Рецензија: Јадете слободно: откриени 10 најголеми нутриционистички лаги!

Откриени-10-најголеми-нутриционистички-лаги-2013-12-09_10-crop-resize

Текстот потпишан само со името Емилија не заслужува да најде место во новинарскиот жанр. Во него нема, всушност, текст, туку само набројување на повеќе прехранбени производи за кои авторот тврди дека знае дали се добри или лоши за организмот.

Во овој текст можете или да му верувате на авторот или едноставно да го затворите сајтот и да го заборавите во неубедливите интернет искуства. Тој нема да ви открие ништо ново околу вашиот начин на исхрана и, и покрај претензијата дека ги знае тајните на здравата исхрана, нема добро да ве посоветува.

„Лага број 3: Животинските масти се нездрави! Истражувањата покажале дека се целосно здрави.“

Да, секој од нас прочитал или слушнал какво е влијанието на животинските масти. Овде читателот нема да открие како тоа „истражувањата покажале дека се целосно здрави“ или како, за други набројани намирници, се дошло до сознание дека не се добри за да се најдат на вашата маса.

Овој текст не се потпира на ниту еден извор, па дури и на тој на „бабините рецепти“. Авторот едноставно знае што е добро за јадење а што не е!

Пулс 24 - Јадете слободно_ Откриени 10 најголеми нутриционистички лаги! - 2013-12-09_10.40.41

Линк до оригиналниот напис: Јадете слободно: откриени 10 најголеми нутриционистички лаги!

 Датум и време на објавување: 20.10.2013

Датум на рецензирање: 09.12.2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Вистинитоста на овој текст е, во најмала рака, дискутабилна. Во наведените совети за тоа што треба и што не треба да се јаде, само експерт со научни сознанија може да ја даде вистината. Авторот не разговарал со експерти, лекари или нутриционисти, па оттука неговите тврдења се некредибилни.

Извори на информации: Во овој текст нема извори на информации.

Содржајност: Овој текст, едноставно, нема содржајност. Во него само се набројуваат намирници и се кажува која од нив е добра за јадење а која не.

Оригиналност/Плагијат: Не може да се утврди дали текстот е плагијат или не.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички. Тој претендира дека на читателот ќе му ја открие вистината за тоа која храна е добра, а кои се лагите на кои смеете да им верувате.

Фотографија: Фотографијата е непотпишана и е ставена како илустрација.

Говор на омраза: Не е применливо.

Заклучок: Во текстот, од 1 до 10, се набројува храната која треба или не да ја јадете, без да се дадат какви и да е научни елементи или логично објаснување за тоа како авторот на текстот дошол до сознанието дека, на пример, животинските масти можат да се јадат до недоглед без да бидат штетни!

Всушност, проблемот на ова набројување на намирници не е толку вистината за наводите, туку начинот на кој се симплифицираат добрите или лошите страни на храната. Сето тоа е претставено како дефинитивна вистина за која не треба повеќе да си поставувате прашања.

Овој текст може да се стави во редот на оние кои гордо тврдат дека се најдени лекови за рак, дека со оваа или онаа билка или напиток можете да ги излечите болестите што ве нападнале, дека е доволно да го отворите фрижидерот за да го приготвите лекот што ви е потребен, како да ги израмните брчките и избришете годините, како да бидете во олимписка форма…!

Овие „волшебни„ рецепти се често крактеристика на транзициони општества каде што стандардот на живеење е низок или, пак, на општества во криза каде што враќањето кон природната храна и рецептите на нашите баби се обидуваат да го вратат чувството на безбедност.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција