Рецензија: КУРИР го допре Милчин во сржта со едноставно прашање – Каде бил на одмор?

 

24-09876-098-crop-resize

„Чудо“ од текст кој претставува продолжение на сагата „Подобните медиуми против неподобните НВО-а и новинари“. Не ми е докрај јасен мотивот да се прави „истражување“ за тоа каде летуваат, како што се вели, опозициските новинари и нивните „спонзори“, бидејќи во основа не ми е јасно што се сака со тоа да се каже. Дали, дека се „предавници“ бидејќи одмораат, на пример, во Грција, се „платеници“ бидејќи медиумите преку кои преживуваат делумно се финансираат од една невладина организација….?! Конечно, зборуваме за луѓе кои заработуваат, работејќи во приватниот сектор, односно не се на државни јасли за оттука да се извлекува клучно прашање „Како се трошат моите пари“. Добро, ако веќе се прави анализа зошто тогаш нема новинарски порив, исто така, „храбро“ да се истражува каде одморале сите оние силни, исончани министри, пратеници, директори на јавни институции, кои, за разлика од претходните, го јадат лебот кој ние даночните обврзници им го обезбедуваме. Јас како граѓанин, пред сѐ, сакам да бидам навремено и објективно информиран за тоа колку време, на кое место и за колку пари се релаксирале овие функционери кои плата земаат од буџетот. Тоа се нарекува одговорност кон јавноста. „Веста“ само за тоа каде се капеле НВО шефовите и некои новинари, пак да повториме, вработени кај „приватници“, претставува одвлекување на вниманието на публиката од реалните теми и проблеми во државата.

2Линк до оригиналниот напис: КУРИР го допре Милчин во сржта со едноставно прашање – Каде бил на одмор?

Датум и време на објавување: 17.08.2014, 13:04

Датум на рецензирање: 20.08.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КАКО ТОА ВЕСТ Е КАДЕ ЛЕТУВААТ „ОПОЗИЦИОНЕРИТЕ“, А НЕ КАДЕ СЕ КАПАТ „ВЛАСТОДРШЦИТЕ“?!

Имаме пример за наменска медиумска „каша-попара“ која во суштина има силна политичка позадина, бидејќи цели на т.н. опозициски табор – од лидерот на СДСМ, кој во претходните написи од овој серијал беше директно посочен, преку првите луѓе на некои организации кои се „поврзуваат“ со опозицијата, па се до новинари кои пејоративно се квалификуваат како „борци за слобода и демократија“ . Поточно, преку прашања каде летуваат овие лица, се прави обид за нивно, „демаскирање“ како трошаџии по странски дестинации. Значи, класичен спин. Новинарски гледано, прашањето прво треба да биде каде по одмори носителите на јавни функции ги трошат државните пари, а дури потоа јавноста може да се занимава со останатите луѓе од јавниот живот. Целосно искривување на принципите на професионално работење. Недозволиво е вест да биде САМО тоа каде летуваат т.н. „опозиционери“, а не и оние кои со години ја управуваат земјава.

Пак се повторува практиката да недостасуваат кредибилни извори на информации. Во написот никаде не е наведено или прецизирано дали и кој ги аргументира изнесените тврдења. Имаме само една СМС-порака и Фејсбук статус на споменатиот прв човек на невладината организација во кои тој не демантира дека не е во Грција. И, што е тука спорно? Дали пораката е дека не треба да се летува кај јужниот сосед? Па, тогаш тоа е општествен проблем, бидејќи годишно повеќе од 100.000 македонски државјани со години наназад се капат и сончаат на грчките плажи.

Да бидам искрен, текстов сум го прочитал само затоа што треба да го рецензирам поради неговите многубројни слабости. Кај него сигурно нема да ве привлече содржајност, бидејќи воопшто не ја поседува. Станува збор за едноставно „надополнување“ на претходни, исто така, проблематични написи, без каква било реална информација. Веста, која секој текст треба да ја има, е сосема засенета со т.н. „background“ од кој извира пристрасност.

 

ЗЛОУПОТРЕБА НА КОМЕНТАРОТ КАКО НОВИНАРСКИ ЖАНР

Не треба да се пропуштат и да не се забележат долгите и силно обоени коментаторски елементи кои одлично се вклопуваат во сликата за максимално необјективен производ. Еве само еден пример:

„Со оглед на фактот што Милчин раководи со фондација чиј што годишен буџет изнесува над 5 милиони евра за медиуми и невладини, кои оркестирано по секоја цена и крајно непрофесионално треба да ја напаѓаат власта, а дополнето со сознанието дека истиот поседува пријатели од медиумскиот, а и од политичкиот свет кој што дебело ги финансира, а кој веќе јавно се изјаснија дека својот одмор го поминале на грчкиот песок, ние сме убедени дека Милчин може да си дозволи многу повеќе од одмор на Санторини, Крф, Родос или пак во тој како што самиот вели куќата на Заев во Грција“.

Членот 13 од Кодексот на новинарите нормира дека „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“. Тоа очигледно не е запазено во овој текст.

Да бидеме на чисто, овој текст всушност е класичен коментар подметнат како некаква си информација. Таквиот пристап, според професионалните критериуми, е недозволив.

„Доколку одморот во Грција е ситен залак, тогаш треба да каже дали својот одмор го поминал на некоја друга локација, на пример Шпанија, Португалија, Флорида или пак поегзотично место како Куба, некои острови или нешто слично на тоа.Со оглед на парите за кои Милчин одлучува, искрено веруваме дека тоа нема да му претставува потешкотија“.

Веќе е неподнослива е оваа „неподнослива леснотија“ со која неименувани се нафаќаат да го злоупотребуваат коментарот како еден од врвните новинарски жанрови, а притоа, според прикажаното, да не ја знаат ниту основната азбука на журналистиката. Меѓу другото, тоа се потврдува и од самиот наслов кој е сѐ само не онаков како што треба да биде. Нема каква било информативна компонента, туку сѐ е фрлено врз сензационализмот, „жолтилото“ и тендециозните формулации. Демек, споменатиот човек ептен го заболело прашањето на новинарите-истражители. Искрено, ова е смешно во споредба со тоа што се  истиот човек помина во изминатиот период.

Не треба многу ум и спектакуларни аналитични способности за да се увиди дека ова е уште едно ново координирано медиумско распнување, линчување пред и да се биде осуден за сторениот грев „летување“. Тоа не е новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција