвувал за аналитично четиво, веќе во следниот пасус станува кристално јасно дека се работи за политички памфлет!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција