Рецензија: Македонија гласа – изборното право го искористија затворениците болните и изнемоштените и раселените

www_sitel_com_mk_mk_makedonija-glasa-izbornoto-pravo-go-iskorist-crop-resize

Главниот проблем со прилогот што го рецензираме е во тоа што не ја пренесува целосно информацијата за гласањето на затворениците и раселените лица. Од материјалот насловен:  „Македонија гласа – изборното право го искористија затворениците болните и изнемоштените и раселените“, се добива впечаток дека немало никакви проблеми. Но, како што пренесоа дел од медиумите, не било баш така, туку имало проблеми и со списоците на затворениците и со списоците за раселените лица.

www_sitel_com_mk_mk_makedonija-glasa-izbornoto-pravo-go-iskoristЛинк до оригиналниот напис: Македонија гласа – изборното право го искористија затворениците болните и изнемоштените и раселените

Датум и време на објавување: 26.04.2014, 19:14

Датум на рецензирање: 27.04.2014, 19:14

Рецензент: Оливера Војновска

 

ПРЕМОЛЧЕНИ ИНФОРМАЦИИ

Прилогот содржи  сервисни информации за начинот на гласањето, како и податоци за бројот на  домашните и странските набљудувачи кои ги сладат двојните избори. Иако изворите не се прецизно наведени, сепак, овие официјални податоци (објавени во повеќе медиуми) се сосема коректно пренесени.  Но, тоа не може да се каже и за првиот дел од  текстот што се однесува на текот на гласањето на затворениците и раселените. Па, случајно или намерно, премолчени се информациите за проблемите при изјаснувањето на оваа категорија граѓани кои гласаат еден ден пред изборите, а за кои беше кажано во еден друг медиум.  

Имено, како што беше пренесено,  бројот на затворениците во Идризово значително отстапувал од бројот на запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Само во затворот Идризово бројот на лицата кои издржуваат казна затвор се илјада и петстотини, но во Избирачкиот список за претседателските избори заведени се само 712, односно за парламентарните само 721 лице.

Во овој медиум е дадена и тонска изјава на заменик-претседателот на ДИК, кој нема објаснување за споменатата разлика во бројот на гласачите и вели дека „ избирачкиот список е заклучен според точноста на податоците добиени од иснтитуциите“.

Во материјалот што е предмет на оваа рецензија не се споменуваат  ниту  проблемите што се појавиле со внатрешно раселените лица:

„голем број од нив се избришани од овие списоци, бидејќи им се издадени лични карти од местото на живеење што го имале пред да се иселат во конфликтот 2001 година, иако тие таму не живеат.

 

НИТУ ЗБОР ЗА САПУН, ОБЛАНДИ И ЖИЛЕТИ

За одбележување е и тоа што во прилогот  воопшто не се кажува за забелешките на невладината „Цивил“, која констатирала неправилности при гласањето на затворениците во вториот круг од претседателските избори и од предвремените парламентарни избори.

„Затворениците биле поткупувани да гласаат за одредена политичка партија, а како награда добивале сапун, две обланди и по два жилети за бричење.“

Медиумот нема ниту посебен напис на оваа тема, што укажува на тоа дека целосно ги игнорира забелешките кои ги регистрирала  оваа невалдина организација.  Всушност, тие беа пренесени само  во дел од медиумите.

Гледано од содржински аспект, пак,  важните податоци кои не се соопштуваат, го прават прилогот нецеловит. Истовремено, тие влијаат на  неговата вистинитост и воопшто на сликата за гласањето што се креира во јавноста. Со тоа се покажува прилично јасна  пристрасност во информирањето. Ваквиот  пристап се коси со принципите на професионалното и објективно новинарство, кое подразбира  дека новинаротот „ треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци “.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција