Рецензија: Кога не се фотографира со „поршиња“ Пимен дрма пиво

pimen-0987-009988000077777-crop-resize

Кус, но исклучително „отровен“ текст, нешто како поговорката „Отровот е во малите шишенца“. Има една и единствена цел, а тоа е да дискредитира една личност, ама не која било, туку црковен великодостојник. Тоа во овој напис е направено многу вулгарно, без усул, без каква било почит, ако веќе не кон човекот, туку кон функцијата која тој ја извршува и црквата која ја претставува. Но, она што е уште позагрижувачки е дека ова не е прв, а како што тргнало, ниту последен атак кон овој владика на МПЦ–ОА. А, ако само малку се истражи, ќе се види дека „медиумската лавина“ тргнува од моментот на „политички неподобните“ настапи на ова свештено лице.

pimenЛинк до оригиналниот напис: Кога не се фотографира со „поршиња“ Пимен дрма пиво

Датум и време на објавување: 19.03.2014, 09:54

Датум на рецензирање: 20.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КОЈ ТОА ТАМУ НЕШТО „ДРМА“?!

Нема да навлегуваме во црковните, но и моралните, правила дали и колку е дозволена конзумација на алкохол на свештено лице или што е значењето на виното (инаку алкохолен пијалок) во христијанството, туку во тоа што е напишано и како е напишано. Прво, на фотографијата, која се приложува како крунски доказ, владиката никаде не се гледа дека пие или има нешто в рака за да се оправда тврдењето дека „дрма пиво“. Фотката, најверојатно т.н. selfie, е од некоја затворена веселба и на неа се гледаат неколку луѓе, меѓу кои и свештеното лице, и тука некаде „ѕиркаат“ врвовите на две-три шишиња, по се изгледа пивски. Тоа некому му било доволно да заклучи дека владиката ептен се „алкохолизира“. Второ, ако тоа било малку, „досетливо“ е искористен еден постар рекламен слоган за пиво и напишано е „Отец Пимен и сѐ е можно“. Во нормални држави тоа е отворена врата за тужба, бидејќи констатациите, или ако сакате обвинувањата, не се поткрепени со аргументи. На фотографијата никој „ништо не дрма“, вклучувајќи го и владиката. Овде немаме папарацо-фотка на која некој навистина е фатен во, за него, непријатна ситуација, туку ептен пристојна „домашна фотографија“, така што овој извор на информации покажува нешто друго од она што изнасилено се тврди во текстот.

 

ИЗНАСИЛЕНА КОНСТРУКЦИЈА

Поточно, целиот напис е една конструкција чија содржина треба да упати на раскалашеност на дел од црковниот врв и тоа токму на овој и на уште еден владика за што говорат и формулациите:

„Ученикот го надминува учителот. Едниот во кадар со јахти, следбеникот, пак, со скапи спортски автомобили“.

Ваквиот вокабулар упатува на јасна и недвосмислена намера да се цели токму на овие две свештени лица, од кои „ученикот“ падна во немилост на одредени медиуми блиски до политиките на владата поради неговата јавна осуда на ланските насилства пред зградата на општина Центар. Потоа тргна лавината> се појави негова слика како седи во порше на пријател, која се користеше како доказ дека сака луксуз, па однекаде дојде и фотографија од, како што се вели, неговиот „учител“, како управува со моторен чамец – јахта и ете ја приказната спакувана, а овој текст за „дрмање пиво“ е само финалната машничка. Затоа, не треба многу размислување за да се фати пристрасната нишка во кусиот напис кој, пред сѐ, има сензационалистичко-таблоидen пристап, со тврда навредувачка компонента.

 

САМО 4 РЕЧЕНИЦИ, А ОД НИВ 3 КОМЕНТАРИ

Не е „лесно“ во текст од само четири реченици, три да бидат коментари. Два веќе цитиравме, а еве го последниот:

„Но, кога не се фотографира со луксузни „поршиња“, тогаш дрма пиво“.

Не може, а да не се забележи одредено насладување кај тој, за јавноста анонимен автор, кој ги пишувал ваквите реченици. Како поинаку да се објасни ставањето во ист кош фотографирањето со поршиња и пиењето пиво?! Дали позирањето покрај скапо возило те прави човек „забеган“ по лускузот? Не! Дали е исто да се сликаш со или да поседуваш порше? Не! А пивото барем ни е ефтино. Оттука, навистина е нејасна пораката која се сакало да се испрати, секако ако го исклучиме омаловажувачкиот ефект кој кулминацијата ја доживува на самиот почеток – во насловот. Поточно, сета жестина се истура токму во насловната конструкција која без дилеми ја навестува и онака кусата содржина која нема поента. Нема ниту „и“ од информативсност, но, затоа, пак, има многу тенденциозност.

Еве што може да предизвика фина фотографија која наместо за „домашна употреба“ е злоупотребена за нечии ниски страсти. Поука – не треба се да се споделува на социјалните мрежи, особено не во Македонија, каде очигледно веќе сѐ губи на значење, вклучувајќи ја и елементарната култура, почитувањето на нечијата приватност, па дури и институцијата која ја претставува… Не е дека треба некој да се брани или напаѓа, па бил и „грешен“ свештеник, но, сепак, нештата треба да имаат мерка. А, сѐ поради пустата „политичка“ сервилност на дел од медиумската заедница кој беспоговорно и безумно прифаќа да објави сѐ што некој ќе заповеда. Страшно!!!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција