Рецензија: Кежаровски не може да одговара кривично ако го штител јавниот интерес

Текстот „Кежаровски не може да одговара кривично ако го штител јавниот интерес“, е предизвик за рецензија поради неговата актуелност, компаративните примери за слични случаи, практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и поради контроверзноста на постапката, со оглед дека новинарот е притворен во 2013 година за дело, наводно сторено во 2008.

Рецензија: Кежаровски не може да одговара кривично ако го штител јавниот интересЛинк до оригиналниот напис:  Кежаровски не може да одговара кривично ако го штител јавниот интерес

Датум и време на објавување: 10.06.2013

Датум на рецензирање: 11.06.2013

Рецензент: Катерина Блажевска

Вистинитост: Текстот се темели на факти, кои се точни, потврдени, веродостојни и компаративни, потврдени од практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и од други примери за идентични случаи и постапки.

Извори на информации: Во текстот се наведени повеќе извори кои се официјални, контекстуално релевантни, а преку нив е продлабочена истражувачката постапка на авторот.

Содржајност: Текстот е сеопфатен, не прикрива, напротив има амбиција да понуди што повеќе контекстуални показатели и податоци за обработената тема. Со тоа на читателот му нуди појасна слика за настанот, за правните и професионални аспекти што му претходат, но и за последиците што може да ги произведе во однос на новинарот и новинарската практика.

Пристрасност: Текстот целосно ја прикажува вистината, не е оптоварен со спинови и лажни информации, тој е избалансиран и без пристрасност ја обработува темата. Ова е особено важно, бидејќи новинарот кој е „предмет“ на темата е член на редакцијата на „Нова Македонија“, а авторот, со тоа и весникот, успеале да обезбедат и емотивна и професионална дистанца од тој факт, без да ја загрозат вистината.

Коментирање: Текстот содржи коментаторски елементи, но тие се функција на акцентирање на главните прашања и дилеми, на кои јавноста чека одговори од надлежните институции. Интегрирани на соодветно место во текстот и поставени како реторички прашања, кои на никаков начин не ја загрозуваат веродостојноста на написот.

„Три клучни елементи се важни за третманот на новинарот Кежаровски, кој за објавувањето на текстовите во „Репортер 92“ во ноември-декември 2008 година е уапсен и притворен пет години подоцна.
Дали сведокот во случајот „Ореше“, Златко Арсовски, навистина имал својство на заштитен сведок како што тврди обвинителството и судот или, пак, според неговото сопствено признание, спогодбата за заштитен сведок ја потпишал дури во јануари 2010 година? Дали сведокот Арсовски бил вистински, автентичен или лажен сведок во случајот „Ореше“, наместен од луѓе од полицијата, како што самиот изјави кога се разоткри на рочиштето во февруари годинава? И дали, со оглед на сите овие сознанија и контроверзии за случајот „Ореше“, новинарот Кежаровски го застапувал јавниот интерес кога ги објавил информациите со кои наводно го открил неговиот идентитет, пишувајќи го токму тоа – дека луѓе од полицијата местат сведок за да ги обвинат двајцата браќа за убиството во Ореше!?“

Овие јавно поставени прашања, само ја засилуваат аргументацијата на авторот во насока на инсистирање на побрз општествен одговор.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот е јасен, несензационален, информативен и целосно соодветен за наводите што произлегуваат од него. Тој е некреативен, но судско-правната проблематика која се третира во вакви и слични текстови, најчесто не доволува креации во насловот, бидејќи мора да се употребат егзактни зборови од правната терминологија.

Секако, недостигот од креативен наслов не ја намалува вкупната оценка за текстот, бидејќи во случајов е поважна компонентата на негова информативност, отколку на кративност.

Фотографија: Текстот е опремен со една фотографија, со наведено авторство, но таа не е соодветна за суштината на темата и наводите во неа.

Говор на омраза: Во текстот нема навредлив говор, ниту елементи кои поттикнуваат на каква било дискриминација.

Уреден за веб: Текстот е читлив, стилски уреден, но нема линкови за соодветни содржини, ниту за компаративните примери наведени во текстот. Недостигот од други мултимедијални елементи може да се оправда со специфичноста на темата – индивидуален случај, кој е потешко да се опреми со други контекстуални елементи.

Заклучок: Текстот се темели на факти, кои се точни, потврдени, веродостојни и компаративни, потврдени од практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и од други примери за идентични случаи и постапки. Во него се наведени повеќе извори кои се официјални, контекстуално релевантни, а преку нив е продлабочена истражувачката постапка на авторот.

Текстот содржи и коментаторски елементи, но тие се функција на акцентирање на главните прашања и дилеми, на кои јавноста чека одговори од надлежните институции. Тие се интегрирани на соодветно место, поставени како реторички прашања и на никаков начин не ја загрозуваат веродостојноста на написот. Насловот на текстот е јасен, несензационален, информативен и целосно соодветен за наводите што произлегуваат од него.

Текстот е читлив, избалансиран и без пристрасност ја обработува темата. Ова е особено важно, бидејќи новинарот кој е „предмет“ на темата е член на редакцијата на „Нова Македонија“, а авторот, со тоа и весникот, успеале да обезбедат и целосна професионална дистанца од тој факт, без да ја загрозат вистината.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција