Рецензија: Lihnid.com: Маја од Лешани повторно ја нема?

lesani-crop-resize

Пред нас се наоѓа текст кој заслужува рецензија поради низата наводи кои се неофицијални, непроверени и нерелевантни.  Шпекулациите се основа врз која се плете целиот корпус на текстот. Освен ова, текстот содржи и коментари кои не одат во прилог на најдобриот интерес за детето, што претставува висока етичка вредност на новинарот. Со информацијата која се пласира дека „се плетат приказни дека Маја е жртва на трговија со луѓе“ неосновано и неодговорно се наметнува паника и се дезинформира јавноста, особено поради тоа што авторот не ја атрибуира таа информација на извори од истрагата, туку на чаршиски разговори. Повторно се забележува трендот, кога написот се атрибуира на друг медиум, авторот на преземената вест да го губи чувството на одговорност поради тоа што не учествувал во процесот на прибирање и проверка на информациите. Сепак, ова не може да значи ослободување од одговорноста. Авторот е одговорен и за тоа што го презема од други медиуми.  Интересно е дека непосредно по објавувањето на веста на порталот Охрид 1, авторот го менува насловот од „Дали е малолетната Маја од Лешани жртва на трговија со луѓе“ во „Lihnid.com: Маја од Лешани повторно ја нема?“. Позитивно во оваа постапка е тоа што првичната идеја шпекулацијата на чаршијата да се претстави како факт и носечка информација се заменува со атрибуција и со факт, а тоа е дека девојчето е повторно исчезнато. 

lesaniЛинк до оригиналниот напис: Lihnid.com: Маја од Лешани повторно ја нема?

Датум и време на објавување: Не е наведено

Датум на рецензирање: 27.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: На фактот дека Маја од Лешани е исчезната новинарот плете огромна непроверена конспирациска мрежа од  информации што се закануваат да внесат дополнителна вознемиреност кај семејството на девојчето, но и кај јавноста. Тоа е непрофесионално и ризично. Единствените факти за кои официјално може да се потврди дека се точни се фактите дека Маја од Лешани е исчезната, дека нејзините го пријавиле случајот во полиција и дека се забавувала со момче. За се останато не може да се верифицира вистинитоста во овој дел од истрагата.

Извори на информации: Во овој медиумски производ нема официјални извори на информации, освен фактот дека малолетното девојче исчезнало. Чаршиските муабети и неофицијалните информации и прекажувања се водечки извор во остатокот од текстот. Клучното прашање кое одговорното новинарство си го поставува е дали изнесувањето на деталите што навлегуваат во личните и семејните прилики на малолетното девојче може да помогне за нејзино пронаоѓање и дали се од јавен интерес.

Содржајност: Фактите се оскудни а шпекулациите бројни. Неофицијалните информации не ја прават оваа проширена вест побогата, туку понеуверлива поради тоа што не се атрибуирани на извори. Личните аналогии на новинарот од кои носи тој заклучоци не се базираат на причинско-последичен след на настаните. На пример, авторот вели дека „сомнежот дека идниот зет заработува со нечесни и противзаконити дејанија го потврдува тоа што Маја открила дека планираат да заминат преку Бугарија“. Нејасно е како преминувањето на границата потврдува дека момчето заработува со нечесни намери.

Пристрасност: Авторот покажува тенденција врз основа на шпекулациите да го критикува момчето на малолетната девојка и да го поврзува со криминал. Ова не е базирано на факти.

 Коментирање: Во текстот е тешко да се направи јасна разлика дали дел од изнесените информации се неофицијални сознанија или пак коментари на авторот:

„Во меѓувреме се плетат разни приказни за тоа каде е Маја од оние дека е повторно кај својот дечко во Скопје, до оние дека е жртва на трговија со луѓе, пишува порталот Лихнид“.

„Но до нив стигнале и информации дека `идниот зет` заработува со нечесни и противзаконити дејанија.“

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за пренесен текст во целост од друг медиум до кој е даден соодветен линк како извор.

Квалитет на насловот: Фактите говорат дека насловот на текстот кој е предмет на оваа рецензија е менуван. Најнапред насловот гласеше „Дали е малолетната Маја од Лешани жртва на трговија со луѓе?“, за потоа порталот да го промени во „Lihnid.com: Маја од Лешани повторно ја нема?“. Во секој случај, линкот до написот останува да сведочи во првичната тенденциозна и сензационалистичка природа на насловот. Во актуелниот, тековен наслов, авторот покажува несигурност во фактите кои ги изнесува, поради што насловот содржи прашалник на крајот. Станува збор за лесно проверлива информација, односно авторот би можел да покаже дека сериозно ја сфаќа тежината на информациите кога станува збор за малолетно лице, па да се јави во полиција или кај семејството и да провери дали навистина девојчето повторно го нема.

Фотографија: Фотографијата е соодветна од аспект на тоа дека не се прикажува ликот на малолетното девојче, но, сепак, имплицира дека таа страда.

Заклучок: Во случаите кога се известува за малолетно лице кое е исчезнато, сите шпекулации може да нанесат дополнителни страдања на семејството на детето. Затоа, одговорното новинарство се дистанцира на етичка основа од непроверените информации кои не се од јавен интерес и чие објавување не е во најдобар интерес на детето. Кога се користи друг медиум како извор, пренесувачот, сепак, не се ослободува од одговорноста на пренесеното и напишаното. Што кажува чаршијата може да биде основа за проверки на органите на истрагата, но не и кредибилен и оправдан извор на новинарите. Во текстот има низа коментари и изнесување лични и семејни прилики на момчето. Се влечат причинско–последични релации меѓу тоа дека тој се занимава со противзаконски дејанија врз основа на непроверено тврдење дека ќе замине преку граница. Авторот можел да се обрати до МВР и да провери како се одвива истрагата што во случајот не е сторено.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција