Рецензија: Како малцинството ЛГБТ го тероризира мнозинството

Како малцинството ЛГБТ го тероризира мнозинството-crop-resize

 

Станува збор за грубо манипулативно неиздржан текст, кој во својата содржина има и комплетни бесмислици. Како, на пример, употребата на зборот „ксенофобија“ во дадениот контекст не е соодветна и предизвикува чудење. Ксенофоб е човек кој мрази странци, оттука е нејасно што бара овој збор во реченицата:

„Ксенофобијата и раздразливоста на припадниците на ЛГБТ заедницата не им дава за право да ја ускратат слободата на слободно мислење која е и уставно загарантирана.“

Меѓутоа, има и низа други проблематични елементи, меѓу кои и тоа што непотпишаниот автор изоставува да сопомене дека има и ограничувања на слободата на изразување, ако на пример, тие се спротивни на законите. Оттука говорот на омраза не е слобода на изразување, иако се прави обид тој така да се претстави.

Како малцинството ЛГБТ го тероризира мнозинствотоЛинк до оригиналниот напис: Како малцинството ЛГБТ го тероризира мнозинството

Датум и време на објавување: 11.12.2014, 23:29

Датум на рецензирање: 13.12.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

За ниту една изнесена информација читателот не може да биде разубеден дека е вистината. Една од причините е што нема консултирано ниту еден извор, се настапува крајно пристрасно, се стигматизира и се обележува една група со што се врши дискриминација. Едноставно, нема аргументација со факти туку со субјективни согледувања и со коментари. Тоа е недозволиво во информативните жанрови. Од почетокот до крајот се настапува крајно пристрасно. Се зазема страна и се прави обид да се дисквалификува Хелсиншкиот комитет.

„ЛГБТ заедницата преку Хелсиншкиот комитет за кој веќе од поодамна е познато дека неговата централа поради финансиска измама престана да постои, поднесе тужба поради говор на омраза наводно предизвикан од новинарите Миленко Неделковски и Јанко Илковски.“

Хелсиншкиот комитет не е единствениот кој е на мета на дисквалификација без аргументи. Тоа се прави и за Здружението на новинари. Во самиот текст се изнесуваат имињата на оние за кои се тврди дека им е нарушена пресумпцијата на невиност, а истото тоа се критикува во содржината. Се разбира дека поднесената тужба не претставува осудителна пресуда. Интересно е што пресумпцијата на невиност за непотпишаниот автор е „споредна работа“.

„Се чини дека одамна Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) работи доколку биде уклучено партиското дугме од централата, па се чини е ирелевантно дали ЗНМ и Насер Селмани ќе реагираат на ваквите напади, нешто што би било природно во ситуација кога се обвинети новинари, во најмала рака што пресумпцијата на невиност подеднакво важи за сите, па и за овие двајца новинари. Но, тоа е споредно.“

Понатаму, навлегувајќи во својот монолог, непотпишаниот автор поставува прашања без да ги изложи аргументите на тужителите во кои детално е објаснето зошто тие сметаат дека тужбите се оправдани. Тврдењето дека тоа „така лесно“ направено е тенденциозно, непоткрепено и коментаторско, никако фактичко. Монологот со прашањата продолжува и понатаму, но овојпат се оди на линија на релативизација, па говорот на омраза (според пријавата) го преиначува во „против“ ЛГБТ-заедницата што е многу различно. Спинерска техника.

„Она што е суштински е зошто овие новинари се обвинети и толку лесно декларирани како поттикнувачи на говор на омраза. Беше посочено дека тие биле против ЛГБТ заедницата, по што се поставува прашањето какво злосторство е тоа?“

Следи неодговорен обид да се изрази „мислењето на народот“ преку перото на непотпишаниот автор. Само тој и никој друг во светот не може да го знае мислењето на „целиот народ“.

Мислење на авторот е дека мислењето на „целиот народ“ е како она на обвинетите. Со него се искажува стојалиште кое може да предизвика нетрпеливост кон одредена заедница. Тоа е спротивно на новинарскиот кодекс, според кој новинарот ќе ги почитува различностите и нема да говори со јазикот на омразата.

Еве што се вели во текстот:

„Тие веројатно го споделуваат истото мислење како и 90 проценти од популацијата во Македонија, дека истополовите врски и односи не се природни и тие во својата суштина ја разјадуваат заедницата особено семејството како основна клетка во општеството.

Ксенофобијата и раздразливоста на припадниците на ЛГБТ заедницата не им дава за право да ја ускратат слободата на слободно мислење која е и уставно загарантирана.“

Еве што во новинарскиот кодекс:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по било која основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Паѓаат и тешки обвинувања за омраза, повторуваме, без ниеден извор да се праша, комплетно непоткрепено и со недозавршена новинарска работа.

„Всушност, новинарите Миленко Неделковски  и Јанко Илковски се жртвата на ксенофобијата на хомосексуалците и лезбејките, што е порака дека секој што ке им противречи го напаѓаат со флоскули и за говор на омраза, а всушност тие се полни со омраза и тие се првите кои жигосуваат. Ова всушност значи дека една помала група хомосексуалци, лезбејки и нивни поддржувачи во Македонија поддржана и политички мотивирана тероризира мнозинство.“

Проблематично е што повеќепати, непотпишаниот автор повторува дека ЛГБТ-заедницата е „помала“, но го користи како аргумент дека таа не е во право. Ова се прави без судска одлука, без да се дадат примерите заради кои одредени лица се тужени, итн.

Има и лични навреди (ксенофоб?!, лични фрустрации), но употребени во бесмислен контекст.

„Личностите како директорот на ЛГБТ центарот Кочо Андоновски и останатите безимени ксенофоби кои во јавноста остануваат безимени се личности со искривени вредности и го киднапираат општеството со свои фрустрации, пред се лични кои претендираат да станат колективни.“

Говорот во остатокот од текстот нема да го цитираме зашто според субјективна оценка е дискриминаторски, од причина што директно напаѓа цела заедница, претставувајќи ја како „штетна“ и со „искривени вредности“.

Етикетирањето и стигматизирањето е јасно дека се прави поради политичка пристрасност, бидејќи на крајот се споменува и опозицијата, сосема надвор од контекст и колку нешто да се каже. Не е аргументирано кои се овие истражувања:

„Истражувањата покажуваат дека  како најголеми загрозувачи на моралот и семејните вредности се перципирани лица кои припаѓаат на ЛГБТ заедницата.“

Скандалозно е со каква леснотија непотпишаниот автор оцрнува група граѓани со права и слободи и ги обвинува за тероризирање.

Сè на сè, станува збор за текст кој во ниеден случај не ги поттикнува различностите и демократските вредности, е крајно нетолерантен, пристрасен, коментаторски, неиздржан и без извори. Фијаско на новинарските стандарди во информативните жанрови.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција