Рецензија: Кириите кои ги плаќа државата ги полнат џебовите на приватните газди

„Дали државата да плаќа милионски суми за кирии или пак да изгради своја зграда? Ова е прашањето кое деновиве се наметнува по случувањата кај хотелот „Бристол“, каде треба да се изгради зграда на СРД, со што ќе се стопира екстра профитот за транзициските богаташи, а во неа предвидено е да се сместат владината служба, административците од Советот за радиодифузија и од Станбеното претпријатие“.

Ова е воведот во еден од трите написи кои порталот го објави во врска со последиците кои ги предизвика сечењето на дрвјата во паркчето кај хотелот Бристол, за – како што се нарекува – последната зелена оаза во центарот на градот да отстапи место за изградба на висококатница за потребите на државната администрација, Советот за радиодифузија и некогашниот СИЗ за домување. Реакциите во јавноста беа жолчни, а текстот е дел од еден речиси масовно прифатен систем на релативизирање на вината кај сторителите на екоцидот. Како и во секоја кампања и тука има прилично непрофесионалности.

Кириите кои ги плаќа државата ги полнат џебовите на приватните газди

Линк до оригиналниот напис: Кириите кои ги плаќа државата ги полнат џебовите на приватните газди 

Датум и време на објавување:05.08. 2013 13:15

Датум на рецензирање: 07.08.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Во текстот се поаѓа од неидентификувана позиција на власта и на неа блиските институции кои плаќаат кирија. Колку административци работат под кирија, колку се издвојува за таа намена месечно или годишно, дали се тоа суми кои „мирисаат“ на корупција или на зголемен трошок. Без општа слика се оди во поединечни износи ама и тука не се дава потребниот сразмер – колку на пример посочениот СРД плаќа кирија месечно и за колкав простор? Колку тоа му доаѓа во метри квадратни и дали, со оглед дека се работи за простор во централниот дел на градот, дали тоа е вообичаената сума? Дали некој успева да плати далеку помалку за сличен простор и на тој начин да покаже практично што е тоа домаќинско работење.

Дури ако се докаже некакво „недомаќинско работење“ авторот на написот може да оди понатаму и да ги бара конекциите меѓу оние кои дозволиле такво однесување и оние кои, како што тврди си „ги полнат џебовите“. Или, на крај, по сета оваа аналитика да се бара врската со домаќинското работење во форма на инвестирање во нови административни објекти. На пример колкави ќе бидат месечните ануитети за објектите кои ќе се градат?

Извори на информации: За бројките кои се наведуваат во текстот а ги има околу десеттина, што треба да ја потврдат „математичката резултанта“, не е наведен ниту еден извор – како се дошло до тие бројки, кој ги дал, односно кој гарантира дека се тие точни. За текст со доста амбициозно поставена задача,  непостоењето на релевантен и видлив извор (го нема ниту она „изворот е познат на редакцијата“) само по овој основ имаме прилог кој не може да мине крај било каква оценка за професионалност.

Содржајност: За напис кој се нафаќа да анализира состојби кај многу државни институции добро ќе беше – ако веќе ги нема претставниците на тие институции во текстот – да се добие контра теза, успешна или не, од оние кои се на обвинетата страна на текстот а кои можеби се огрешиле некаде на државниот буџет. А и тоа тука не е евидентирано, дури и како напор да се дојде до таква релација. Секако, неопходно беше и доаѓање во контакт со опозиционата партија која на крајот с е обвинува дека ги организира протестите пред Бристол, за да ги инкасира кириите во џебовите на своите приврзаници и финансиери! 

Пристрасност: Во дадената комплетна анонимност на извори и со нафрлани бројки и констатации, текстот е во целосна согласност со тезата на портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев дека вистинското прашање во однос на ситуацијата кај Бристол е дека некој сака владата и натаму да плаќа високи кирии. Тоа беше доволно  за некои медиуми да се нафатат со слободна интерпретација на таа теза.

Оригиналност/Плагијат: Текстови со слични содржини и наслови се појавија деновиве и на други портали, кои вообичаено се нарекуваат провладини, а разликата е само во должината и во малата преобработка на истите бројки, што само дава повод да се посомневаме дека се работи за кампањска пресметка со политичкиот противник со готов „шнит“, доставен од еден центар. Значи, тешко е да се потврди дали се работи за обработка на нечиј текст, за оригинално дело кое го препишувале другите и слично.

Квалитет на насловот: Насловот е пред се тенденциозен, иако барем однапред ја обзнанува тезата која авторот си ја поставува и дава недвосмислена насока во форма на заклучок каде треба да го однесе читателот како консуматор на нафрлените тези – кон подршка на се што државата прави во деурбанизацијата на просторот во централното градско подрачје.

Фотографија: Фотографијата нема авторство а истата се појавува и во други медиуми кои имаат текстови со слична содржина и каде барем е наведено дека е преземена од друг портал. Таа го покажува соголениот простор каде се исечени дрвјата, без било каква легенда.

Заклучок: Како и во други случаи на насочено новинарство и тука можат да се стават уште многу забелешки на непознатиот автор, особено од областите кои претпоставуваат основни познавања, како што е разликата меѓи приход и добивка. Или дека се користат вистински пропагандни трикови – се говори за тоа колку пари плаќа една институција за кирија (на пример СРД) која се напаѓа за недомаќинско трошење, а потоа се говори за друга институција која не се напаѓа, ама за неа се става конкретна бројка за кираџиски трошоци (на пример Министерство за земјоделие), која бројка по аналогија се „лепи“ во меморијата на читателот како оправдување за првата ситуација!? Овој и слични на него текстови се пример како се прави пропаганда на владината политика во услови кога таа презема многу непопуларни потези.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција