Рецензија: Македонец протеран од Хрватска поради малтретирање на „фока“ на плажа

КАНАЛ-5-Телевизија-kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID45326-crop-resize

Прилогот што го рецензираме е еден од материјалите кои беа објавени во повеќе македонски медиуми (31.07.2014), а кои  (дез)информираа дека  средовечен Мкаедонец е протеран од Хрватска, бидејќи малтретирал фока на плажа во Пула! Всушност, станува збор за преземена вест од хрватските медиуми и пласирана во јавноста  невнимателно, без никаква дополнителна проверка. Згора на тоа,  веста е пренесена непрецизно и зачинета со коментари со кои се оцрнува личноста која се споменува. Уште во насловот се вели дека Македонецот е протеран поради малтретирање  на фоката, што не  е точно. Бидејќи хрватските власти му ја изрекле ваквата мерка поради нерегулираниот престој. Што е сосема друга работа. Подоцна се покажа и дека хрватските медиуми го предимензионирале настанот, бидејќи, како што може да се забележи од видеото објавено на Дневник.хр,  македонскиот државјанин  не ја удира фоката, туку само ја гали.

'КАНАЛ 5 - Телевизија' - kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=45326

Линк до оригиналниот напис: Македонец протеран од Хрватска поради малтретирање на „фока“ на плажа

Датум и време на објавување: 31.07.2014, 15:39

Датум на рецензирање: 1.08.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ШАМАРИ ИЛИ ГАЛЕЊЕ

Прилогот се базира на информација која претходно ја објавија хрватските медиуми (иако тоа не е наведено) и е поткрепен со тонска изјава на портпаролката на полициската станица во Пула. Но, паѓа во очи тоа што материјалот става акцент на делот од нејзината изјава каде таа вели дека македонскиот државјанин  „неколку пати со рака ја удрил фоката по грбот и ја избркал од плажата кон морето“. И притоа случката се преувеличува, па се кажува дека  56–годишниот  Македонец  „одлучил да се пресмета“  со фоката и ја нападнал! Написот во истиот драматичен тон ни  открива и дека „насилниот Македонец е од Крива Паланка“,   дека „веднаш е протеран од Хрватска и сега ќе нема шанса да малтретира заштитени животни, да им удира шамари и да ги враќа во море! Што прозвучува сеирџиски во стилот: „убаво му направиле, така му треба“!

А заклучокот

Негова среќе е што тамошната полиција не го откри неговиот идентитет , па  кривопалнчанецот ќе го избегне потсмевот во својот град,

делува дури смешно, како да е Крива Паланка милионски град, а не место со помалку од 15.000 жители, каде,  како што се вели, сите се познаваат!

Оваа вест предизвика големо внимание во медиумите (најпрво во хрватските, а потоа и низ регионот), а брзо се прошири и на социјалните мрежи, каде тој беше изложен  на гневни напади, потсмев  и канонада од погрдни зборови.

Но, што всушност се случило. Според објавеното видео, Македонецот  воопшто не се изживувал со фоката. На снимката се гледа дека нема насилство, туку  тој само ја гали, меѓутоа фоката се вознемирува од допирот и се повлекува кон морето.

Средоземната фока е заштитена со закон и на плажата во Пула има поставено предупредување – забрана за вознемирување на овој заштитен вид. Македонецот веројатно не ја забележал таблата, се доближил и ја допирал фоката за што бил пријавен и казнет 1.500 куни (200 евра), според Законот за заштита на природата. А казната си ја платил на лице место.

Сепак, тој не бил протеран поради овој прекршок. Имено,  кога дошла полицијата утврдила дека Македонецот нема уредни документи за престој во Хрватска, по што, според Законот за странци, добил забрана за влез во оваа земја во наредните пет години. Што значи вистината е дека бил протеран од Хрватска поради нелегалниот престој, а не затоа што ја „малтертирал“ фоката, како што се нагласува во тенденциозниот наслов.

 

МЕДИУМСКИ ЛИНЧ

Очигледно дека хрватските медиуми претерале со сензационализмот, веројатно сакајќи да предизвикаат внимание. Ништо подобри не се ниту оние кои се налепија на веста, березервно верувајќи им на колегите од Хрватска, па без да ја проверат уште и ја исфилуваа.  Видеото кое го објавија неколку часа подоцна не ја пере нивната одговорност,  како и прилогот со кој вината се фрла на хрватскате медиуми и локалната полиција од која се бара извинување.

Меѓутоа, што е со извинувањето од македонските медиуми кои, исто така, имаат обврска да објавуваат точни и проверени информации? Тие во конкретниот случај, онака скандализирани како едвај да чекаа да го „линчуваат“ човекот што толку многу „не засрами“ пред светот со „малтретирање и удирање шамари на заштитени  животни“ ! За жал, колку само малку ни треба некого со сласт да жигосаме!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција