Рецензија: Како ја трошат пензијата познатите политичари?

Ljubomir-penzioneri-politicari-098-09876-crop-resize

Понекогаш македонските медиуми наликуваат на оние автомати за безбол топчиња, кои еден ист „производ“ го исфрлаат на сите страни. Празничните изданија, оние од 8 Септември, на порталите и телевизиите со многу мали исклучоци и со дребни измени кај насловот и должината на текстот, пренесоа содржина преземена од исто место, а која се однесува на тоа што прават политичарите кај нас кога се во пензија и се прави некаков обид тие да се споредуваат со големите имиња од светската политика. Нејасна цел, лоши споредби, преполни со незнаења (или едноставно спин) за функциите и начините на кои се наплатуваат услугите во современата политика, а, згора на тоа, пак, се прави споредба само со еден вистински политичар-пензионер! Малку за множина и сосема недоволно за да се оправда поводот. Она другото, околу целите на написот, е нешто сосема друго, се разбира.

Ljubomir-penzioneri-politicari-098-09876Линк до оригиналниот напис: Како ја трошат пензијата познатите политичари?

Датум и време на објавување: 08.09. 2014, 11:52

Датум на рецензирање: 09.09.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Што прават светските лидери по завршувањето на нивниот мандат, а што прават македонските политичари откако ќе се повлечат oд политичкиот живот, или поточно, зошто нашите „државници“ ништо не прават и никаде ги нема? Додека поранешните светски државници учествуваат во хуманитарни акции, собираат помош за разни природни катастрофи, донираат за училишта во загрозени подрачја, од нашите екс политичари ниту трага, ниту глас кога ова е во прашање“.

Најпрвин, треба да се каже дека насловот е комплетно во аут, како и мотивот на споредба. Со него се сака да се каже дека единствениот пензионер, кој е предмет на опсервација, кај нас ги „делка“ парите од пензијата, не работејќи ништо, односно, според една од илустрациите, дури уживајќи во пензионерските денови (даден е портрет на споменатиот на некоја прослава со млада новинарка!). Ова секако е злобно, бидејќи, иако на Црвенковски му припаѓа пензија во висина од 80 илјади денари, тој тие пари, на кои имал заклонско право, дури не ги ни зема, туку ги подарува на партијата (како што објави Нова Македонија). Значи, тој не само што не зема 80.000 денари, туку воопшто не зема ниту денар и не може од тоа да се прави сторија, особено не со претседатели-пензионери, кои земаат приходи мерени во стотина илјади долари месечно, па имаат пари и да бидат филантропски настроени.

И, кои примери ги зема анонимниот автор? Тони Блер е, сѐ чини, најчесто цитиран. Ама, експремиерот на Британија патува низ светот и го наплатува преку дебели хонорари секое свое стапнување на било кој аеродром. Неодамна лондонски Телеграф, преку перото на Мајк Херис напиша:

„Ако сакате да знаете која е цената според која еден голем човек ќе си го продаде своето наследство – тоа се 13 милиони долари. Тоа е цената која го чини претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев, еден зајадлив автократ, да го ангажира поранешниот премиер Тони Блер како негов советник. Човекот кој владееше во пост-Вестфалија ерата, анти-Кисинџерот кој спречи геноцид на косовските муслимани и застана во одбрана на правата на жителите на Сиера Леоне, сега е советник на диктаторите богати со нафта.“ (НоваТВ)

Неговото лично богатство се проценува на над 67 милиони фунти (во 2011 г., досега е секако зголемено), а да потсетиме дека зема пари од сѐ, ама не дава, освен ако му носи некакви даночни повластици. Впрочем, како што е објавено и во земјава, британскиот експремиер им наплатувал влезници на соучениците на синот Лео кога доаѓале кај нив дома на прослава на роденденот и тоа по десет фунти од дете!

Бил Клинтон, вториот експретседател земен како пример, спаѓа меѓу најскапите предавачи на светот, а на барање на Сенатот неговата сопруга морала да поднесе финансиски извештај, во кој било наведено дека семејното богатство е можеби и 50 милиони долари, иако тие имале и сериозни долгови. Сеедно, филантропијата е тешко да се протне меѓу овие бројки и начинот на кој експретседателот на САД го осмислува својот пензионерски живот.

Авторот имал проблеми да најде макар уште еден пензионер кој ги минува деновите како активен „трошач на буџетот“ (да помогнеме: претседателката на Уставниот суд, која беше вратена од пензија, потоа ексминистерот за правда, Михајло Маневски, кој на стартот на новиот милениум ги исполнува условите за пензија, а денес е советник во Градско собрание, иако има 77 години …). Ама, затоа „се очешал“ од еден политичар, кој е идеолошки непријател на премиерот – Љубчо Георгиевски (48), кој не е ниту пензионер, па оттаму ниту има било каков повод да биде споредуван со богатите „филантропи“ во текстот. Но, имаме „барем“ двојца споменати политичари „на купче“, кои немаат никаква меѓусебна допирна точка – вториот е дури и сѐ уште активен!

Она што, секако, е најсимптоматично во овој контекст е што темата веќе е објавена со споменатите „аргументи“ во дневен весник како колумна на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, под наслов „Зошто Бранко не е Тони Блер“ и тоа пред речиси една година. Значи ли дека темата за „Бранко пензионерот“, кој ни го „арчи пензионерскиот фонд,“ ќе се повтори некаде по 12 месеци одново, во редовни циклуси?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција