Рецензија: Македонија во дисциплината 2.200 километри со пречки!
Текстот почнува со класичен вовед во интервју: „Американскиот аналитичар Даниел Сервер во интервју за „Вечер„ порачува“…
Интервју, (од англискиот збор interview) како новинарска форма, подразбира разговор или испрашување на новинарот со одредена личност, што потоа ќе биде објавено во весникот, на радиото, ТВ… Овој новинарски жанр, во облик на дијалог, на читателот/гледачот/слушателот му соопштува релевантни факти преку кои го објаснува, толкува, вреднува, своето индивидуално мислење за одреден проблем.
Читателот, според воведот во овој опширен текст од 140 реда, очекува да прочита интересни новинарските прашања поврзани со декемврискиот самит на ЕУ (како што е најавено во наднасловот) и од Даниел Сервер да добие одговор зошто Македонија, како што соопштува медиумот во насловот, ја чека…„дисциплината 2.200 километри со пречки“.
Читателите се измамени, наместо интервју со Сервер, добиле „турли тава“.
Линк до оригиналниот напис: Македонија во дисциплината 2.200 километри со пречки!
Датум и време на објавување: 18.11.2013
Датум на рецензирање: 21.11.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Непочитувањето на новинарските стандарди за интервју се очигледни уште на почетокот од текстот. Очекувано е да прочитаме што кажува Даниел Сервер во интервјуто, а има само една негова изјава за која не се знае ни кога, ни каде, ни на кои прашања е дадена како одговор.
Извори на информации: Нема извор на информации. Авторот се потпира на стари изјави дадени за медиумот или за други медиуми и ги компилира без да го наведе авторот или медиумот од каде се преземени.
Содржајност: Како да зборуваме за содржината на интервјуто, кога немаме интервју. Единствената реченица која упатува на оваа новинарска форма е:
„ Американскиот аналитичар Даниел Сервер во интервју за „Вечер“ порачува дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ под привремена референца, решение прифатливо и за Македонија и ненавредливо за Грција и поткрепено со Хашката пресуда“.
Намерно го даваме целиот цитат, бидејќи понатаму во овој габаритен текст Даниел Сервер повеќе не зборува.
Пристрасност: На неколку места е експлицитна. Медиумот објавува:
„По одбивањето на средби од грчка страна, дури и најголемите поддржувачи на разговорите од македонска страна промовираа идеја на стопирање на разговорите додека Атина не реши да ја почитува Привремената спогодба“…
„До сега добивме пет последователни препораки од ЕК за запопчнување преговори со Унијата но тие не поминуваа на Европски совет поради противење на Атина“…
Коментирање: Коментарите на авторот се инкорпорирани со парафразираните изјави и не претставуваат засебна целина во текстот.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално дело на авторот кој е потпишан со цело име и презиме.
Квалитет на насловот: Кога во наднасловот би ги исфрлиле зборовите „самит на ЕУ“, тој, со насловот „Македонија во дисциплина 2.200 километри со пречки“, извонредно би одговарал за најавата за учеството на Македонија на Олимписките игри. Неадекватен и промашен наслов за политичка анализа која се бави со позицијата на Македонија во меѓународната политика пред декемврискиот самит на ЕУ.
Фотографија: Фотографијата, како и насловот, се за спортски коментари, а не за политичка тема.
Заклучок: Изманипулирани и разочарани читатели. Од понудениот текст не може да се дознае што е за Македонија реално, а што псевдореално пред декемврискиот самит на ЕУ. Не постои јасна врска помеѓу медиумот и општествено актуелната тема во која очекуваме, низ интервју, одговор од познатиот американски аналитичар и професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс,“ Даниел Сервер. Нема ни временска рамка дали воопшто авторот направил интервју со Сервер, кога и каде и кои биле прашањата и одговори на соговорникот.
Наместо интервју на кое се повикува авторот, па макар да е и репринт на постариот разговор, ако не изгубил актуелност, во следните 140 реда имаме цитирани или парафразирани изјави на Ангела Меркел, Метју Нимиц, Дорис Пак, грчкиот амбасадор во Македонија Харис Лалакос, Жозе Мануел Баросо, амбасадорот Ристо Никовски…
Сите тие нешто кажуваат, порачуваат, советуваат, но притоа авторот не ги задоволил основните новинарски стандарди, да каже каде, кога на кого тоа му изјавиле и од кој медиум новинарот ги презел.
Од овој медиумски производ не знаеме дали сѐ што е напишано е резултат на автентични разговори со посочените политичари или е збир на медиумска конструкција која треба да ја прикрие вистинската позиција на Македонија пред декемврискиот самит на ЕУ.
Новинарот не се придржувал до основните принципи на Кодексот на новинарите на Македонија-член 1:
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи“.
Нее испочитувана „Декларација за правата и обврските на новинарите“ усвоена во Минхен 1971 година која вели:
…„Не објавувајте ништо, што може да ја дезориентира јавноста и што не можете на суд да го докажете и одбраните“.
Не е испочитуван Кодекс на принципи за однесување на новинарите на Меѓународната Федерација на новинарите, член 1:
„Обврска на новинарот е вистинито информирање и утврдување на автентичноста на информацијата преку поставување прашања“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар