Рецензија: Коце-македонскиот Џон Вејн

A1ON-a1on_mk_wordpress_archives_2352171-crop-resize

Веста има само една реченица. Дека Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, со пукање од пиштол означил старт на ноќната трка низ Скопје. Кога ќе ја прочитате, или ќе го погледнете прилогот, немате јасна слика за што се работи. Дали е тоа само најава на вест, цела вест или се работи за техничка грешка при што заборавиле да го „закачат“ прилогот.

FireShot Screen Capture #052 - 'ВИДЕО_ Коце – македонскиот Џон Вејн I A1ON' - a1on_mk_wordpress_archives_235217Линк до оригиналниот напис: Коце-македонскиот Џон Вејн

Датум и време на објавување: 10.11.2013 18:29

Датум на рецензирање: 13.11.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Вистина е дека Коце Трајановски означил старт на трката, но дали имало учесници не знаеме, бидејќи и на фотографијата за најава на прилогот и во самиот прилог го гледаме само Коце Трајановски како двапати пука од пиштол за да го означи стартот на трката. Слободно можеме да се посомневаме дека воопшто немало учесници на трката. Туку Коце дошол само да се слика.

Извори на информации: Претпоставуваме дека новинарот бил на настанот штом направил прилог.

Содржајност: Не може да се зборува за никаква содржајност, бидејќи веста нема содржина. Не се задоволени основните критериуми за вест. Дали трката навистина се одржала, дали имало учесници и колку. Каде бил стартот и по која маршрута трчале, колку километри, каде е целта, дали имало публика, на која возраст биле учесници, дали се доделувала награда… Зборуваме за трка по повод празникот на градот, а никаде ги нема учесниците. Веста не содржи основни информации за настанот.

Оригиналност/Плагијат: Прилогот не е потпишан, но веројатно се работи за оригиналот, бидејќи имаме автентична снимка од стартот на трката.

Квалитет на насловот: Насловот не одговара на содржината. Прилогот е за трката по повод празникот 13 ноември. Тоа со Џон Вејн, со кого е спореден Коце Трајановски, нема никаква врска. Насловот е и треба да биде реклама за текст. Но, не може со наслов за „детергент, да се пишува за мајонез“. Тој мора да биде усогласен со текстот. Насловот кој во себе носи нешто што во текстот не е објаснето, е промашен наслов и само му нанесува штета на текстот. „Коце – Македонски Џон Вејн“ не е наслов дури ни за таблоид, бидејќи читателите не сакаат да бидат измамени.

Фотографија: Од фотографијата и од прилогот се добива впечаток дека за новинарот веста не била трката, туку присуството на градоначалникот Коце Трајановски. Два пати го прикажува само него како го означува стартот на трката.

Заклучок: Ова потсетува на стариот школски пример за новинарот кој не напишал извештај од премиерата во театарот, бидејќи во театарот избувнал пожар. Тоа за него не била вест. Тој отишол на премиера.

Во овој случај за новинарот веста била присуството на Коце Трајановски, а не трката низ улиците на Скопје по повод празникот 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Присуството на градоначалникот на вакви манифестации е нормално и очекувано и тоа не е вест, тој, меѓу другото, за тоа и добива плата.

„Стартот на трката го означи градоначалникот на Град Скопје, со пукање од пиштол“.

А, како на друг начин требало да го означи почетокот на трката? Овој секундарен дел од трката за новинарот бил најважен. Дури неговото пукање го споредил со вестерн филмовите: „Коце-Македонскиот Џон Вејн“. На авторот тоа му било доволно да мисли дека веста е комплетна. Е, не е доволно. Бидејќи се работи за ТВ прилог, гледачите сакале да ги видат и учесниците на трката и трката. Ако авторот го покажал стартот, требало да биде и на целта.

Основното правило при пишување на веста е, што сакам да им соопштам на читателите/гледачите? Оваа вест не е прецизна, не е јасна. Не може да се стави ни во категорија на пишувани вести, ни во визуелна вест, бидејќи ни со текстот ни со снимка не соопштува ништо. Ако новинарот веќе бил на лице место, а очигледно е дека бил, требало да нѐ информира што таму се случувало. Дали имало или немало трка, или имало само старт. Можеби по стартот учесниците си отишле дома… немаме никаква информација што таму се случувало освен што Коце пукнал двапати од стартниот пиштол.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција