Рецензија: Кејот на Вардар како Париз покрај Сена

Кејот-на-Вардар-како-Париз-покрај-Сена-lider-crop-resize

Текстовите кои некритички ги фалат економските потези на актуелната влада не ретко лесно посегаат по споредби кои одат во претерување. Своевремено постоеше една изрека што сликовито ја опишуваше таа неумерена споредба: „Париз на Сена, Тето(в)о на Пена!“.

„Градот на светлината“, изгледа, останал неостварен сон за домашните архитектонски, урбанистички и туристички желби?

Кејот на Вардар како Париз покрај Сена   lider.mkЛинк до оригиналниот напис: Кејот на Вардар како Париз покрај Сена

Датум и време на објавување: 04.08.2014

Датум на рецензирање: 05.08.2014

Рецензент:Стојан Синадинов

Овој текст се потпира на информациите на Министерството за транспорт и врски, односно распишаната објава за продажба на градежни парцели по пат на електронско јавно наддавање.

„Од вчера, во низата ќе се придружи уште една локација наменета за изградба на хотел, а тоа е кејот на реката Вардар.  Министерството за транспорт и врски веќе распиша објава за продажба по пат на електронско јавно наддавање со намена за изградба на хотелски комплекси и деловни простории и тоа во Спортско- рекреативниот центар „Кале“, Блок 2.“

Тоа е повод да се „развие“ приказната која, сепак, се базира на предвидувања. Скопје ќе стане како Париз на Сена.

Меѓутоа, малку е нелогичен пласманот на информациите во текстот, без да се направи динстинкција што е атрактивно градежно земјиште, на кое треба да се градат деловни простории, па се продава за 6.000 денари по метар квадратен, а во истиот ќош е и земјиштето за луксузни хотелски капацитети, кои одат по цена од само 1 евро (нека бидат 60 денари) за метар квадратен.

„Станува збор за две градежни парцели, наменети за изградба на хотелски комплекси кои се со површини од 2.350 и 374.2 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање ќе изнесува едно евро за метар квадратен и една градежна парцела, наменета за изградба на деловни простории која е со површина од 2.447 м2 и почетна цена на јавното наддавање од 6.000 денари од метар квадратен.“

Тоа, сепак, е сто пати поскапо, што ја прави разликата драстична. Економската логика на просечниот читател го есапи хотелскиот простор како деловен, бидејќи се работи за услужна дејност, односно угостителски бизнис. Ако податоците што ги пласира се точни, текстот не ја прави потребната анализа зошто има толкав дисбаланс во цената на градежното земјиште на иста локација, под скопското Кале.

Текстот нема балансираност, односно е наклонет кон замислениот „хотелско-туристички бум“ во Скопје, без да наведе податоци. Тоа го пласира уште на самиот почеток, без никакви податоци, освен општи. Но, ако тврдите дека има зголемен број туристи во Скопје, претпоставуваме странски, во најдобар случај  дури и 10 отсто зголемување во однос на минатата година, ако биле 10.000 странски туристи, тоа значи дека дошле само 1.000 туристи повеќе.

„Главниот град последниве години, станува лидер по изградбата или отворањето хотелско- угостителски објекти во државава. Зголемениот број на туристи и Македонија како бизнис-дестинација исто така ја налага потребата од различно категоризирани хотели. Плоштадот „Македонија“, центарот на градот, локацијата зад „Рамстор“, во Аеродром наспроти трговскиот центар „Бисер“ и околу мостот „Близнак“, неколкуте парцели под Кале, делови на Водно и Карпош, се десетината веќе купени локации со намена за изградба на хотели.“

За да ја „оправда“ оваа теза, текстот при крајот го наведува ставот на претставникот од градежниот бизнис-сектор, но повторно без употребливи параметри, туку според непишаното правило „сѐ за 1 евро“.

„Хотелиерскиот бизнис стана особено атрактивен во земјава откако Владата реши државните градежни парцели да ги продава со почетна цена од само едно евро за метар квадратен. Познавачите на состојбите пак, коментират дека тоа е така бидејќи пазарот и побарувачката ги диктираат тие тенденции. Се­ад Ко­чан, пре­тсе­да­тел на Гра­деж­на­та ко­мо­ра при Со­ју­зот на сто­пан­ски­те ко­мо­р вели дека ана­ли­зи­те на ни­во на це­ла Ма­ке­до­ни­ја по­ка­жу­ва­ат де­ка засега не­ма пре­за­си­те­ност на пазарот.

„Намалената вредност на земјиштето, секако, влијае на зголемената изградба, но тоа не е најважното. Штом има ин­ве­сти­ции во овој се­ктор зна­чи не­ма кри­за. Ни­кој ин­ве­сти­тор што вло­жу­ва ми­ли­о­ни евра на одре­ден па­зар не го пра­ви тоа без прет­ход­на до­бра ана­ли­за на протокот на туристи“, ве­ли Кочан.“

Текстот позитивно коментира за градежно-хотелиерски бум во Скопје заради туристичкиот бум, но без јасни факти и затоа оди по работ на спинувањето.

Насловот со споредбата меѓу Скопје и Париз дезинформира, несоодветен е и тенденциозен, сѐ заради сензационалноста. И фотографијата е на таа линија, по секоја цена да докаже дека Скопје веќе наликува на Париз.

Една поговорка во српската народна култура вели: „Што је баби мило, то јој се и снило“ (Што посакувала бабата, тоа сонувала). Така е и со овој текст со необјективни опсервации во споредбата на Скопје со една од најпознатите светски метрополи и туристички дестинации. „Сонот на бабата“ е можеби достижен, но за неколку стотини години.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција