Рецензија: Изјавите на Шеќеринска ги радуваат Грците

Изјавите-на-Шеќеринска-ги-радуваат-Грците crop resize

СДСМ и Грција имаат исти ставови за спорот со името и ја оцрнуваат Македонија во грчките медиуми и меѓународната заедница. Ова е манипулацијата на овој напис за интервјуто на потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска дадено за грчката верзија на интернет сајтот Еурактив, кое потоа е преведено на англиски и француски јазик. Изјавите на Шеќеринска, во кои таа ја анализира политичката ситуација и ставовите на Македонија и Грција за спорот со името, се подведени под насловот „Груевски го користи името за да создава внатрешни непријатели”. Може да се каже дека станува збор за валкан текст кој се обидува интервјуто на Шеќеринска да го претвори во напад врз сопствената земја, а неа и СДСМ за главни виновници за комплексната ситуација во која се наоѓа Македонија во спорот со името и доближувањето кон ЕУ.

Изјавите на Шеќеринска ги радуваат Грците - 2013-09-27_18.52.52Линк до оригиналниот напис:Изјавите на Шеќеринска ги радуваат Грците 

Датум и време на објавување: 25. 09. 2013 10:03

Датум на рецензирање: 27. 09. 2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Текстот се темели врз интервјуто на Шеќеринска дадено за грчката верзија на сајтот Еурактив. Но, изјавите на Шеќеринска се сосема изместени и таа е обвинета дека има исти ставови како и Грција која го обвинува премиерот Груевски дека не сака да го реши спорот со името. Оттука наводите врз кои се темели текстот (интервјуто на Шеќеринска) се основа за манипулација во која зборови на потпретседателката на СДСМ се ставени во функција на тезата која сака да ја докаже текстот.

Никаде во интервјуто Шеќеринска не ги споменува реформите за влез во ЕУ, но текстот ја обвинува дека се пожалила што Груевски не прави реформи.

“Таа не пропушти да им се пожали на Грците дека Груевски наводно не ги правел неопходните реформи во општеството – теза која што јужниот сосед исто така упорно се обидува да ја пласира во рамките на Европската Унија, во обидот да издејствува негативен извештај за Македонија и не добивање препорака за одредување датум за старт на преговорите со ЕУ.”

Извори на информации: Во овој текст изворите на информации се точно наведени. Се цитираат грчките медиуми кои го пренесуваат интервјуто на Шеќеринска за грчката верзија на “Еурактив”. Изворите се релевантни, но овде проблемот е во тоа што изјавите на Шеќеринска се толкуваат за да се смени смислата на исказите и да се докаже дека единствена цел на македонската соговорничка е да ја оцрни сопствената држава.

Содржајност: Текстот не го задоволува критериумот на содржајноста. Тој крие информации. Сѐ се базира врз изјавите на Шеќеринска за грчкиот медиум, но македонскиот медиум не направил напор да провери дали неговите обвинувачки информации се навистина точни. Никој не побарал изјава од Шеќеринска за да се види дали нејзините изјави се толку негативни како што се наведува во текстот.  Во текстот се изоставени делови од интервјуто со цел да се прикријат информации со што погрешно се прикажува вистината и им се наштетува на Шеќеринска и опозиционата СДСМ.

Пристрасност: Точно е дека изјавите на Шеќеринска за храбри околу спорот за името како, на пример, следната:

„Мислам дека владите во Македонија и Грција се браќа во криминал поради начинот на кој ги држат двете земји како заложници, и се трудат политички да манипулираат по ова прашање наместо да ги подобрат билатералните односи“, вели Шеќеринска во интервјуто.

Но изјавата дека „Атина и Скопје се браќа во криминалот” е искористена без какво и да е објаснување од кое читателот може да заклучи дека таа без докази ја обвинува македонската влада. Но, во оригиналот на текстот се зборува за “ќорсокак” во спорот за името, кој е постоечки и потоа се додава дека целата ситуација е „игра на двајца губитници“, а двете влади се „браќа во криминал“ по ова прашање.

Оттука е јасна пристрасноста на авторот на текстот кој безобѕирно ја манипулира и дебалансира веста и ја извртува вистината, обидувајќи се фрли негативно светло врз Шеќеринска и нејзината наводна блискост со Атина. Било кој пасус или реченица од текстот е спин за да се докаже “вината” на Шеќеринска. 

КоментирањеТекстот е полн со коментари кои се главното оружје да се изврти вистината иако самиот текст не е коментар, туку пренесување на интервју објавено во странски медиум. Веќе првата реченица тоа го најавува. Авторот на текстот заклучува дека грчките весници, кои го пренеле интервјуто на Шеќеринска, тоа го направиле со огромно задоволство.

„Њузгет”, „Тромактико”, „Ду.гр”, „Аксортагос”, „Пало”, „Њузнау”, „Едисис”, „Зугла”… се само дел од оние што го пренесуваат интервјуто на Шеќеринска, во кое што таа на нивно огромно задоволство, жестоко го напаѓа македонскиот премиер.”

Понатаму текстот ја обвинува Шеќеринска дека не го употребува името “Македонија” во интервјуто што не е вистина.

“Запрашана пак за тоа кое би било „совршеното име” за нашата земја, во својот одговор таа не го посочува нашето уставното и историско име.

„Кога бев мала не го сакав моето име, но потоа сфатив дека да имаш ретко име може и да помогне. Значи, времето е фактор. Како граѓанин на оваа земја, јас бев порасната со името Македонија и навистина не ја разбирам грчката позиција. Но во меѓународната политика, исто како и во внатрешната, понекогаш мора да се решаваат и оние проблеми што изгледаат ирационални”, одговара потпретседателката на СДСМ.”

Текстот потоа додава дека слични изјави имале и поранешниот  и актуелниот претседател на СДСМ и дека со тоа тие и нанесуваат огромна штета на Македонија.

Како врв да манипулацијата може да се додаде и пасусот во кој се вели дека “Катимерини” објавил репортажа за Скопје 2014 година, а дека изјавите на СДСМ се единствените кои го критикуваат проектот.

“Пред само неколку недели пак, грчкиот провладин весник “Катимерини” објави репортажа за проектот Скопје 2014 та, а изјавите со кои жестоко ги критикуваа спомениците на македонските херои беа дадени исклучиво од страна на членови на СДСМ.”

На крајот се додава и пасусот дека Грција и СДСМ имаат исти став за аферата “Шпион” за да ја дискредитираат и да ја претстават како фабрикувана.

“Јужниот сосед и СДСМ се на иста линија и кога станува збор за акцијата „Шпион”, во обидите да ја дискредитираат и претстават како наводно фабрикувана афера.”

Квалитет на насловот: Насловот “Изјавите на Шеќеринска ги радуваат Грците” е сублимат на спинот со кој, и без да го читате текстот, треба да заклучите дека Шеќеринска  е непријател на својата земја и дека нејзина единствена цел е да ја оцрни Македонија.

ФотографијаФотографијата е бирана со внимание за да ја покаже наклонетоста на Шеќеринска кон Атина. Избрана е слика во која потпретседателката на СДСМ е сликана со поранешниот социјалистички премиер на Грција Јоргос Папандреу. Тие двајцата се сликани блиску еден до друг за да се покаже дека и нивните ставови се блиски. Зад нив има огледало на кое се гледа дека Папандреу ја има прегрнато Шеќеринска. Но заборавено е да се каже дека и премиерот Никола Груевски има слики на кои со насмевка се поздравува со Папандреу во текот на средбите кои тие ги имаа во неколку наврати. Во овој момент премиер на Грција е Самарас, а текстот не нашол за сходно да најде понова слика со сегашниот премиер.

Говор на омраза: Иако не може да се најде директен говор на омраза, целиот текст наведува на тоа дека СДСМ и неговите високи функционери не и мислат добро на Македонија и со тоа можат да создадат гнев на читателите кон нив.

Заклучок: Заклучокот се наметнува самиот – дека текстот е пристрасен спин за да се покаже дека СДСМ не ја сака Македонија и се обидува да ја прикаже во негативно светло не само во Грција, туку и пред меѓународната заедница.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција