Рецензија: „Kатр ди“ – кумановска лозинка за гласање

Во периодот кога заврши веројатно и последниот круг од изборите на градоначалници и совети на општините, вреди да се навратиме на тоа како се пишуваше за валканите практики при гласањата. Веројатно најголемиот текст од тој тип, напишан во комбинирана коментаторско-репортерска и стручно-консултативна форма, што го објави скопскиот весник Дневник, јасно покажува дека при освртите на весниците постоеше селективност во укажувањето на некои евентуални нерегуларности.

Постоеше и чудна синхронизираност во дел од текстовите со жалбите на владејачката партија, која како да е „насетена“, па написот треба да биде нешто како „ин флагранти“, во корист на таа идна жалба (тужба) на ВМРО-ДПМНЕ.

Се работи инаку за прикривање на случај каде за првпат во историјата на гласањето во земјава се користи судски истражен орган кога процесот на гласањето не е завршен, што беше правен преседан, кој некако требаше да се брани пред јавноста, особено стручната.

Рецензија: „Kатр ди“ - кумановска лозинка за гласањеЛинк до оригиналниот напис: „Kатр ди“ – кумановска лозинка за гласање

Датум и време на објавување: 11.04.2013, 18:23

Датум на рецензирање: 23.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти:

„Најчесто влегуваше еден човек од албанската етничка заедница, гласаше и по него цела група луѓе на кој гласно им коментираше „катр ди“ односно четири, два т.е. 42, вели член на избирачки одбор од оспорените избирачки места“.

Ова е воведот на текстот кој на овој начин – со наводен увид на лице место – настојува да создаде привид на автентичност, преку користење на форма за доловување на вистинската атмосфера на едно гласачко место. Но, потоа сфаќате дека авторот се повикува на неименуван член на избирачкиот одбор. Зошто неименуван? Па тоа е официјален орган?

„Но, во три избирачки места ситуацијата станала драматична кога девет лица се обиделе да го остварат своето гласачко право, но останале стаписани кога нивните имиња веќе биле заокружени на избирачкиот список. Некој друг гласал од нивно име. Без да кренат поголема врева на избирачкото место, се упатиле во полиција и таму го пријавиле настанот. За тоа што им се случило дале и изјава. Вака се одвивала приказната, која придонесе истражен судија да се вклучи во потрагата кој гласал наместо деветтемина избирачи, а која ја откриваат извори од истрагата“.

Од овој пасус гледаме како преку „првиот чин“  влегуваме во вториот, односно доаѓаме до она – се случува гласање во име на друг, па 9-мина, одново неименувани граѓани, го пријавуваат случајот. Потоа новинарот одново користи полудиректна форма (!), се добива впечаток дека одново имаме автентична атмосфера, а трите непосочени избирачи се користат да се осомничи гласањето во три избирачки места, каде живеат 1.600 гласачи Албанци, што особено се нагласува.

Како и да е, приговорот на ВМРО-ДПМНЕ во овој случај не ја оствари целта. Впрочем, се стави сомнеж над 1.600 гласачи, иако гласале само неколку стотини, од кои за едниот кандидат 224, а за другиот 104 лица! Колку тоа влијаело на вкупниот резултат (24.300 : 26.200) може лесно да се пресмета.

Извори на информации: Авторите на текстот (кој има два потписи) увиделе дека се користат со еднострани извори, па побарале три стручни мислења. Од нив две мислења не говорат во прилог на постапките на истражниот судија, ама од тоа не се извлекува заклучок, туку се повторува воведот, како доказ како се гласало во Куманово и на тој индиректен начин се оспорува одлуката на ДИК во Куманово да нема прегласување.

Содржајност: Текстот има и трет чин кој не води во Центар каде се покажува како идниот градоначалник Жерновски непринципиелно агитирал за себе (!). Иако се познати какви сè не трикови и некоректности претрпе овој кандидат, за тоа нема ниту збор во текстот на Дневник, а нивниот читател може да запомни само дека:

„Во Центар шемата на неправилности, според забелешките на ВМРО-ДПМНЕ од приговорите за 66 избирачки места, била агитирање и притисок врз гласачите на и пред избирачко место“.

На крајот текстот прави своевидна „салата“ и се преминува на Струга, каде ВМРО-ДПМНЕ за вториот изборен круг поднесе 17 приговори.

„Најголем дел од нив е за семејно гласање, гласање од име на друг, но и дека избирачките одбори не го спречиле ваквиот тип гласање. Според нашите информации, членовите на избирачките одбори во повеќе места не користеле УВ-лампи за да проверат дали лицето веќе гласало или воопшто не го обележувале со спреј“.

Големиот напис всушност има една заедничка линија водилка – она на што се жали само една партија во текот на изборниот процес.

Пристрасност: Во овој текст изборните некоректности се само на страната на опозицијата, таквите нерегуларности се случуваат во албанските квартови и постојат слични шеми.

Дневник комбинира една репортажа за начинот на кој се гласа во едно кумановско предградие, каде живеат и неписмени сограѓани со мислења на стручњаци, а притоа не се прави ниту една корелација со другите избирачки места, како што се оние каде се наоѓа и седиштето на редакцијата на весникот (Центар), а каде во вториот и третиот круг се забележани дури и најголемите фаули врз демократијата, потврдени од набљудувачите и од странците.

Коментирање: Текстот нема коментаторски елементи, но има чудна комбинација на жанрови, кои служат за полесна манипулација.

Плагијат: Текстот има два наведени автори, иако не е јасно кој што работел од нив, бидејќи, невозможно е да биле во исто време во три градови каде се гласало во вториот круг, па може да се заклучи дека се користени во одреден обем и чисти партиски извори, особено кај приговорите.

Квалитет на насловот: Наднасловот настојува да укаже на автентичност, на директно присуство на новинарите, што е под прашалник, како и да сугерира дека во вториот круг албанскиот фактор пресудил и гласал недемократски.

Фотографија: Фотографијата треба да ја потврди автентичноста на текстот и насловот за тоа „како гласаат Албанците“.

Говор на омраза: Текстот, иако не поттикнува на насилство, во себе ја содржи компонентата за „валканото гласање“ на една националност, па низ таа визура ги нагласува етничките разлики, индиректно и му го оспорува на еден цел етникум демократскиот капацитет, неопходен за фер гласање.

Заклучок: Вкупниот впечаток е дека изданијата на МПМ во кои спаѓа и Дневник, се вклучија во процесот на инструментализација на изборите на страната на владејачката партија во земјата.

Во овој медиум дури и после третиот изборен процес се прескокнаа написи од овој вид за тоа што се случуваше последната недела од гласањето, кога се забележани најбројни неправилности и организирано загрозување во голем обем на регуларноста, особено во Центар.

Рецензија: „Kатр ди“ – кумановска лозинка за гласање

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција