Рецензија: Македонија ја доби организацијата на Европското првенство во кендо
Никогаш не тврдиме дека новинарите се безгрешни, но за некои грешки навистина не треба да се премолчи зашто демонстрираат непрофесионалност и неодгово рност, а тоа се последици кои оваа професија не смее да си ги дозволи.
Новинарскиот текст што го рецензираме доаѓа од портал кој е специјализиран за спортски вести. Уште повеќе, тој портал за свој принцип според кој се раководи го има слоганот „Вашата спортска Википедиа“ што претендира на извесна релевантност. Но, текстот што е предмет на наше внимание носи со себе една од најголемите грешки што може да ги направи еден репортер.
Фокусот на вниманието на репортерот кој известува од прес конференција на која се објавува дека во Скопје, односно во Република Македонија ќе се одржи наредното Европско првенство во кендо, е спортската сала „Борис Трајковски“ и нејзиниот директор, а не Македонската кендо федерација и нејзиниот претседател, кои, всушност, се домаќини на овој важен меѓународен настан за овој спорт.
Линк до оригиналниот напис: Македонија ја доби организацијата на Европското првенство во кендо
Датум и време на објавување: 13.04.2014, 17:34
Датум на рецензирање: 15.04.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Имено, во целиот текст доминира информацијата дека во спортската сала „Борис Трајковски“ ќе се одржи наредното Европско првенство во кендо и тоа е поткрепено со изјава на директорот на салата. Информациите дека во „Борис Трајковски“ се одржале редица спортски настани излезе побитна од најавата за организацијата на еден меѓународен турнир. Дури во последниот пасус, онака, патем, се споменува суштината на веста:
„Македoнија ја доби организацијата на ЕП во кендо на тековниот шампионат во Клермонт фернанд на Генералното собрание на Европската кендо федерација, на кое со акламација беше прифатена кандидатурата на Република Македонија и на нашата кендо федерација за организација на Европското првенство во Македонија.“
Главната новост во веста е во последниот пасус. Да не беше насловот, ќе беше катастрофа. Вака е многу блиску до катастрофа.
Една од главните задачи кога се оди на прес конференција е да се провери кој го свикува пресот, потоа зошто, потоа кој ќе зборува на таа конференција за новинарите… Пред да се оди на прес конференција новинарот треба да се запознае со организаторот на тој настан за медиумите, со претставниците на организацијата… Да постапеше така новинарот што ја напишал веста што ја рецензираме, немаше да ги направи овие грешки.
Непростливо е на прес конференција на која присуствува претседателот на Македонската кендо федерација и еден од нашите најдобри спортисти со меѓународно реноме, Златко Кескоски, централна фигура да биде директорот на спортската сала и салата во која ќе се одржи спортскиот настан.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар