Рецензија: Како од практикант се станува новинар известувач

novinar-lajn-09876-098-crop-resize

Ова е уште еден текст од низата кои се појавија деновиве, а имаат за цел да ги напаѓаат новинарите и невладините организации. Приведувањето на новинарот од „Лајм“, кој подоцна беше ослободен, беше искористено да се пласираат спинови поврзани со таа тема. Со тоа повторно се навлегува во чувствата на граѓаните, а се предизвикуваат и тензии кои навистина се непотребни во ова време.

novinar lajnЛинк до оригиналниот напис: Како од практикант се станува новинар известувач

Датум и време на објавување: 07.07.2014, 19:32

Датум на рецензирање: 09.07.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ОПАСНИ ПАСУСИ

Ниту еден пасус во текстот не е вистинит. Дури има и делови кои не можат здраворазумски да се објаснат, а згора на сѐ се опасни:

Според информациите, не е исклучено новинарот практикант за овие манупулативни изјави да е финансиран од странски фондови кои шират радикален исламизам во Македонија и кои го злоупотребуваат случајот „Монструм“ во кој беа егзекутирани четири деца, сѐ со цел постигнување на целта на радикалниот ислам.

Ваков пасус не говори добро за новинарството. Да се пишува дека „не е исклучено“ и „според информациите“  и потоа да се искаже обвинение за кое се нема никаков извор, ниту пак индикација е едноставно непростливо. Вакви тези, без мерка, да се пласираат во јавноста е неетички, неточно и манипулативно.

Нема извори на информација. Само нафрлани тези, без никаква поткрепа, непристојни пасуси…

Небулозата продолжува со филмско сценарио. Толку се навлегло во темата што ако не е трагично ова би изгледало смешно. Нелогичен и наменски е и следниов пасус:

Според информациите, новинарот практикант не само што не бил тепан од страна на полицијата, што може да се забележи и од фотографијата, туку самиот провоцирал реакција од полицијата, која го задржала професионалното ниво.

Дека ова е многу малку веројатно се гледа од тоа што во текстот се вклучени „неофицијални“ информации за тоа дека приведениот „не само што не бил тепан, туку и провоцирал“. Зошто полицијата не излегла со ваква констатација?

 

НИТУ ЕДЕН ФАКТ

Пристрасноста е видлива низ целиот текст. Нема потреба да се објаснува, доволно е само да се прочита следниов пасус:

Бесим Ибраими од новинар-практикант за само неколку часа стана новинар известувач, сѐ со цел да се стави во фунција на оние кои стојат зад протестите кои се пропратени со радикални исламистички елементи. Практикантот на Лајм, медиум кој само за една година има добиено 26.406 евра од грантовите за медиуми доделени од Сорос, во изјава за за „Цивил“ на добропознатиот опозициски активист Џабир Дерала тврди дека полицијата го тепала на нечовечен начин и го удирала со пендрек, иако на неговото тело не може да се забележат никакви траги од евентуално насилство.

Во секоја каша мора да ја има и Фондацијата отворено општество Македонија. Нападите врз неа траат неколку недели и се засилуваат со бројки во евра. Па, така, тезата дека весникот кој за „само“ една година има, нели, добиено 26.000 евра треба да алудира на многу. Но, колку пари се тоа месечно? Може ли со тие пари да опстане медиум? И на крајот на краиштата колку пари добиваат одредени провладини медиуми од владини реклами годишно? Па да зборуваме и да правиме компарација.

Целиот текст е коментар, нема ниту еден факт. Не се знае колку е текстот оргинален зошто вакви текстови се појавуваат во повеќе провладини медиуми.

Насловот дури има и граматички пропусти, освен ако се сакало да биде прашањето реторичко. Ако е така тогаш обидот е безуспешен.

Ваквите текстови деновиве фрлаат уште една дамка врз новинарството. Ако веќе има место за дамки? Но, се разбира, затоа е тука за рецензија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција