Рецензија: Лекови за сите болести биле во Библијата?!
Широк е списокот и дијапазонот на начини на кои надрилекари, волшебници, таротмани, гатачи и самоповикани алтернативци можат да им наштетат на болните, а уште е поголем списокот на написи, кои, во трка по сензација и зголемување на тиражот на сметка на болните, во тоа им помагаат. Со таква симбиоза, сите заедно прават голема штета: економска, психолошка и социјална…
Текстот што го рецензираме, за жал, кај оние кои не го познаваат и не чуле за него, направил голема штета и на репутацијата на д-р Ричард Шулц. А, може да им направи и на читателите, доколку четивото го примат „здраво за готово“ и почнат самите да се лекуваат, применувајќи ги рецептите што се понудени.
Рецензираме евтин, тривијален медиумски производ кој е прилагоден и треба да ги задоволи комуникациските потреби на најниските конзументи на популарната кич култура.
Линк до оригиналниот напис: Лекови за сите болести биле во Библијата?!
Датум и време на објавување: 06.05.2014, 14:14
Датум на рецензирање: 08.05.2014
Рецензент: Александар Писарев
БРЗО, КРАТКО, И ЈАСНО…
… е основна водилка во модерното новинарство кога се прави вест. Во овој случај ги имаме првите две категории, но ја немаме третата: ништо нее јасно.
„Во интервју за српските „Вести“ тој тврдел дека човекот е единствениот жив организам во природата кој можел да биде болен, но и дека во допир со болен човек, можеле да заболат билките и животните“… „како најчести техники за лекување тој ги применувал хидротерапија, лекување со билките, а најомилените му биле лукот и пиперката“…
„Вест“ која е прекрасно вклопена во општиот мозаик. Што е поголема сиромаштијата и социјалната неправда во едно општество, а докторите скапи и недостапни, тоа сѐ повеќе се бараат алтернативни начини на лекување -„Баба Ради“, „Митре папуџијата“, „Трајче од Џигољ“ што лечи со чај од кравља балега…“
И така, со оглед на тоа што д-р Шулц лечи со „примена на едноставни техники кои биле запишани во бибилијата“… народот во тоа треба да поверува, да заборави на модерната медицина, да ја купи Библијата и сам да се лекува според тамошните рецепти, секако, да не ги заборави лукот и пиперката.
Целото писание завршува со „возбудлива „содржина“:
„др.Шулц за себе тврдел дека можел да ги излекува сите болести, дури и најсмртоносните, само доколку пациентот соработува“…
ИЗМАМА НА ЧИТАТЕЛИТЕ
Во моментот на рецензирање содржината је прочитале три илјади луѓе. Мораме да ги предупредиме: измамени се. Тие неколку „чудотворни рецепти“ кои се опишани, потполно се извадени од контекстот на опширното интервју кое со д-р Шулц го направил д-р Никола Марковиќ. Содржината на интервјуто не се однесува на конкретни рецепти, туку д-р Шулц зборува за неговата најнова книга преведена и на српски јазик во која тој, на повеќе од 500 страници, зборува за Институтот за природна медицина, кој е дел од „The Center for Natural Studies“ во Сакраменто, Калиформија и кој има свои претставништва и соработници и на Балканот. Во тимот се само врни лекари, кои во своите практики ги применуваат и традиционалните знаења и методи од кои некои биле запишани и во Библијата. Д-р Шулц никаде во интервјуто не ги повикува болните сами да ги испробаат рецептите.
ПРОПУШТЕНА ЛЕКЦИЈА
Пропуштена е првата лекција од новинарството како се прави лид-вест. Со едноставен одговор на оние познати пет прашања можело да се напише дека: „Во печат е излезена најновата книга на познатиот американски лекар и основач на Институт за природна медицина д-р Ричард Шулц“, со кого познатиот српски лекар д-р Никола Марковиќ направил интересно интервју за српскиот портал Вести. Книгата има над 500 странци…“
На пошироката научна јавност д-р Шулц ѝ е добро познат, има свои следбеници во многу лекарски кругови низ целиот свет и не заслужува вака нагрден и приземен текст, кој гo третира како еден од надрилекарите ширум светот од кои многумина се во затвор.
Да заклучиме. Вести кои не се до крај содржајни, недовршени извештаи и информации, кои оставаат многу отворени прашања, бидејќи нудат само фрагменти, не би требало да се објавуваат, а уште помалку да се најавуваат со вака сензационалистички наслови: „Лекови за сите болести биле во Библијата?!“ Угледните и сериозни медиуми водат сметка за јавниот интерес и врз основа на тоа ги определуваат темите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар