Рецензија: Кој стои зад Аце Коцевски?

Непотпишан коментар, објавен со идентичен текст на три интернет портали речиси истовремено, како очигледна координирана негативна кампања против кандидат за градоначалник од опозицијата.

Рецензија: Кој стои зад Аце Коцевски?Линк до оригиналниот напис: Кој стои зад Аце Коцевски?

Датум и време на објавување: 31.03.2013

Датум на рецензирање: 02.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Најтешкото прашање, на кое читателот и аналитичарот нема одговор и откако ќе го прочита овој долг, непотпишан коментар за тоа „кој стои зад Аце Коцевски“, е всушност дали соопштените наводи се факти, или се измислици, или пак полувистини. Точноста и веродостојноста на сериозните обвинувачки наводи не може да се утврдат, бидејќи во текстот нема извори и аргументи за поткрепа на изнесеното.

Извори на информации: Зачудувачки е како еден напис, кој содржи сериозни и тешки обвинувања на сметка на еден човек, да не содржи исказ на ниту еден извор, или да понуди каков било друг облик на атрибуција на изнесените наводи. Тоа сериозно ја намалува веродостојноста на написот.

Содржајност: Написот е несеопфатен и ја прикрива верзијата на настаните што би можела да ги соопшти засегнатата страна, доколку тоа ѝ било овозможено.

Пристрасност: Освен што е јасно дека написот ја игнорира засегнатата страна (атакуваниот Аце Коцевски) и затоа само делумно ја прикажува вистината (ова „делумно“ под претпоставка дека некои од наводите се вистини или полувистини) и освен што изнесува сериозни обвинувања за кандидатот на опозицијата, тој содржи и класични спинови. Еве еден од нив:

„Коцевски беше и пратеник во Собранието на Република Македонија во периодот од 1994 до 1998… Во отсуство на опозиција во парламентот, беа донесени мноштво закони, кои на Црвенковски, му овозможија стекнување на политичка моќ преку приграбување на општествениот капитал. Со носење на законите за приватизација, именувањето на судии и стечајни управници, фабриките ги добија блиски луѓе на Црвенковски, а илјадници луѓе останаа без работа. Во тој парламент, се донесоа и законите за промена на уставното име и знамето на Република Македонија…“

Според „логиката“ на авторот, тоа што Коцевски бил пратеник во парламентот, автоматски го прави виновен за приватизацијата, за другите зла, па дури и за промената на името и на знамето.

Уште еден спин:

„Кампањата која денес ја води Коцевски не е мала. Финансиски средства СДСМ обезбеди од Комерцијална Банка, банката на Хари Костов, банката која денес во Велес е сопственик на имотот на поранешната фабрика Порцеланка, една од затворените фирми од која без работа останаа повеќе од 2000 луѓе.“

На чуден начин „логиката“ води од Коцевски, преку Хари Костов до оние 2.000 невработени од „Порцеланка“.
Политичката наклонетост е очигледна и нема ни минимален обид текстот да се избалансира ако не со исказ на засегнатата страна, тогаш барем со коментирање на можните контрааргументи, што е стандардна постапка во секој добар коментар.

Коментирање: Иако жанровски немаркиран како таков, написот е еден долг и прилично лош коментар, од аспект на техниката на аргументирање. Клучниот проблем овде е манирот што веќе го детектиравме во една претходна анализа – прикривање на коментарот низ негово интегрирање со фактите.

Написот не се рубрицира како коментар, не се потпишува (што е стандард за секој коментар), веројатно за да се создаде чувство кај читателот дека се изнесуваат веродостојни факти, а не мислење на автор чија релевантност можеби би била спорна.

Плагијат: Написот го оценуваме како оригинално дело, под претпоставка дека оригиналот е овој текст објавен во Денешен, а копии се другите два идентични текста, објавени на сајтовите Курир и Комуникација.

Квалитет на насловот: Според очекувањата, текстот е опремен со сензационален наслов, кој не информира, туку поставува тенденциозно прашање, во кое тезата дека „некој стои зад Аце Коцевски“ се зема како аксиома, само треба да се утврди кој е тој.

Фотографија: За да биде впечатокот комплетен, сите три портали објавуваат иста портрет-фотографија од Аце Коцевски, чиј автор не е наведен.

Заклучок: Написот на Денешен, кој не ги задоволува формалните претпоставки за жанровски да се определи како коментар, всушност, е еден скриен коментар, со претензии да се претстави како текст кој изнесува факти, а со очигледна намера да изнесе непотврдени и непоткрепени обвинувачки наводи за Аце Коцевски, кандидатот за градоначалник на Велес.

Речиси истовременото објавување на истиот текст, дури и со ист наслов и со иста фотографија, на три портали, зборува за начинот како во некои медиуми се координираат ваквите мини-кампањи и како на тој начин, всушност, се води не само блиска, туку и единствена уредувачка политика.

Рецензија: Кој стои зад Аце Коцевски?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција