Рецензија: Излегуваат на виделина првите сознанија што барале и што разговарале Заев и Шеќеринска кај Филе во Брисел

Sitel-Zaev-i-Sekerinska-vo-Brisel-crop-resize

Новинарот секогаш мора да ги проверува фактите. Текстот што е предмет на рецензија е пример за спротивното. Непроверен факт, а нема ниту обид за проверка, е предмет на коментари и анализи на стручната јавност. Тоа не е ништо друго освен шпекулативно новинарство – нешто што е во целост спротивно со професионалните и етичките стандарди.

Sitel - Zaev i Sekerinska vo Brisel.jpg

Линк до оригиналниот напис: Излегуваат на виделина првите сознанија што барале и што разговарале Заев и Шеќеринска кај Филе во Брисел 

Датум и време на објавување: 08.01.2014/17:31h

Датум на рецензирање: 09.01.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Во поднасловот на текстот има две тврдења изнесени од новинарката. Тоа не само што не е поткрепено со никаков извор, туку не е направен ни напор за проверка, така што вистинитоста е сведена на шпекулација.

Извори на информации: За главните тврдења во текстот, поврзани со разговорите во Брисел, нема никаков извор на информации. Анализите и коментарите поврзани со тие тврдења се официјални, т.е. имињата на соговорниците се наведени. Изворите се еднострани.

Содржајност: Бидејќи нема поткрепа од релевантен, макар и анонимен извор за тоа што навистина се разговарало во Брисел, ниту пак друго мислење од понудените, веста е несеопфатна и можеби прикрива информации.

Пристрасност: Тврдењето дека лидерите на главната опозициска партија во државата понудиле некоколку опции за решавање на проблемот со името, кои не се познати за јавноста, но се штетни за Македонија, во старт му дава пристрасност на текстот, која, пак, наликува на политичка. Истовремено, тоа може да се оцени како спин, т.е. извртување на вистината.

Коментирање: Во текстот нема коментаторски елементи од страна на авторот.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан, но наликува на делумна копија, бидејќи истите или слични ставови и тези се појавија и на други медиуми. Авторката на текстот кај двајца од соговорниците навела од каде е преземен ставот.

Квалитет на насловот: Насловот не информира и е некреативен. Бидејќи главното тврдење во текстот е непоткрепено, очигледно е дека авторката или уредниците имале мала заддршка кога го смислувале насловот, па не е ставен наслов со директно тврдење, како што има во самиот текст. Самиот наслов е неточен.

Фотографија: Наместо фотографија е искористен фрејм од видео – прилогот што е емитуван на телевизијата.

Говор на омраза: Во текстот има навредлив говор кој ги дискредитира лидерите на опозицијата, а нивните ставови ги класифицира како антидржавни и анационални. Таквиот говор е препуштен главно на соговорниците кои се цитирани во текстот.

Заклучок: Текстот е класичен пример за шпекулативно новинарство, новинарство кое не е базирано на факти и нивна проверка. Шпекулативноста, се чини, им била јасна и на авторката и евентуално на уредништвото, бидејќи во самиот наслов не се изнесува директно суштината на веста, а таа е дека лидерите на опозицијата разговарале во Брисел за проблемот со името. Но, затоа пак, веќе во првата реченица може да се прочитаат две тврдења кои не се поткрепени со никаков извор, макар нека бил и анонимен.

Заев и Шеќеринска побарале од ЕК да го искористи грчкото претседателство и подиректно да се вклучи во решавање на спорот со името. Предложиле неколку идеи за решавање на долгогодишниот  проблемот,  кои останаа  непознати за јавноста.

Се наметнува прашањето, ако идеите останале непознати за јавноста, тогаш од каде е извлечен насловот – „Излегуват на виделина првите сознанија…“ Шпекулативноста е толку очигледна, што првиот соговорник во текстот прави ограда и вели:

…идеите на Заев и Шеќеринска, доколку навистина биле предложени…

Следните соговорнички се прераскажани, а нивните изјави се преземени од други два медиума. За жал, при пишувањето на текстот не е доволно јасно што е изјава, а што е прераскажано, зашто авторката со ниеден интерпункциски знак не ги одвоила изјавите, кога текстот го подготвувала за на веб.

Текстот не е ниту редактиран добро, бидејќи во третиот пасус првата реченицата е нејасна, зашто нема глагол.

Поранешниот амбасадор  Никовски, идеите на Заев и Шеќеринска доколку навистина биле предложени се добро познати  иако не ги изнесоа пред јавноста.

При преземањето на изјавите на третата соговорничка, надвор од правилата, ставено е само презимето на соговорникот и професијата – професор Додовска. Не е наведено ниту како се вика, ниту каде е професор, ниту што предава, па така, релевантноста на соговрникот е доведена под знак прашање. Сличен пропуст е направен и со претходната соговрничка, бидејќи не е навдено каде е професор, ниту по кои предмети.

Сѐ на сѐ, лош новинарски производ кој по повеќе параметри отстапува од некои професионални правила и етички норми во новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција