Рецензија: Македонска новинарска геј афера: Ударните тупаници со спуштени гаќи до коленици!
Уште тоа ни недостасуваше – стихоклепци во нашево новинарство. И насловот и поднасловот на оваа медиумска конструкција се изделкани во стихови. Штета што авторот на ова „новинарско“ делкање на стихови не додржал докрај. Штета, навистина. Така ќе беше запаметен како прв „новинарски“ текст во стихови. Авторот и уредникот на медиумот ќе беа запаметени како основачи на еден нов жанр – „шпекулација во стихови“.
Но, настрана шегата. Веднаш да кажеме дека боли до коска кога мора да рецензираме вакви содржини. Боли зашто посветуваме време на нешто што со ништо не заслужува внимание, а мора да се биде професионален и доследен на методологијата за објективно вреднување на еден новинарски труд.
Текстот што го рецензираме прекршува повеќе членови од Кодексот на новинарите. Во воведот на оваа рецензија ќе се повикаме членот 7 каде што во првиот став се вели:
„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.“
Освен што не ја почитува приватноста, за каков јавен интерес зборуваме дури и да има вистина во шпекулациите на оваа медиумска конструкција? За никаков. Овие шпекули служат само за една цел – да се дискредитираат колеги по секоја цена и патем да се насочи гневот или потсмевот на публиката кон сѐ што на било кој начин се поврзува со професионалната активност на некои колеги.
Но, ете… Веќе го забележувате парадоксот на оваа рецензија – пишуваме за шпекулации, за, најверојатно, измислици, со објективна методологија.
И на крајот на овој вовед уште еден апусрд, врвна иронија! Медиумската конструкција што ја рецензираме ја објавува медиум што се вика „Вистина“.
Линк до оригиналниот напис: Македонска новинарска геј афера: Ударните тупаници со спуштени гаќи до коленици!
Датум и време на објавување: 25. 01. 2014, 19:30
Датум на рецензирање: 27.01.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: За каква вистиност можеме да зборуваме кога и самиот медиум за оваа медиумска конструкција вели дека е од „кулоарите“.
Извори на информации: Се разбира, една ваква медиумска конструкција нема извори, освен конструкциите “се шушка“ и „кулоарските муабети“.
Содржајност: Во делот на содржајноста ќе се задржиме на два моменти. Првиот е безобразното инсистирање на инвазија на приватноста со инволвирање на најблиските на оние врз кои се врши овој брутален атак со помош на квазиновинарски текст и постапки. Вториот е уште една бесмислена провокација наводната врска на двајца новинари да се идентификува со политичка партија и да се сугерира дека таа подржува таква сексуална ориентација. Тоа нѐ префрла во делот на проценка на пристрасноста на овој текст.
Пристрасност: Интересно е дека тука се открива целата мотивација за овој „новинарски“ продукт. Новинарите за кои се пишува во овој текст да ти биле „блиски до СДСМ и важат за ударни тупаници на главната опозициска партија“. Уште едно предавство на совеста.
Коментирање: Целиот текст е, вусшност, коментирање.
Квалитет на насловот: Насловот е како кус извадок од иновативната новинарска форма „шпекулација во стихови“. Инаку, крајно дегутантен и под секое достоинство за оној што го пишувал.
Фотографија: Аааа, фотографиите се посебна приказна. Хомофобичното слепило и омраза оди дотаму што се изнаредиле гугл фотографии кои треба да бидат крајно навредливи и да го сугерираат скандалот и гревот во кој се наводно се впуштиле „некои“ си новинари.
Говор на омраза: Јазикот на овој текст е клеветнички и шпекулативен, а членот 10 од Кодексот на новинарите вели:.
„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“
Заклучок: Најсериозниот прекршок на Кодексот на новинарите е направен со насилството врз членот 16 кој нагласува:
„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“
И уште една препорака за авторите на овој текст, иако е залудно, како „растурање бисери пред свињи“, во „Прирачник за етика во новинарството“ (Т. Чаусидис и З. Бојаровски, ЗНМ, 2012) во делот „Известување за различности“ се вели:
„Почитувај го она што за другите е драгоцено и важно! Запознај ги верувањата, сфаќањата, табуата на другите култури, етнички заедници или групи. Новинарот не смее да манифестира непочитување, без оглед дали е тоа вербално или визуелно на верските, етничките, сексуалните, политичките и сите други различности независно од неговиот личен став кон тие прашања или појави.“
Стереотипите се непријатели на доброто новинарство. Секој е различен, а новинарите никогаш не треба да се впуштат да го портретираат однесувањете на еден човек како да е карактеристично за цела група или заедница.
Познато е дека да се биде поинаков од мнозинството, да се биде малцинство, во хомофобични средини е голем товар за припадниците на тие задници. Новинарот не смее да учествува во зголемувањето на тој товар.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар