Рецензија: Кипарската полиција трага по Британецот кој како дете бил киднапиран од Роми
Новинарите имаат посебна одговорност за јавно искажаниот збор и со оглед на тоа што нивниот збор им важна улога во обликувањето на јавното мислење, пишувањето на медиумите треба да биде неспоиво со ширењето на говорот на омраза, на предрасуди или поттикнувањето дискриминација по било која основа. Поради тоа, објавувањето на тврдење дека дете било киднапирано од Роми, во наслов на напис кој информира за нови моменти околу истрагата за исчезнато дете со британско државјанство во Грција и на Кипар, а притоа никој никаде не изнесол таков податок, е неодговорно и непрофесионално. Тоа што текстот е очигледно преземен од странски портали, без тоа да биде напоменато, со што некритички бил копиран и насловот, не ја намалува одговорноста на медиумот, кој требал подобро да се информира околу фактите поврзани со случајот пред да ѝ го презентира на својата читателска публика. Поведувањето по други медиуми кои манифестираат предрасуди по етничка основа, насочени кон конкретна етничка група, во случајов Роми, не зборува добро за професионалниот приод.
Објавувањето на написот за кој станува збор, временски следи веднаш по обелоденувањето на неколку скорешни случаи во кои биле инволвирани припадници на ромската етничка група во Грција, Ирска и Бугарија во светските медиуми, кои биле подложени на истрага во врска со деца најдени во нивните семејства, што доведе до ескалација на негативни чувства и реакции во европската и светска јавност, ионака обременета со предрасуди кон оваа етничка група, факт за кој зборуваат многу званични документи на ЕУ.
Линк до оригиналниот напис: Кипарската полиција трага по Британецот кој како дете бил киднапиран од Роми
Датум и време на објавување: 28.10.2013, 16:13
Датум на рецензирање: 29.10.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Иако написот се темели на пишувања на странски медиуми за случајот на Британецот Бен Најдам, кој како двегодишно дете бил киднапиран на грчкиот остров Кос, клучното тврдење, дадено во насловот, дека киднаперите на детето биле Роми е неточно, бидејќи досегашната истрага не донела такви резултати, односно не се познати киднаперите на детето!
Извори на информации: Написот се темели на неименувани грчки медиуми, кои пишуваат за овој случај, но не е цитиран ниту еден конкретен извор. Според нив, по 22 години застој случајот повторно се актуелизира откако на Кипар бил воочен млад човек, во друштво на Роми, кој потсетувал на фото-роботот на ликот на Британцот Бен, направен со старосна прогресија.
Содржајност: И покрај тоа што странските медиуми опширно пишуваат за овој случај и во нив се објаснува дека киднаперите на малиот Бен се сѐ уште непознати, а дека лицето кое е пронајдено на Кипар и потсетува на Британецот само бил во друштво на Роми во моментот кога бил забележан, авторот на рецензираниов напис од некаде извлекува заклучок дека киднаперите биле припадници на ромската заедница!
Пристрасност: Со самото тоа што со насловот „им пресуди “ на виновниците за исчезнувањето на британското момче пред тоа да го направат надлежните органи, написот ја спинува вистината, опасно поигрувајќи се со сопствената неинформираност и со закоравените предрасуди и стереотипи, кои постојат кон ромската популација.
Оригиналност/Плагијат: Никаде во написот не е наведено од каде потекнуваат информациите за случајот на Бен Најдам. Истражувањето на материјалот на Интернет покажува дека текстови со идентичен наслов и со слична, речиси идентична содржина, биле објавени на неколку српски портали, па може да се претпостави дека текстот заедно со дискриминирачкиот наслов е комплетно пренесен од некој од нив.
Квалитет на насловот: Насловот е сериозен проблем на овој напис. Тој искажува тврдење дека припадници на една етничка група извршиле злостор, иако тоа никој никаде го нема ниту изјавено ниту навестено, било од лицата вклучени во истрагата, било од семејството на исчезнатиот Британец. Тврдењето од насловот, дека Бен го киднапирале Роми, не може да се темели ниту на она што што стои во самиот напис, ниту во некој од написите објавени за случајот во странските медиуми, погрешен е, сензационалистички, крајно несоодветен и тенденциозен.
Фотографија: Текстот е илустриран со фотографија од детето со неговата баба, а даден е и линк од емисија на една британска телевизија, во која детално се објаснува случајот со киднапирањето, направена пред грчката полиција да објави дека е забележан младиот човек кој потсетува на Бен. Не е наведен ниту изворот, ниту авторот на фотографијата, ниту пак се дадени било какви детали за каква емисија се работи.
Говор на омраза: Тврдењето дека малиот Британец бил киднапиран од Роми, даден во насловот на написот, е дискриминаторско, има во себе елементи на говор на омраза, бидејќи без докази обвинува за злостор една етничка групација, која, ионака континуирано има проблем со дискриминација во средините во кои е населена, а тоа е поголемиот дел од Европа. Да се тврди дека Ромите се виновници за еден така сериозен криминал, кој има и емоционална димензија за читателската публика, какво што е киднапирањето на дете, и кога во голем дел од Европа, во која опстојуваат предрасудите кон припадниците на ромската популација, се расчу за случајот на русокосото девојче Марија, е опасно бидејќи може да ги продлабочи постојните предрасуди против Ромите, па дури и да генерира омраза, која може да кулминира со насилство. На тоа укажува и неодамнешниот случај во Нови Сад, Србија, каде група, засега непознати напаѓачи, опишани како скинхедси, се обиделе да го одземат детето од неговите родители-Роми, само затоа што имало посветол тен.
Заклучок: Пренесувањето на текстови од странски, најчесто српски портали, без притоа да биде наведено кој е изворот на информацијата, но и без притоа да се има критичка дистанца кон содржината и таа да се презентира како сопствен труд, не само што е непрофесионален приод, туку понекогаш има и една посериозна димензија. Во случајов, пренесувајќи текст за случај со исчезнато дете од Велика Британија, домашниот медиум и несвесно промовира една дискриминаторска идеја за припадници на ромската популација како „дежурни виновници“ за криминални дела.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар