Рецензија: Кампањата за безбедност во сообраќајот ја намали бројката на прекршоци

ALFA TV-098765-0980099-crop-resize

Во време кога оној кој ги води официјалните политики е опкружен со многу советници и извршители од областа на пропагандата, не е чудно некои од нив да се судираат во своите содржини и да се спротивставуваат во „сознанијата“ и наводните факти до кои се држат. Оваа телевизијата неодамна објави пофалба за кампањата за безбедност која подолго време, барем три-четири месеци наназад ја спроведува министерката Јанкуловска, главно преку ноќно делење на летоци со своевидни „опомени“ на возачите или укажувања како треба да се управува со моторно возило. И овој прилог треба да докаже дека токму нејзиниот приод кон сообраќајната култура дава резултат и директно влијаел на намалување на бројот на прекршоците. Од друга страна, сведоци сме на написи кои говорат дека полицијата сѐ повеќе пари собира во буџетот од казнување на лошите возачи и неисправните автомобили! Таа се фали со своите излегувања на терен и нивните резултати не говорат за намалување на казнетите. Напротив!

ALFA TV-098765-0980099Линк до оригиналниот напис: Кампањата за безбедност во сообраќајот ја намали бројката на прекршоци

Датум и време на објавување: 21.09.2014, 18:05

Датум на рецензирање: 26.09.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска попладнево ги збуни граѓаните, кои подоцна сватија дека се дел од кампањата за поголема безбедност во сообраќајот. Преку едукативни флаери со содржина ’Почитувај ги правилата – почитувај го животот’, пешаците, но и возачите – особено помладите, се информираа за подобрување на нивната безбедност како учесници во сообраќајот“ – стои во воведната импресијата на новинарот од претстојот на Јанкуловска на скопскиот асфалт.

Притоа, се тврди дека само во Скопје се евидентирани над 1.000 прекршоци, што е некаков минус (не е кажано каков) и дека, сепак, таа бројка е висока(?!).

Ова е само една мала конфузија во однос на тоа што е успех а што не во оваа акција. Нема одредница „од каде до каде“ се симнал бројот на прекршоците, за да ги одмериме реалните дострели на министеркиното „стажирање“ на скопските улици. Се споменуваат летните месеци како најлоши по последиците, ама не знаеме или тоа не може да се прочита во веста, дали бројките за овој вид на негативно општествено однесување се однесуваат само на овој период. Стои дека лани во овој период (во кој!) имало 4.200 сообраќајки со тешки последици (!), а ако сега имаме само илјада и тоа „просечни“, тогаш би имале спектакуларен успех! Но, имаме уште една непозната во таа крајно конфузна формула: бројката 1.000 прекршоци се однесува на Скопје ама онаа другата белким на Македонија.

Како и да е текстот е или целосно неинформативен или намерно се мешаат категориите за да не испадне залудно потрошеното време на Јанкуловска овие летни ноќи.

Но, можеби прилогот и би останал незабележан ако истовремено низ медиумите не струјат постојано алармантни сознанија за тоа колку е ефикасна нашата сообраќајна полиција во своите контроли. Така, македонскиот радиодифузер ни открива некои значајни ситуации со насловот „Зголемените сообраќајни контроли откриваат голем број прекршоци“ при што се алармира дека, најпрвин присуството на полицијата во зголемен обем открива голем број прекршоци, односно се потврдува она што во јавноста и постои како мислење – дека сообраќајците се обидуваат колку-толку да ги пополнат буџетските дупки со зголемено наплатување на казни за сообраќајни прекршоци.

Од почетокот на годинава до денес, значи, летоците биле само параван зад кого стојат „речиси 100 илјади сообраќајни контроли, со тоа е зголемен и бројот на откриени прекршоци“. Па, така, исклучени се 1.644 возачи под дејство на алкохол, 218 возачи почетници, бројот на времено одземени возачки дозволи е зголемен за 563 отсто во однос на истиот период лани. За 11,24 отсто е зголемен и бројот на исклучени возила од сообраќај, опаѓа бројот на нерегистрирани, а се зголемува бројот на технички неисправни возила. Навистина една страшна слика!

Впрочем, реалноста ја прават, според овој извор, веројатно повикувајќи се на полициската аналитика, 1.716 сообраќајни незгоди, при што имаме 71 загинат и тоа само во првата половина од годинава. Во тој истиот период лани имало (ова е веќе споредување кое се очекува од професионално скроена вест) 1.894 сообраќајки и 87 загинати. Значи, имало 178 сообраќајки помалку и за 16 лица се намалил фаталниот исход, ама ситуацијата е драматична. На вакви сознанија треба да „легне“ реалниот дострел на министеркините летоци. Со барем приближно точни бројки, ако е тоа можно. Сето друго е една конфузна и непоткрепена фалба.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција