Рецензија: МАКЕДОНИЈА НА ОСКАР: Филмовите се избираат без критериуми

Субјективниот суд на членовите на Комисијата бил пресуден за неиспраќањето на ниту еден македонски филм во трката за „Оскар“, коментираат филмските работници Ниту еден од четворицата членови на Националната комисија, кои вчера донесоа одлука да не се испрати ниту еден од двата македонски филма за кандидат за „Оскар“, не сакаат официјално да коментираат за одлуката.

Ова е вовед во темата – номинирање за наградата Оскар во Македонија. Најдалечниот дострел на текстот, кој добро ги расчленува механизмите за селектирање на домашни филмови, е што покажува дека и досега таа транбулина била поставувана случајно и по личен вкус на некого во телото (органот) на ДФРМ што во мигот ја имало таа привилегија.

МАКЕДОНИЈА НА ОСКАР: Филмовите се избираат без критериуми

Линк до оригиналниот напис:МАКЕДОНИЈА НА ОСКАР: Филмовите се избираат без критериуми

Датум и време на објавување: 20.09.2013

Датум на рецензирање: 20.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Нема двојба дека последниот работен ден од третата недела во септември мина токму во знакот на нашето неодење во номинација за Оскар, иако имало два филма кои биле во конкуренција. Жешките теми во културата и тоа онаа високата кај нас со децении се одбегнуваат, а оние кои ја следат не сакаат да се замеруваат со творците и тоа е вистина стара колку и државата. Добро е што порталот се отворил целосно кон приказната на денот, со многу детали и поединости од инаку обвиената со тишина зграда на улицата „8 Март“.

Во текстот можеби (и најверојатно) ја нема вистината, или ја нема целата, ама читателот може да ужива во изобилството од понудени факти и поединечни искази. Особено е значајно што тука нема претставници на вториот филм кој бил во конкуренција („Балканот не е мртов“ ) на Александар Попоски, но тоа не ја нарушува многу вистинитоста, бидејќи тој филм не влезе во прикажување и една година од неговата премиера.

Извори на информации: Текстот користи повеќе извори и користи директна форма што е речиси реткост кај нас. Тој ги контактирал речиси сите заинтересирани страни во еден доста суетен свет и јавно обзнанил како и зошто е одбиен за оскаровска промоција филмот „Соба со пијано“ со став, мислење или објаснување од релеватни поединци. Таа форма на условна „анкета“ постепено ни ги открива сите чинители на еден механизам „за одење во Холивуд“, за кој не сме ниту знаеле дека постои.

Текстот го одбегнал црно-белиот приод и отишол пошироко од предавањето на две соопштение од заинтересираните страни во овој конфликт.

Содржајност: Содржајноста секако е повредниот дел од написот, бидејќи имаме многу информации за работи кои, делумно, се случуваат зад четири ѕида  (кој како гласал, на пример) и  што е поважно со откривање на формулата која лесно ќе ни објасни некои евентуални чудни одлуки околу номинациите во минатото.

Пристрасност: Авторот на прилогот открива дека при изборот на македонски филм за Оскар всушност нема ни приближни критериуми, ниту утврдена постапка за  избор и дека така било отсекогаш, иако има иницијативи за нивно донесување. Држењето за тој „гелендер“ на авторот на прилогот му овозможило да не се стркала кон „коритото“ на некоја од заинтересираните, полемички настроени страни во спорот. Во овој случај, инаку, нема класична конкуренција меѓу два филма, како што можеби се мисли, туку меѓу оние кои сметаат дека делото кое премиерно се прикажа на голем Фестивал (Браќа Манаки)  заслужува да оди преку Океанот или не?!

Оригиналност/Плагијат: Користењето на иницијалите на авторот во текстот е дел од слабите страни  на овој напис, кој несомнено  е авторски. Видливо е дека иницијалите не се поклопуваат со ниту еден автор што би бил препознаен во импресумот на порталот, што насетува некаков обид идентитетот на авторот за дел од културната , пред се филмска јавност, да биде сокриен. Ова е непотребно особено затоа што за дел од прашаните поединци во пишувањето на текстот  тој автор е секако познат!

Квалитет на насловот: Насловот е доста редуциран, но истовремено „опширен“, па скоро и да нема потреба од наднаслов и поднаслов!

Фотографија: Прилогот користи три фотографии и еден рекламен видео спот, па е доста илустративен, но нема ниту една фотографија од „другата страна“, што одново е слабост која го нарушува вкупниот впечаток.

Заклучок: Ова е еден од ретките прилози од областа на високата култура каде низ написот отворено се влегува во светот на креативната „менажерија“, иако авторот покажал извесен личен опортунизам во презентирањето на својата комплетна препознатливост.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција