Рецензија: Кузеска не ја прифаќала про-сдсмовската политика на 24 вести па била под притисок?
Во членот 16 од Кодексот на новинарите пишува:
„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги“.
Членот 13, пак, утврдува дека новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Како основен професионален стандард е проверката на информациите и нивната точност. Во продолжение рецензираме текст во кој непотпишаниот автор не ја контактирал засегнатата страна за која пишува, во случајот, новинарката Богданка Кузеска. Не обидувајќи се да допре до сржта на ситуацијата, медиумот го злоупотребува тоа што Кузеска си дала оставка за ја стави во дневно-политички цели – и тоа и неа и телевизијата „24Вести“.
Линк до оригиналниот напис: Кузеска не ја прифаќала про-сдсмовската политика на 24 вести па била под притисок?
Датум и време на објавување: 28.02.2014, 13:07
Датум на рецензирање: 01.03.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Само еден ден пред објавувањето на текстот што го рецензираме, Кузеска дава изјава за Нова ТВ во која вели:
„Поради несогласувањата околу начинот на работа во информативниот дел и неколку писма од страна на менаџментот полни со според мене неосновани забелешки како и парични казни за мене, јас ја понудив мојата оставка од главен и одговорен уредник. Потоа не успеавме да најдеме заедничко разбирање, по што следуваше дефинитивната одлука. Несогласувањата беа околу мојата невклученост во клучни одлуки, како на пример отказ на уредник или промена на уредник во репортер, без воопшто да бидам консултирана, што подразбираше целосно маргинализирање на мојата функција. Можеби и моето боледување од еден месец поради операција придонесе за таков епилог, но тоа најдобро го знае менаџментот“
Во ова образложение нема ниту еден збор за тоа дека уредувачката политика на „24Вести“ е „просдсмовска“. Медиумот, чиј текст го рецензираме, ја етикетира телевизијата „24Вести“ како „просдсмовска“, што, се чини, е и основниот контекст во кој само попатно авторот ја „вклопува“ Кузеска.
Од аспект на колегијалност и професионалност, телевизијата „24Вести“ е етаблирана како медиум во кој принципиелно може да се слушнат различни мислења. На претходните избори, оваа телевизија, заедно со „Телма“ беа единствените што не понудија дампинг цени на рекламниот простор во ситуација кога некои телевизии продаваа една маркетиншка секунда за нешто повеќе од едно евро.
Извори на информации: Ако ги има, изворите се анонимни и неофицијални. Спорно е што „Прес24“ воопшто не ја консултира и не ја контактира Кузеска за став, а пишува за неа.
Содржајност: Текстот содржи една шпекулација атрибуирана на анонимни и неофицијални извори, препишана изјава од друг медиум и неконтактирање за потврда или демант на шпекулацијата е отприлика рецептот за содржајноста на овој текст.
Во членот 1 од Кодексот на новинари се вели дека доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави, што во текстот што го рецензираме не е сторено.
Пристрасност: Текстот може да се толкува на различни начини, но остава впечаток на политички пристрасен, етикетирајќи ја телевизијата како „просдсмовска“, а новинарката ја става во непријатна ситуација. Дури и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, успева да се мушне во приказната:
Програмски директор во „24 Вести“ е некогашниот портпарол на Бранко Црвенковски, Зоран Иванов, кој веќе преговарал со новинар од друга телевизија да дојде и да биде главен уредник.
Оригиналност/Плагијат: Текстови со слична или многу малку адаптирана содржина се појавија и на други портали, но не може да се утврди кој е изворниот автор.
Квалитет на насловот: Насловот во прашална форма, пласира тврдење дека уредувачката политика на „24Вести“ е „просдсмовска“. Тоа се става во контекст на оставката на Кузеска. Овој наслов не е оправдан во текстот.
Заклучок: Професионално е да се праша оној за кој се пишува новинарски текст. Дури и во предизборен период.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар