Рецензија: Кои индустрии во иднина ќе го движат економскиот раст?

Кои индустрии во иднина ќе го движат економскиот раст lider-crop-resize

Замислете ваква ситуација. Доаѓа зимата, но во првата календарска зимска недела времето е топло, нема потреба од шалови и капи, времето е убаво и доволно е да облечете само една есенска јакна. Почнувате да размислувате за времето и заклучувате дека со оглед на тоа што првата зимска недела е топла, тоа мора да е сигурен знак и дека целата зима ќе биде топла. До првиот зимски студ, кој неодложно мора да дојде, се разбира.

Текстот што го рецензираме, иако не се однесува на времето, туку на економијата, некако на ист начин и по исти критериуми, тргнувајќи од конкретното или единечното, донесува заклучоци кои се генерализирани и сеопфатни.

Кои индустрии во иднина ќе го движат економскиот раст liderЛинк до оригиналниот напис: Кои индустрии во иднина ќе го движат економскиот раст?

Датум и време на објавување: 31.01.2014, 08:45

Датум на рецензирање: 04.02.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Да го проанализираме следниов пасус:

„Ако се погледне структурата на индустриското производство според податоците на Државниот завод за статистика може да се заклучи дека на преработувачката индустрија отпаѓаат три четвртини од вкупното индустриско производство, па затоа може да се каже дека компаниите кои доаѓаат од овој сектор во иднина можат да бидат главните двигатели на економскиот раст на земјава.“

Точно е дека на преработувачката индустрија отпаѓа три четвртини од вкупното индустриско производство и точно е дека компаниите од „овој сектор во иднина можат да бидат главните двигатели на економскиот раст на земјава“. Можат, но и не мора. Ваква констатација може да се даде и за компаниите од другите индустриски гранки, кои се надвор од преработувачката индустрија. Не мора да значи дека само затоа што преработувачката индустрија е најголем сектор во индустријата, токму компаниите од оваа индустриска гранка ќе ја придвижат целата економија. Конечно, не мора да значи дека економијата ќе биде придвижена од било кои индустриски компании. Таа може да биде придвижена од компаниите кои се надвор од индустријата – какви што се компаниите од трговијата, на пример. И онака трговијата учествува со далеку поголем процент во бруто домашниот производ (БДП) од индустријата. Или компаниите од областа на телекомуникациските услуги, на пример. Телекомуникациските услуги доживеаја значителен раст во изминатата деценија и нема причина тој раст да не продолжи и тоа особено со развојот на 4Г технологиите и потребата интернетот да влезе во сечиј дом. Едноставно, многу тешко е да се каже од каде би можел да дојде идниот економски раст во земјава, но во никој случај единствен критериум за негово проектирање не може да биде тоа што еден сегмент (преработувачката индустрија) од една стопанска гранка (индустријата), која не е ни најголемата стопанска гранка во националната економија, ќе биде оној чии компании ќе влечат напред.

Но, текстот оди уште похрабро и многу поконкретно во своите проекции и вели:

„Понатаму, ако според податоците на Статистика се анализира кои индустрии имаат најголеми шанси за успех, а тоа се спореди со потенцијалите за развој кои ги има Македонија и според тоа кои индустрии (недостига зборот „имаат“ н.з.поголем извоз од увоз, тогаш како индустрии кои во иднина би можеле да го забрзаат економскиот раст се истакнуваат производството на храна, метало-преработувачката индустрија, производството на автоделови, производството на мебел, текстилната индустрија, како и хемиската и фармацевтската индустрија.“

Тука веќе не само што се типува на преработувачката индустрија како двигател на македонската економија во иднина, туку се типува на конкретни индустриски гранки. Но, за разлика од претходниот анализиран пасус, овде имаме обид за објаснување на што се темелат проекциите, при што се вели дека основа за нив се:

  • податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС),
  • потенцијалите за развој кои ги има Македонија,
  • кои индустрии имаат поголем извоз од увоз.

За жал, кога е кажано „потенцијалите за развој кои ги има Македонија“ воопшто не е објаснето кои се тие потенцијали, а не се наведени ни податоците за индустриите кои имаат поголем извоз од увоз и текстот исклучиво се задржува на податоците од ДЗС.

И написот тука информира за најновите месечни и годишни податоци на ДЗС (декември 2013 споредено со декември 2012 и цела 2013 во однос на цела 2012). Проблемот е само што почетната логика на аргументот е погрешна. Едноставно, во никој случај не мора да значи дека ако во некој месец или во некоја година некои индустриски гранки покажале раст или имале поголем извоз од увоз (топлото време во првата недела од зимата), дека тоа е било каков аргумент или показател дека токму тие ќе бидат оние кои ќе ја повлечат целата економија напред во иднина (заклучок дека времето ќе биде топло цела зима). Настрана фактот, пак, што не е специфицирано за која тоа иднина станува збор – краткорочна, среднорочна или долгорочна.

Последните месечни и годишни статистички податоци за индустриското производство навистина покажуваат позитивен тренд. Но, тие податоци се однесуваат само на тој период за кои говорат – декември лани во однос на декември преклани и ланската година во однос на прекланската. И од нив не можат да се вадат севкупни заклучоци и тоа особено не за некоја недефинирана и непозната иднина. Како што и од големината на извозот во однос на увозот не можат да се вадат општи и генерализирани заклучоци за иднината и да се тврди дека некои гранки, кои во некој непознат и овде ненаведен период имале поголем извоз од увоз, ќе имаат таков сооднос меѓу извозот и увозот и во иднина.

Она што треба да се знае за ланските добри податоци во индустриското производство е дека тие доаѓаат по еден продолжено лош период во индустријата. Имено, пред февруари 2013 година, индустриското производство паѓаше 17 месеци по ред од месец во месец без прекин. Тоа значи дека од септември 2011 година до јануари 2013 година индустријата бележеше постојан пад секој месец споредено со истиот месец претходната година. Само во 12-те месеци од 2012 година, споредени со истиот период од 2011, индустриското производство падна 6,6 отсто, а пад покажаа и редица индустриски гранки.

Ова покажува дека од едномесечни податоци, па дури ни од годишни податоци за индустриското производство едноставно не можат да се вадат заклучоци за тоа какво ќе биде индустриското производство во иднина, а уште помалку, пак, кои индустриски гранки ќе повлечат една национална економија и дали воопшто индустријата ќе биде локомотивата или некој друг сегмент од економијата.

Извори на информации: Единствен извор се временски ограничените податоци на ДЗС. Наведени се и проекциите на Народната банка за движењето на економијата за годинава и идната година, но тие не се однесуваат на индустријата, туку на целата економија.

Содржајност: За вакви анализи се потребни многу повеќе инпути – какви што се ставовите на раководителите, брокерите и деловните аналитичари, посебни секторски анализи и податоци, како и компаративни анализи и тоа и регионални и континентални за да може да се согледа конкурентноста на една национална индустрија и на нејзините индустриски гранки со конкуренцијата во странство и многу, многу повеќе.

Пристрасност: Нема директна пристрасност. Но, со оглед на тоа што станува збор за изнасилена анализа, која сака од многу ограничени податоци да ја согледа иднината на целокупната национална економија, којзнае…

Квалитет на насловот/Фотографија: И насловот и фотографијата ја имаат оптимистичката нота, која во себе ја носи текстот. „Кои индустрии во иднина ќе го движат економскиот раст?“, прашува насловот, сметајќи дека е неизбежно индустриските гранки да бидат тие кои ќе обезбедат раст, а не трговијата или некои други услуги, на пример. Графиконот, пак, кој, исто така, покажува некакво нагорно движење, некаков раст, го засилува оптимизмот на целиот напис.

Заклучок: Ова е школски пример како од нешто конкретно и ограничено, (индустриско производство во ограничен временски период или топлото време во првата недела од зимата) не можат да се носат генерализирани и сеопфатни заклучоци (индустриски гранки кои би можеле да го забрзаат економскиот раст во иднина, времето ќе биде топло цела зима).

Зашто, ако вака се носат заклучоци од временски ограничена серија на податоци за индустриите што можат да го забрзаат растот, значи ли тоа кога податоците се лоши дека може да се извлече и обратен заклучок. Кога индустриското производство падна во 2012, а паднаа и редица индустриски гранки како метало-преработувачката индустрија (пад од 10,7 отсто во 2012), производството на облека (пад од 8,2 отсто), рударството и вадење на камен (пад од 4,4 отсто), производство на електрична опрема (пад од  15,4 отсто), производство на мебел (пад од 14,5 отсто), значи ли ова дека и тогаш сме можеле да се потпреме врз овие податоци и да го кажеме обратното – дека со оглед на фактот што овие индустриски гранки забележале пад, тие ќе го запрат растот на економијата во иднина или уште повеќе, дека тие ќе го попречат растот на економијата во иднина? Кога вака ќе се постават работите, веднаш станува јасно оти ваквото расудување нема некоја особена смисла. Особено што има индустриски гранки кои во 2012 бележеле пад, а во 2013 раст, што најдобро покажува дека овие краткорочни движења не можат да бидат репер за растот на економијата во иднина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција