Рецензија: Ја научивме ли лекцијата од 1963?

„Скопје се сеќава“ е мотото на официјалното одбележување на 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес. „Капитал“ дава свој придонес во одбележување на овој трагичен ден за Скопје со сериозно укажување на потребата од засилување на стандардите за градба, нивно строго контролирање и почитување сe со цел максимална заштита на луѓето и објектите.

Неделникот „Капитал“ се потрудил да има специфичен текст, кој не се повторува со другите медиуми, во врска со спомeнатиот јубилеј. За тоа има и доволно соговорници од повеќе области, се обидел да ја утврди грижата на државата во однос на превенирањето на ваквите катастрофи со асеизмичка градба, ама со изборот на дел од соговорниците нашол повод да пофали одредена служба која генерално е на лош глас (градежната инспекција) и коjа може да ги има на совест евентуалните идни жртви на нов земјотрес со голема силина во Скопје.

Линк до оригиналниот напис: Ја научивме ли лекцијата од 1963?

рецензија-јa_nauchivme_li_lekcijata_od_1963__aspx-капитал1.pngДатум и време на објавување: 26 јули 2013, 10:10

Датум на рецензирање: 29 јули 2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Амбициите на текстописецот се во согласност со сензибилноста на темата и тоа во основа, за некој кој истиот би го читал без да ги знае локалните прилики, би делувал како сосема солиден прилог по повод 50-те години од земјотресот во Скопје.

Извори на информации: Проблемот кај текстот извира во изборот на соговорниците. Да речеме градоначалникот на Скопје тешко дека има увид во градењето во градот после 1990 г. период за кој, во истиот текст, првиот човек на ИСИЗ, Михаил Гаревски, вели дека се сомнева во асеизмичноста на градбите после тој период! Исто така, се зема изјава од само еден сопственик на градежна фирма кој говори за издржливост и при „јапонски земјотрес“ (Ванчо Чифлиганец), додека кај градежната инспекција, релевантна како сведок на квалитетот на градењето, се зема претставник од Општината Ѓорче Петров, иако тоа е општина која најмалку е карактеристична за оваа тема!

Содржајност: Многубројните соговорници не се спротивставени со своите ставови за да се добие потребната, заокружена слика. Ако Гаревски говори дека приватните фирми и инженерите немаат лиценциран софтвер, немале стручна контрола и дека се особено опасни т.н. надградби, за кои тој вели дека се случуваат за згради кои еднаш го минале земјотресот од 1963 г., нема соговорник кој ќе ги оспори неговите факти! Нема одговори на единствениот соговорник кој релевантно се сомнева во цврстината на градбите од последните две децении!

Во формална смисла текстот го задоволува принципот на содржајност, иако во него, конечно, многубројните „коцкички“ не се сложуваат во една целина во однос на поставената цел.

Пристрасност: Кај пристрасноста на авторот нема намера, но таа се наметнува како дел од една не до крај професионално извлечена линија на соочување на фактите, туку тие механички се редат како изјави и повеќе делуваат како старовремски „лексикон“. Така, потенцијалната драматичност на темата се губи во простото редење на изјавите. Некој од таквото неизвлекување на заклучок, секако, во градежниот занает, има несомнена корист. Тоа важи и за инспекцијата, на чија одговорност мора да биде покажано со прст.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален и во една поширока смисла, со изборот на темата.

Квалитет на насловот: Насловот е помалку амбициозен од поставената тема и ја најавува формалноста која се забележува во понатамошното читање на написот.

Фотографија: Текстот – како своевидна опомена – содржи слика на урната зграда од земјотресот во 1963 година и служи да го илустрира насловот.

Заклучок:  За оној кој денес би требало да купува стан, на пример,  и кој би сакал да се информира каде и зошто треба да се обрати за да добие сигурен дом за себе и семејството, од написот не произлегуваат сигурни насоки.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција