Рецензија: Кандидатите за претседател на СДСМ на „баци рака“ кај Црвенковски

Власта преку своите бројни медиуми се обидува да се пресметува со своите политички противници на два фронта. Првиот е отворен и е доста активен, а насочен е против градоначалникот Жерновски. Вториот е преку обидот на својот главен политички ривал – СДСМ да му го отежнува следниот изборен Конгрес преку спинување на стории.

„Според извори на Република од понеделник сите четворица кандидати за претседател, Ивановски, Јовановски и Наумов треба пред Црвенковски да ги елаборираат своите програми со што практично се потврдува тезата дека финалниот избор на идниот претседател нема да го прават делегатите на Конгресот како највисоко тело на партијата туку Црвенковски и луѓето околу него“.


Рецензија: Кандидатите за претседател на СДСМ на „баци рака“ кај ЦрвенковскиЛинк до оригиналниот напис: Кандидатите за претседател на СДСМ на „баци рака“ кај Црвенковски

Датум и време на објавување: 19.05.2013, 16:35

Датум на рецензирање: 19.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Прашањето на поднесување на кандидатури е веќе разгледувано на ИО на СДСМ и од тоа се објавени извештаи. По седницата во сите медиуми беше објавено дека дури три од четирите поднесени програми се компатибилни и треба да се приближат за да се излезе со една кандидатура, а една, од четвртиот кандидат, се разликува.

Четвртиот кандидат, Наумов, секако нема да дојде на никакво „баци рака“, а фазата за квалификување на програми и кандидати е веќе процедурално завршена.

Извори на информации: На самиот портал на неделникот Република во петокот е веќе објавена вест за состанокот на ИО на СДСМ која не кореспондира со она што е изложено два дена потоа, а што е предмет на оваа анализа.

Ова говори дека порталот смета на кусо помнење на читателите. И таа вест инаку е неточна, бидејќи, не го „фактурира“ кандидатот Кире Наумов, односно го исфрлува од игра како кандидат, со цел да предизвика негово незадоволство, можеби и пошироко, што секако говори дека постои активна кујна за „мешање“ во конгресните подготовки на најголемата партија на опозицијата. Порталот не се огради од емитуваната неточност подоцна, ниту во текот на викендот.

За текстот „Кандидатите за претседател на СДСМ на ’баци рака’ кај Црвенковски“ се вели дека Република има свои интерни извори во раководството на СДСМ и тие не се назначени. Нема ни обид да се добие релевантна информација од самиот врв на партијата или од информативната служба.

Сите кандидати за претседател на СДСМ дадоа бројни интервјуа деновиве по многу медиуми, печатени и електронски, па порталот можеше, се разбира ако најдеше, да цитира некој исказ со кој би потврдил некое од своите сознанија.

Содржајност: Веста практично е доста опширна, ама не ја објаснува конструкцијата според која Црвенковски преку притисокот врз кандидатите сака да ја одбегне Радмила Шекеринска како генерален секретар на партијата! Имено, порталот се обидува со ширење на шпекулациите да ја одбегне потребата да ги образложи или докаже веќе изнесените сознанија.

Пристрасност: Порталот има наклонетост кон владејачката партија, која одбегнува директно да ги коментира настаните на Бихаќка, што секако е во ред, ама преку медиумите се обидува да внесе потреси во конкурентската партија. Притоа посебно е евидентно дека сега острицата место кон Заев, се завртува кон Шекеринска, за која се вели дека има странска поддршка, што е сериозно тврдење кое треба да се поткрепи.

Коментирање: Коментарот е врзан за делот каде се објаснува зошто Црвенковски сосема не излегува од игра – собира потписи за да го контролира процесот на избор до крај. Генерално текстот е „измешан“, односно не е сосема вест туку е полу-вест, полу-коментар, што е типично за спинувачки стории.

Плагијат: Како и поголем дел од вестите на порталот и овој не е потпишан!

Квалитет на насловот: Насловот е веројатно замислен сам за себе да биде главниот удар врз политичкиот противник, бидејќи, сугерира апсолутна послушност кон лидерот кој заминува од страна на оние кои се верификувани како кандидати за негови заменици на Конгресот.

Фотографија: Дадена е фотографија на само еден кандидат – Заев, со што индиректно се потврдува тезата дека и кога се критикуваат други членови на раководството (Шекеринска), на ум на политичките противници е оној кој има највисок рејтинг!

Заклучок: Владината пропагандна машинерија се обидува на секој начин да го дискредитира или да ја отежне позицијата на својот политички противник, дури и во ситуација кога основната политичка култура бара да биде оставен слободно да се самоанализира и да го направи вистинскиот или најдобриот кадровски избор.

Во овие моменти право на критика и говор на оваа тема имаат само членовите на партијата која е исправена пред тој чин.

Рецензија: Кандидатите за претседател на СДСМ на „баци рака“ кај Црвенковски

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција