Рецензија: Македонија воведе низа мерки пред Србија и Хрватска

Во вестите на Канал 5 излезе необичен прилог кој говори за тоа како Србија и Хрватска ја копираат Македонија во донесувањето на одредени социјални мерки, ама нивните ЕУ ги признава штом тие одат напред во евроинтеграциите, додека оние во Македонија се игнорирани. Ваквата компарација секако наиде на потсмев на социјалните мрежи и тоа токму од стручњаците за евроинтеграции.

Јасно, се работи за методолошка споредба која за ЕУ во мигот не е значајна, бидејќи, Унијата за да ни олесни, ги сведе своите приоритетни барања на само пет сегменти кои се главно од политичкиот сектор, јавната управа и слободата на медиумите. Ама и тука паднавме.

Рецензија: Македонија воведе низа мерки пред Србија и ХрватскаЛинк до оригиналниот напис: Македонија воведе низа мерки пред Србија и Хрватска

Датум и време на објавување: 29.05.2013, 17:49

Датум на рецензирање: 30.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост:

„Во Македонија за енергетска сиромаштија се обезбедуваат по 700 денари месечно за семејства кои користат социјална помош, а  бесплатен одмор за 3000 деца.

Во Србија социјално загрозените добиваат бесплатно 120 киловат часови електрична енергија месечно. И во двете земји се предвидени станови за лица со социјален ризик, како и бесплатна бања за пензионери.“

Ова е еден дел од тие споредби кои ги прави оваа телевизија, само што тие не се релевантни за Унијата. Тука се секако и надворешно-политичките моменти кои авторот ги забошотува и не ги споменува. Хрватска, да потсетиме, ги разреши своите тешки спорови со Словенија, мораше да донесе тешки одлуки во врска со дозвола за риболов на италијанските рибари на Јадранот, мораше да ги приватизира бродоградилишта… Србија неодамна потпиша спогодба со која ги одмрзнува односите со Косово, а земјава не само што не направи напредок во преговорите со Грција, туку ја прошири листата на непријатели со Бугарија!

Извори на информации: Не е во прашање во овој прилог точноста на вестите, туку релевантноста на изнесените податоци во однос на поставената цел – критика на Унијата за двојни стандарди во однос на кандидатите за влез во европското друштво.

Еве еден пример на таква споредба:

„Додека во Македонија  за 26 %  е зголемен износот на социјална помош, во Србија тој износ е зголемен  само за 2 до 3 %.

Додека во Македонија има целосно бесплатно основно и средно  образование, во Србија има  само бесплатни учебници од прво до четврто.“

Најбаналното прашање на кое тука треба да се даде одговор е фактот дека Србија има повисок БДП, повисока просечна плата. Северниот сосед има процент на сиромаштија од 11 отсто, а кај нас таа е 32 отсто и тоа мерена само како апсолутна сиромаштија (по едно евро дневно).

Според критериумите на релативната сиромаштија, кај нас две третини (над 60 отсто) од населението ни е социјален случај! Што да каже Европа кога евентуално треба да добие сиромашен „роднина“ кого веројатно постојано ќе треба да го помага и влече…

Содржајност: Веста сака да го сврти вниманието на гледачите кон терен за кој авторот или налогодавачот смета дека Македонија е во предност во однос на своите „конкуренти“ – Хрватска, која веќе е во ЕУ и Србија, која нè престигна на патот кон Брисел.

Во основа ние влегуваме во споредби со земји каде губиме на сите сегменти на економско, политичко, социјално и кое било друго живеење. За жал, можеме да се мериме кај црните хроники, како што е корупцијата на пример.

Пристрасност: Прилогот настојува за слабите резултати на државата во евроинтеграциите да ги набеди Европејците кои постојано нè мразат. Таа мантра одамна е дел од програмската шема на многу наши телевизии и постојано се повторува, за да на крајот биде прифатена од гледачите.

Квалитет на насловот: Насловот сугерира влегување во споредби со две земји кои се пред нас во евроинтеграциите. Како поле за натпревар ни треба далеку поголем „ринг“ од текст со 30-тина реченици.

Фотографија: Текстот е илустриран со македонско знаме на јарбол, кое „гордо се вее“ во стилот: ништо не ни можете, небаре се работи за кавга меѓу сосетки, а не за сериозни политички процеси кои се на товар на оваа власт и чии последици тешко ги трпи целото население, без оглед на височината на јарболот.

Заклучок: Се вели дека ние сме биле на ранг листата на Форбс за претприемчивост и за услови за бизнисот пред Србија и Хрватска, а се заборави дека Македонија е една од петте земји во светот од кои најмасовно се иселува населението последните години! Тоа не се ниту Хрватска, ниту Србија.

Рецензија: Македонија воведе низа мерки пред Србија и Хрватска

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција