Рецензија: Ќерката на Цеца во блага порнографска фотографија (ФОТО)

Kjerkata_na_Ceca_crop_resize_final_001

Се работи за куса вест, која всушност е опис со коментар на фотографија каде е прикажана малолетна девојка за која медиумот пишува дека е ќерка на познатата српска пејачка Цеца. Веста е куса, несеопфатна, со сензационалистички наслов кој навестува дека целта на овој напис е дискредитација на личноста, а не информирање на јавноста.

Целта на рецензијата е да се посочи на етичките норми при ваков вид известување и објавување на фотографии на малолетници, како и да се потенцира одговорноста на медиумот, кој обелоденува идентитет на малолетно лице (чија фотографија е споделена со нејзини пријатели), а прикажана е во контекст на коментар јавно достапен за сите. Во веста се посочува на сексуалниот аспект, со што малолетничката се става под ризик од лица кои можат да ѝ наштетат.

Kjerkata_na_CecaЛинк до оригиналниот напис: Ќерката на Цеца во блага порнографска фотографија (ФОТО)

Датум и време на објавување: 02.10.2013 12:38

Датум на рецензирање: 03.10.2013 г.

Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ

Вистинитост: Објавениот факт е самата фотографија, а коментарот е субјективен од што не може да се утврди веродостојноста на напишаното.

Извори на информации: Нема наведено извор. Во веста пишува дека малолетната ќерка на Цеца ја објавила „на сите можни профили што ги има“, но не е наведена ниту една од социјалните мрежи или кој било друг извор.

Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи содржи само субјективен коментар на авторот за фотографијата. Ако уредништвото на некој медиум утврди дека фотографирањето на тинејџерките е тема за гледачите/читателите, прво фотографијата би морала да биде со замаглен лик на девојчето, а во насока на сеопфатност, анализата или написот да содржи на пр. мислења на социолог, психолог, евентуално родител, за тоа во кои размери таа појава е раширена, што е предноста на социјалните мрежи при споделувањето фотографии, кои се, на пример, ризиците од тоа и колкава е информираноста на децата и родителите за сите тие опасности. Односно, да има јасна цел кој е интересот на публиката од одбраната тема и како да се одговори професионално на тој интерес.

Вака, само со коментар на недозволиво објавена фотографија, станува збор само за сензационалистичка вест.

Коментирање: Коментарот на фотографијата е интегриран во текстот и содржи наводи кои се сосема субјективен впечаток и наведуваат на заклучоци кои се можеби сосема погрешни.

(пр. „15-годишната Анастасија ужива во својата слава и во славата на нејзината мајка, а вниманието што го добива од медиумите и коментарите на социјалните мрежи само ја поттикнуваат се повеќе секојдневно да позира во вакви и слични провокативни пози“)

Квалитет на насловот: Насловот е сензационален и навредлив. Во дефиницијата за она што значи порнографија (Merriam – Webster) стои дека „тоа се содржини (филм, слики, текстови) кои прикажуваат (опишуваат) секс на многу директен и отворен начин за да предизвикаат сексуална возбуда“.

Фотографиите од разголени славни личности со длабоки деколтеа, кои медиумите секојдневно ги објавуваат на интернет, на пример, не се опишани како „благо порнографски“. Во случајот со оваа фотографија, прикажаното не укажува на порнографија, ниту „блага“, како што е дефинирана.

Фотографија: Фотографијата е всушност суштината на веста. Прикажана е малолетна девојка која се гледа во огледало и се фотографира покриена со крпа на себе. Проблемот е што прикажување на фотографии од малолетни деца без дозвола на нивните родители е спротивно на етичкиот Кодекс на новинарите и  недозволиво. Дополнително, во трката по сензационалност се заборава на опасноста од прикажување на вакви фотографии со провокативни наслови кои можеби не одговaраат на вистината, но кои стануваат лесно достапни за секого.

Говор на омраза: Нема говор на омраза и дискриминација, но има дискредитација на личноста, особено со насловот кој наведува дека се работи за „блага порнографија“. Самата вест не поттикнува на насилство, но тоа што од приватен профил „излегла“ на мас медиум ја става малолетната девојка под ризик од лица кои би можеле да се насилни.

Заклучок: Заклучокот е дека оваа вест е објавена во трка по сензационализам, при што е прекршен етичкиот Кодекс на новинарите со објавување на фотографија на малолетна девојка. Во македонските медиуми имаше сличен случај пред околу една година (на 03.01.2013 г.), кога приватната фотографија на (полнолетната) ќерка на собранискиот спикер Трајко Вељановски објавена на социјалните мрежи се најде во содржините на медиумите. Дирекцијата за заштита на личните податоци реагираше дека е нарушена приватноста на лицето. Повеќето од медиумите тогаш фотографијата ја објавија со замаглен лик, но беше обелоденет нејзиниот идентитет.

Медиумот кој ја има објавено рецензиранава вест во напис со наслов „Размисли два пати пред да објавиш нешто на Фејсбук“ и со поднаслов „Кога децата на политичарите стануваат цел на политичките игри…“, објавен на 08.02.2013 тогаш напиша:

„Ивана Вељановска, ќерката на претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, е само една од личностите на кои им е злоупотребена фотографија споделена со пријателите на социјалните мрежи. Иако од неговиот кабинет реагираа дека приватниот живот на ќерката на спикерот нема врска со работата на нејзиниот татко, одредени субјекти ја ширеа веста дека Ивана се сликала во бикини“.

Тогаш во ниту еден медиум не беше споменат терминот порнографија.

Медиумите имаат одговорност да ја информираат јавноста за она што е од нејзин интерес, но овде тој интерес е дискутабилен, а се добива впечаток дека целта е да се дискредитира девојката која објавила своја фотографија на социјалните мрежи. При тоа, медиумите носат одговорност и за опасностите што ги носи неетичкото и непрофесионално информирање, како, на пример, објавување фотографија со коментар во сексуален контекст, достапен на лица кои можат да ја загрозат безбедноста на малолетниците.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција