Рецензија: Изјава на инспектор од УЈП: Со сила не тераат да им пишуваме казни на фирмите бидејќи буџетот е празен

iiss-crop-resize

Вовед: Една од основните задачи на новинарот е да ја провери информацијата, да се обиде да ја атрибуира (ако не целосно, барем поблиску) и да го увери читателот во веродостојноста на фактите. Оваа проширена вест не ги исполнува базичните критериуми наведени погоре, а прикриено промовира и теза дека законот во Македонија се спроведува селективно зависно од етничката припадност на сопствениците на бизнисите. Иако ова не е експлицитно кажано, сепак може да се почувствува. Притоа авторот, криејќи ја својата скептичност кон тоа дека Албанците се казнувани пред законот, настапува и со прашање во последниот параграф „А која е причината?“.

iissЛинк до оригиналниот напис: Изјава на инспектор од УЈП: Со сила не тераат да им пишуваме казни на фирмите бидејќи буџетот е празен

Датум и време на објавување: 17.11.2013; 16:25

Датум на рецензирање: 17.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Во  воздух останува да виси секој обид да се утврди веродостојноста и вистинитоста на изнесените тврдења во текстот.  Тој содржи анонимни изјави што го вклучуваат црвеното светло за тоа од каде се донесени заклучоците дека во еден дел од Македонија казните се помногубројни и поригорозни, а во другиот не се. Нема никаква статистика. Уште попроблематично е тоа што исказите кои ги дава анонимниот инспектор во УЈП се многу тешко докажливи.

Извори на информации: Изворите се анонимни и не се лоцирани поблиску. Нивните искази се преопшти за да може воопшто да се потврди нивната вистинитост дури и да ја кажуваат вистината. На моменти авторот самиот се става во позиција на „сведок“ на настаните, со што се става во ситуација да коментира наместо да известува (согласно жанрот што го презентира пред читателите).

„Газдите и стопанствениците на претпријатијата од Кавадарци и Неготино се убедливо најпримерни кога станува збор за инспекциска контрола посетена од органите на УЈП.“

Исто така, се забележува една често користена форма на манипулација со читателите, а тоа е тенденцијата да се генерализира некоја појава, иако за неа изјава дал само еден извор. На пример, на почетокот на текстот се вели:

„Инспекторите од регионов се зачудени од инфериорноста на кавадаречките претпријатија и лидерите на кавадаречкиот бизнис сектор заради секојдневниот терор и притисоците кои ги трпат а притоа не се помрднуваат ниту со малиот прст.“

Во што е проблемот? Во целиот текст се користи само еден (дури и анонимен) инспектор како извор.

Содржајност: Текстот е содржински и суштински сиромашен. Евидентно е дека во него се користат формулации кои се претставуваат како „генерални вистини“, но не се презема чекор понатаму за да се обвистинат или да се потврдат. Авторот можел да го спречи овој пропуст ако побарал статистика од изречените казни во различни периоди.

Пристрасност: Во написот е забележлива политичката пристрасност и извесен „етноцентризам“. Авторот ја дели Македонија на региони и врз основа на анонимни изјави известува за тоа каде интензитетот на казнувањата е најголем и како инспекторите се третирани од компаниите. За ова нема ниту еден реален пример, ниту, пак, доказ.

 Коментирање: Написот изобилува со коментари, а некои од нив авторот се обидува да ги претстави како генерални вистини.

„Газдите и стопанствениците на претпријатијата од Кавадарци и Неготино се убедливо најпримерни кога станува збор за инспекциска контрола посетена од органите на УЈП“.

„Инспекторите од регионов се зачудени од инфериорноста на кавадаречките претпријатија и лидерите на кавадаречкиот бизнис сектор заради секојдневниот терор и притисоци кои ги трпат а притоа не се помрднуваат ниту со малиот прст“.

„ Кавадаречкиот бизнис сектор се наоѓа на снајпер мета во последниот период и тоа со засилено секојдневно темпо. И никој не реагира по тој основ. Ниту граѓанинот, ниту бизнисмените ниту пак опозицијата.“

„Спротивно од централна и источна Македонија, сликата во западниот дел од државата е сосема различна. Кога инспектор од УЈП треба да оди во контрола на фирма од овој регион, претходно се согласувал подобро да го избркаат од работа отколку да оди да врши контрола во прегратките на Шар Планина и околината. А која е причината?“

Оригиналност/Плагијат: За текстот е наведен како извор порталот „Мојот град“. Овој текст е сосема идентичен со оној на локалниот портал.

Квалитет на насловот: Насловот е премногу долг и ја раскажува целата приказна сумирана во изјавите. Тој е некреативен, паушален и, се чини, составен без многу напор.

Фотографија: Фотографијата е поткрепа на насловот и на текстот, соодветна е и неманипулативна.

Заклучок: Анонимните изјави не се од голема помош во ситуации кога текстот не е поткрепен со други, официјални, веродостојни извори. Тие, сепак, се корисни како траги за дополнителни новинарски истражувања кои може да ја докажат проблематиката која се испитува. Текстот има сериозен проблем да го разубеди читателот дека се темели на реален извор. Уште повеќе, кога еден извор се користи да покаже тенденција или тренд, јасно е дека станува збор за генерализирање кое неретко води кон манипулација и спин. Порталот кој ја презема веста од „Мојот град“ има иста одговорност за позитивните и за негативните страни на написот. Коментарите се нижат во речиси секој параграф, а кулминираат со чуденката на завршетокот. Во дел од пасусите инспекциските контроли се претставени како проблем само зашто постојат, а не поради нивното неправилно спроведување.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција