Рецензија: Македонија и Брисел ги доближуваат позициите за уставните измени

alfa.mk_News.aspx_id84010.VEwQxPmSx9t-crop-resize

Материјалот „Македонија и Брисел ги доближуваат позициите за уставните измени“, со самиот наслов испраќа порака дека е направен некаков исчекор за надминување на разликите со Европската комисија во однос на почнатите корекции на највисокиот правен акт во државата. Иако прилогот, всушност, ги пренесува само импресиите на премиерот од средбите во Брисел и во него не може да се види какви биле ставовите на европските авторитети за измените на Уставот, кои, меѓу другото, вклучуваат уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, како и создавање можности за формирање финансиски зони.

alfa.mk_News.aspx_id=84010#.VEwQxPmSx9tЛинк до оригиналниот напис: Македонија и Брисел ги доближуваат позициите за уставните измени

Датум и време на објавување: 24.10.2014, 17:52

Датум на рецензирање: 26.10.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ЧУВСТВОТО НА ПРЕМИЕРОТ, ЕДИНСТВЕН РЕПЕР!

Написот, фактички, е скратена верзија на два претходно објавени прилози на истиот медиум, а кои информираат за средбите на премиерот со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, и со директорот на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон. И, за разлика од  двата прилога кои се коректно пласирани, вклучително и насловите каде е прецизирано дека се работи за став на премиерот, материјалот што е предмет на оваа рецензија е наменски „преџвакан“. Во него се препознава јасна тенденција да креира мислење дека генералниот заклучок по средбите бил дека:

„Македонија и Брисел  ги приближуваат позициите за дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена и за создавањето на финансиски зони.“

Тоа, во коментаторски манир, се соопштува во првата реченица на текстот, кој се темели само на фрагмент од изјавата на претседателот на Владата.

„Дообјаснивме и некои работи за кои верувам дека недоволно им биле објаснети на нашите соговорници во Европската комисија и дека им требаше дополнително објаснување. Причината е што, во овој дел, досега најмногу комуникацијата се одвиваше по писмен пат, а сега беше поразлично кога седнавме на маса и поразговаравме за детали. Се поставија прашања, се одговори на истите и оттука ми доаѓа чувството дека имаме одредено доближување.“

Воопшто нема сомнеж дека неговата изјава е точно пренесена.  Проблемот е во тоа што „чувството на премиерот“ е земено како единствен репер, при што се претставува како „заемно чувство“ од средбите со европските дипломати.

И токму таквата перцепција им се сервира на гледачите уште на самиот почеток –  со претенциозниот наслов:

„Македонија и Брисел ги доближуваат позициите за уставните измени“,

независно што во написот нема ниту збор за тоа какво е мислењето на двајцата соговорници на премиерот. Можеби нивните видувања за средбата се идентични со гледиштето на премиерот, но во тоа гледачите не може да се уверат со свои очи. На публиката не ѝ се дава шанса да ги слушне впечатоците на двете страни во разговорите за уставните измени, па таа самата да процени дали и колку се приближени позициите. Така што, овој новинарски производ остава впечаток дека вистинската намера не била да информира, туку преку пресметан политички спин да ја манипулира јавноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција