Рецензија: Кој ја задушува Старата скопска чаршија?
Настанот кој се случи за време на викендот во Старата чаршија, а за кој известија практично сите медиуми и за кој долго се дебатираше на социјалните мрежи, наводното демолирање на локалот „Њу Орлеанс“, е предмет на обработка во овој напис. Навидум задоцнетото отворање на тој случај се оправдува низ фактот што текстот не се базира на очевидци и лица кои од втора рака чуле за настанот, туку се обидува на лице место да собере информации. За чудо, тие ја менуваат сликата која кај читателите се вкорени по првите медиумски одеци за настанот.
Линк до оригиналниот напис: Кој ја задушува Старата скопска чаршија?
Датум и време на објавување: 11.08.2014, 18:58
Датум на рецензирање: 12.08.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
Ресторанот вчера работеше најнормално. Неколкумина гости уживаа во кафето и во ладното пиво на масите надвор. Проверивме двапати, прозорците не беа скршени. Чисто беше и внатре, шанкот беше во добра состојба.
„Јас не бев на работа, но колегите ми кажаа дека не се случило ништо сериозно, ниту, пак, имало кршење и напади врз вработените“, ни рекоа од персоналот во „Њу Орлеанс“.
И во скопската полиција зачуденост од „тежината“ со кој што беше претставен викенд-инцидентот во Старата скопска чаршија.
Откако дошло сознанието дека целата приказна е веројатно надуена, авторот направил разговор со две познати имиња – постојани гости во Чаршијата, кои и се добри познавачи на медиумите. Едниот од нив (Петрит Сарачини) проценува дека за овој настан не се известувало професионално. Додека другиот (Џабир Дерала) вели дека со настаните во Чаршијата и со емоциите лесно се манипулира и дека прва жртва се меѓуетничките односи.
Добро е, секако, кога ќе дојде напис кој се обидува информациите да ги бара на лице место. Сѐ уште сме збунети како некои написи говореа од аспект на директни сведоци на настанот. Посебно се издвојува текстот „Ноќеска во чаршијата“, кој преку описите на тепачката и мотивите нѐ застрашува. Впрочем и самата власт реагираше така – одново видовме на малите екрани како двајца виновници, кои наводно биле провоцирани од песната „Распукала Шар Планина“, па направиле „крш“ во објектот, на спектакуларен начин се приведени. Беа дадени нивните лични податоци, посочено е дека се и поранешни сторители на слични дела!
Ако денес полицијата тврди дека е тоа банална тепачка, зошто тогаш не ѝ се извини на јавноста и на уапсените, бидејќи веќе јавно ги избламира за нешто што значи сеење на меѓунационална омраза. Ако, пак, подоцнената информација не е точна, треба да го укори службеникот дека минимизира проблем кој не е за подценување?!
Ова значи дека пред себе имаме текст кој бара од овој настан да има барем уште еден прилог во кој треба да се дорасчисти со сето она што го проследуваше овој мал или голем инцидент. Вака, останува нешто недоречено во воздухот, а првичните реакции се сѐ уште посилни и подоминантни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар