Рецензија: Како Киро Глигоров стана прв претседател, а не доби доверба во Парламентот?

vecer-kako-kiro-gligorov-stana-crop-resize

Во првиот постизборен ден објавен е еден вид на текст-хроника за македонските претседатели од осамостојувањето до денес, како што е најавено во наднасловот. Начелно, тоа е добар уредувачки потег, само што содржината на прилогот повеќе говори за тоа како се спроведоа претседателските избори од осамостојувањето до денес, одново со една ограда дека почетната задача главно е задржана само во оценката на претседателствувањето на првиот претседател – Киро Глигоров и донекаде на Бранко Црвенковски, додека кај претседателот Трајковски постои целосно прескокнување на „сижето“. Текстот носи една нималку наивна теза (во форма на прашалник) дека Глигоров и не бил легитимен во вршењето на функцијата.

„Изборот на Глигоров во Парламентот таа 1991 година претставува политички компромис меѓу тогашната победничка партија на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ и доминантното, но не доволно мнозинство на Комунистичката партија и партиите кои произлегоа од неа.
Првиот обид за негов избор поминува неславно. Доби само 60 од потребните 81 пратенички глас. Без поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои тогаш ја заговараа идејата претседател да биде тогашниот повардарски митрополит, подоцна архиепископ, Михаил, се покажа дека изборот на Глигоров е невозможен“.

Рецензија: Како Киро Глигоров стана

Линк до оригиналниот напис: Како Киро Глигоров стана прв претседател, а не доби доверба во Парламентот?

Датум и време на објавување: 14.04.2014

Датум на рецензирање: 15.04.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

 

ОБИД ЗА МАНИПУЛАЦИЈА СО ИСТОРИЈАТА

Генерално текстот не е прецизен во својата почетна намера, опасно манипулира со дел од нашата историја и покажува двојни критериуми во однос на улогата на албанските гласачи кога се македонските претседатели во прашање – кога тие гласаат за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се граѓани, а кога гласале за кандидат на СДСМ тие „полнат кутии“.

Во тој контекст кај авторот или авторите (текстот не е потпишан!) покажува и опасно потценување на дел од своите граѓани!

Како да се работи за текст во кој авторот (авторите) знаеле што сакаат, ама не знаеле како тоа да го изведат. Па, во самиот вовед место објаснување на тезата, нејзино поставување, имаме еден коментар кој сака веднаш да примиме една почетна констатација, онака, здраво за готово, дека Македонија после распадот на Југославија била продолжение на „Титовата држава“.

Оној кој ќе појде од такви позиции тешко дека објективно може до крај да изведе било која теза, особено што една меѓународна комисија (Бадинтеровата) донесе највисоки оценки за македонската демократија и врвниот акт во неа. На тоа се базираше и забрзаното признавање на земјава од страна на меѓународната заедница, што не би било можно ако би биле „Титова држава“.

 

ОЦЕНКИ ИЛИ ОЦЕНКА?

Ова не е рецензентско отколонување од темата, туку треба да се објанси дека ако се постави како цел – оценка за македонските претседатели, авторот (авторите) треба да се држат до она што од тие функционери и се очекувало во рамките на нивните уставните надлежности.

Дури и да постоела намера да се даде некакво потсетување за постарите, а прво откривање на материјата за помладите, само во однос на начинот на кој претседателите се избираат требало да се каже дека претседателот Глигоров не е избран при првото гласање заради бојкотот на пратениците – Албанци. Тоа го нема во текстот и оној кој самиот не знае може да сфати дека бојкотот бил само од страна на пратениците Македонци, што не е точно. Второ, постоеше ново гласање, кога пратениците Албанци се согласија со изборот, за што нема ниту говор во текстот. Оттаму, од тој прескок и се „оправдува“ насловот за наводната нелегитимност на претседателствувањето на Глигоров!

Во однос на вистинитоста и содржајноста можат да се стават бројни забелешки, најнапред во именувањето на СДСМ како Комунистичка партија (таква партија нема во земјава од 50-тите години на минатиот век!), а потоа СКМ-ПДП како претходница на СДСМ постои доволно рано во политичкиот живот во плурална Македонија. Ова на некој начин говори за оптовареноста на авторот во креирањето на оваа историска реминисценција.

 

ДВОЕН АРШИН ЗА ТВ ДУЕЛИТЕ

Одбивањето за излегување на ТВ дуел кај Глигоров е „морален пораз“, ама не се говори во ист стил и кога потоа имаме случаи на одбегнување на дуел во некое телевизиско студио при претседателски избори. Тоа дури и не се споменува! За третманот на гласачот Албанец веќе рековме, а треба да кажеме дека постои оценка дека „меѓународната заедница го легитимирала изборниот фалсификат“, на што се закачува оценката дека „Фалсификатот на претседателските избори ќе биде увертира на повлекувањето на тогашната опозиција и од парламентарната трка. А потоа!… Македонија влегува во најмрачните четири години. Приватизација и општ грабеж, етнички и социјални конфликти“. Ова се однесува на изборите каде победува Киро Глигоров. Па, така, тој при првиот мандат не е изгласан, а при вториот направил изборен фалсификат кој е признаен како таков од меѓународната заедница!

Во тој преглед немаме објаснување (содржина) како се случи пресвртот на изборите во вториот круг во 1999 година. Исто така, нема објаснување зошто изборите во 2004 година биле „најконтраверзни досега“. Индикативно е што кај претседателствувањето на Борис Трајковски ги нема двете клучни одлики – конфликтот од 2001 година и Охридскиот договор по кои тој ќе биде познат. Излегува дека беше избран и – толку!

Во делот на описот на изборите во 2009 година договорот за меѓусебна подршка на локалните избори и при вториот круг на претседателските избори (кој може да пропадне заради бојкот на гласачкото тело на кандидатот Иванов) се претвора само во договор за одржување на локалните избори, што, секако, е невозможно и не е во согласност со Уставот и законите, бидејќи изборите се закажуваат 50 денови порано и не можат такви договори за закажување на локални избори да се прават во пауза меѓу два изборни круга на претседателските избори!

За овие настани што се содржани во текстот има доволно извори, а не е јасно кои се користени (тие не се наведени). Ние да ги споменеме македонската Википедија  или самиот сајт на ДИК, како и бројни издадени (публикувани) сведочења на тогашни актери на политичката игра.

Вака како што е правен овој текст јасно е дека се настојува да се симне нивото на вршењето на оваа функција кај сите досегашни носители на функцијата за веројатно актуелниот Иванов да остане единствениот кој е со неизвалкано минато. Или поинаку – и овој текст е само дел од една претседателска политичка кампања, само што не е така означен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција