Рецензија: Кавадаречки бизнисмен добил шлаканица од скопски газда на фабрика за лекови оти многу зборел

naslovna-vest-slakanica-crop-resize

„Редовната неделна седенка на познати бизнисмени во Скопје, пред неколку дена завршила со тепачка. Ручекот, на кој вообичаено бизнис пријателите си разменуваат идеи за работата, овој пат го засенил испадот на еден од нив. Газда на домашна фабрика на лекови, среде мезе, без причина, му залепил шлаканица на познат бизнисмен од Кавадарци, оти му упаднал во збор. Тие седеле еден до друг, па додека да се освести, на кавадаречкиот газда веќе на лицето му се гледале црвени траги од раката на производителот на лекови“.

Ова е ударниот текст во саботното издание на „Вест“ на насловната страница, сместено на втората, а кое делува, ако можеме да се ослободиме од привидот дека читаме некаков роман или расказ, значи нешто што не е фикшн, како равенка со бројни непознати. Кои се актерите во сторијата? Потоа, каде се случил настанот? Добро, се споменува елитен клуб во скопска банка, ама такви може да има повеќе… И да не набројуваме. Од сите елементи условно е наведено времето на соочувањето (среда попладне), ама тоа ништо секако не значи ако ги немате сите елементи кои ја прават веста „на куп“. Вака, низ сторијата добивате толку анонимни елементи што не можете да ја решите равенката, ама можете да погодувате и така да „произведувате“ бројни случајни „жртви“ на сторијата и таа, преку усна дескрипција, да се тркала по улиците.

Кавадаречки бизнисмен добил шлаканица од скопски газда на фабрика за лекови оти многу зборел'

Линк до оригиналниот напис: Кавадаречки бизнисмен добил шлаканица од скопски газда на фабрика за лекови оти многу зборел (за да го прочитате рецензираниот текст во целост, кликнете на скриншотот од печатената верзија долу)

Датум и време на објавување:28.02.2014, 16:05

Датум на рецензирање: 02.03. 2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Секако дека во ваквите приказни можете да додавате и одземате сегменти од сторијата и тоа да биде налик на трудот на некој писател кој се обидува да го погоди вкусот на читателот, па пишува или брише сегменти од текстот. Значи, се работи за наводен редовен „релакс“ состанок на десетина бизнисмени во клуб на македонска банка од каде „протекла“ веста, при што новинарот дури не споменува како дошол до неа, но затоа се труди да нѐ убеди дека е вистинита по „деталните“ описи. Да речеме, дека на удрениот шлаканицата му се оцртувала на лицето … Демек ако описите се подетални, тие се – поточни!

Извори на информации: Немаме никакво навестување како таа „вест“ дошла до авторот, ама сѐ што тој прави во текстот е преку постојано набројување на икс и ипсилон присутни господа (и една дама), вие да добивате многу детали, но не и суштина (зошто е тоа настан, што е во заднината, која е смислата на протекувањето на инцидентот). Секако, дознавате дека актерите се од кавадаречкиот регион (се цитира „изворно“ говорот на агресорот), а за жртвата се вели дека е истакнат кавадаречки бизнисмен. Се набројуваат другите присутни по своите професии (од областа на фармацијата и медицината, како и од прехрамбената индустрија). Тоа е нели, како кога играте квиз, па водителот со додатни заобиколни информации помага во погодувањето.

naslovna-vest-slakanicaСодржајност: Јасно е дека во ваквите текстови секогаш има дилема дали она што го читате е вистинито и покрај многуте детали. Во случајот со таблоидните вести, вие како читател не треба да имате дилема дали нешто се случило или е вистинито (ќе си земете роман да читате, нели, ако ви е до измислени стории), бидејќи на што би личеле весниците ако би излегувале со приказни без име, точно место, извори на информацијата … Таблоидните од другите весници се разликуваат  по објавувањето на помалку важни и актуелни информации. Тривијалниоста не ги штити овој тип на весници од придржување до основната новинарска азбука. Исто така и „содржајноста“ не ги штити од потребата да бидат вистинити – тоа се поврзани садови.

Пристрасност: Кај овој тип на стории никогаш не сте на чисто дали анонимниот извор на информација не сакал кон некого да биде одмаздољубив, да речеме и да каже нешто што утре ќе го дополни со нови детали, бидејќи можеби ова била само „кабриолет“ верзија за меѓучовечките односи во елитното фармацеутско – веледрогериско друштво. Од веста не произлегува одговорност, ама може да произлезат многу погодувања за актерите во баналниот настан и притоа да се погодат сосема трети, неприсутни личности?!

Квалитет на насловот: Насловот е долг и дескриптивен и без да сака авторот преку него ја отвора дилемата – па што? Можеби подобро погоден е наднасловот, кој е поновинарски и делува попровокативно.

vnatre-vest-slakanicaФотографија: Во он лајн верзијата е поставена фотографија од некаков ресторан каде елементите на препознатливост се намерно избледени. Значи, одново имаме ист „трик“ – може да е земена од било кој ресторан, ама со „обработката“ треба да нѐ уверува дека тоа е вистинит и интригантен настан. Во печатеното издание имаме многу полоша фотографија – покажана ни е тупаница на некој маж, кој според ракавот треба да наликува на бизнисмен. Можеби ни се претвора и фотографијата во нов, додатен квиз – погодувајте, човекот не е толку стар…

Заклучок: Кај авторот на текстот како да се разбудила таа нушиќевска новинарска жичка, која на крајот на краиштата може да се толкува како – не мора да се случило, ама, нели, би било интересно! На овој начин весникот само нѐ потсетува дека е таблоид во својата основна поставеност, ама тоа не значи дека и за таблоидите не треба да важат основните правила на новинарството.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција