Рецензија: Колкава количина на марихуана е потребна за да се предозирате?

marrr_0000_00001-crop-resize

За волја на вистината, документот на кој се повикува авторот на текстот постои и преводот е извршен точно. Но, се изнесува на површина доста контроверзен факт, кој е потврден само од еден судија и затоа е прашање дали може да се третира како генерална вистина.

Спорно во текстот е тоа што афирмира „препорачлива доза“ на марихуана потребна за предозирање врз основа на сознанија кои се однесуваат на медицинската употреба на марихуаната. Заклучокот од текстот е дека за да се предозира, човек треба да испуши 20.000-40.000 џоинти, што навидум е сензационалистички заклучок, но е поткрепен со извор. Потребно е да се нагласи дека овој сензационализам не е поради тоа што документот на кој се повикува авторот не постои, туку поради тоа што е прашање дали судија е релевантен извор за тоа колку марихуана е потребна за некој да се предозира и дали марихуаната за која тој зборува е медицинска. Освен тоа, документот е стар повеќе од 25 години, па прашање е дали во меѓувреме е надмината неговата вредност со понови истражувања.

marrrЛинк до оригиналниот напис:  Колкава количина на марихуана е потребна за да се предозирате

Датум и време на објавување: 28.11.2013; 11:16

Датум на рецензирање: 1.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: За изнесените факти е посочен извор. Недостасува линк до оригиналниот документ за читателот самиот да се увери во постоењето на документот. Он-лајн платформите на кои се пласираат медиумски содржини ја нудат можноста да се одведе читателот до оригиналниот документ. Вистинитоста на новинарскиот текст е поткрепена со документ, но прашање е колку е релевантен тој документ. Авторот не ја доведува во прашање вистинитоста на изнесеното во документот.

Извори на информации: Како извор се користи документ од 1988 година без тој да биде целосно преведен. За веродостојноста да биде поголема, новинарот можел да посочи линк до оригиналниот документ.

Содржајност:  Написот пренесува тврдења изнесени во документ. Доколку се провери оригиналниот документ на кој се повикува авторот, ќе се дојде до заклучокот дека тој содржи 69 страници, од кои е преведена една.

Пристрасност: Во текстот се презентираат само факти кои одат во прилог на употребата на марихуаната, но не и спротивставените тези од кои би се видела сеопфатната обработка на темата.

 Коментирање: Во текстот е преземен еден дел од документот што се цитира, но не е атрибуиран од што се добива впечаток дека е коментар:

Само во САД помеѓу 20 милиони и 50 милиони луѓе конзумираат марихуана и покрај тоа што истата е нелегална, а сеуште не е забележан смртен случај кој директно бил предизвикан од конзумирање на марихуана.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за превод од транскрипт од 1988 година, кој е извршен на точен начин, без манипулирање, но не е сеопфатен, односно поголемиот дел од него не е преведен.

Квалитет на насловот: Во насловот изостанува да се наведе дека целиот текст се однесува на медицинската марихуана. Потенцијално е опасно да се известува за „препорачлива доза“ на марихуана. 

Фотографија: Фотографијата е објавена како илустрација на темата за која се говори во текстот и е коректна.

Заклучок: За теми кои се контроверзни новинарот е потребно да консултира повеќе извори и да ги претстави сите аспекти за да не предизвика штети. Секогаш е добро да се консултираат експерти. Читателската публика би можела да го протолкува текстот и како „водич за конзумирање марихуана“, поради изнесените тврдења за кои нема соодветни спротиставени тези. Документот на кој се повикува авторот е од пред 25 години и би се добила посеопфатна слика за проблематиката, доколку се изнесат факти и за подоцнежните истражувања во оваа насока.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција