Рецензија: Лани спречени кражби на 500 артефакти
„Канческа-Милевска информира дека координација со МВР и со Царинската управа во изминатиот период спровело многу акции, а само лани биле евидентирани обиди за нелегална трговија со преку 500 културни добра. Додаде дека со Царинската управа отвориле информативно катче на аеродромот „Александар Велики“ за да ги информираат граѓаните и царинските работници да распознаваат оригинал и копија“.
Агенцијата МИА информираше деновиве за регионалната конференција за улогата на царината во заштитата на културното наследство. Во веста недостасува бројката која ќе ја открие реалната опасност од нелегалниот износ на културните добра од земјата, други податоци за учесниците на собирот кој е наречен регионален, кој е нивниот метод за борба против шпекулантите со културни вредности и други податоци кои се очекуваат од вака амбициозно насловена конференција. Вкупниот впечаток е дека власта се грижи сосема добро за заштита на културните вредности и тоа треба да се „голтне“ во екот на најголемите критики во јавноста за „шупликавоста“ на целиот систем.
Линк до оригиналниот напис: Лани спречени кражби на 500 артефакти
Датум и време на објавување: 27.11.2013, 15:25
Датум на рецензирање: 10.12.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Кога сè ќе се „истреби“ во овој текст, значајното од незначајното, излегува дека на граница е спречено нелегално изнесување на 500 артефакти. Таа е секако голема бројка, ама го немаме соодносот за да ја видиме ефикасноста на царинската управа. Министерката за култура должи податок за тоа колку артефакти во тој период шпекулантите успеале да ги изнесат. Или барем колку се претпоставува дека се изнесени?! Бидејќи секогаш постои методолошка претпоставка за соодносот „фатено-нефатено“. Ова уште повеќе што и самата таа знае дека во меѓувреме се случија големи афери, од кои некои се во фаза на истрага, а некои се пред формирање на обвинителен акт, заради фактот што во местата каде тие артефакти треба да се чуваат, „испариле“ многу вредни предмети, чиј број не е познат!
Извори на информации: Освен бројката на министерката Канческа-Милевска, чудно е што нема релевантни показатели, ниту методолошки објаснувања како се спречуваат појавите на илегално изнесување на артефакти, бидејќи и самиот прв човек на Царината, Каргов, според овој новинарски извештај признава дека тие се посветени на „градење на сопствени капацитети“, а не да се спречува оваа појава, со што се признава дека сѐ уште сме далеку од постоење на систем кој би ги сопирал илегалните изнесувања на националното богатство.
Ако говориме за регионален собир каде присуствувале сите релевантни фактори , тогаш текстот е многу скуден со информации и извори на сознанија.
Содржајност: Се добива впечаток дека новинарот присуствувал само на протоколарниот, прв дел на собирот, бидејќи не се цитира никој освен првиот човек на Царината, потоа министерката за култура, како и гостинот од Азербејџан. Во така драматични состојби во однос на чувањето на националното културно богатство, особено за земјава, не е јасно зошто државната агенција не ги покрила присутните експерти, кои секако ги имало и кои можат да кажат нешто за идентификацијата на изворите каде артефактите се наоѓаат, учесниците во ланецот кој мора да постои, местата каде тие вредности ја минуваат границата, како и пазарите каде се продаваат…
Пристрасност: Од тема со толку предизвици имаме само неколку изјави, кои ништо не кажуваат особено за темата која е дури и преактуелна . Бидејќи таа не говори добро за оние кои се задолжени, примаат плата за да го чуваат богатството на кое сме горди, значи дека во основа имаме вест која повеќе прикрива отколку што открива. Дел од веста, впрочем, е посветен на заедничкото садење на дрва на претставниците на македонската делегација и гостите од Азербејџан.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е секако оригинален, бидејќи извештај од тој настан другите медиуми и немаа.
Квалитет на насловот: Насловот сакал да го отслика успехот на организираната држава која спречила кражби на 500 артефакти. Тоа е методолошки погрешна интерпретација – никој не може да знае колку кражби се спречени, а и самата министерка користи една друга категорија – спречување на нелегална трговија со артефакти. Имено, тоа не мора да се украдени артефакти. Потоа, ниту министерката не е прецизна, бидејќи нелегална трговија може да е и внатрешен феномен, во кој се вклучени домашни колекционери?! Секако од министерка за култура треба да се очекуваат многу попрецизни објаснувања, ама тоа како да бил собир на кој нешто само требало да се спомене…
Фотографија: Фотографијата ги дава само министерката за култура и првиот цариник Каргов, но не и гостите, ниту имаме претстава за „широчината“ на собирот, за што секако вообичаено следува една „панорамска“ фотографија која тука изостанува!
Заклучок> А како и би имале панорамска фотографија кога тој собир место регионален, според изнесеното бил бинационален! Во текстот нема наведено зошто собирот е именуван како регионален? Кои држави испратиле учесници? Ако е регионален, тогаш дошле само гости од Азербејџан, кој и не е во регионот, ако гледаме строго географски, па значи дека сме имале и еден неуспешен собир?! А дека за ваков вид на спречување на трговија е неопходен регионален собир, не е потребно да се кажува многу – она што ќе се изнесе од кај нас заминува кај соседните земји. Па оттаму борбата треба да е заедничка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар