Рецензија: Македонски поп ја освети грчката инвестиција во Жабени

Извештај од дневен настан, за поставување на камен темелник за изградба на фабрика во битолско Жабени, кој непотребно е оптоварен со сензационалистички наслов, апсолутно несоодветен за настанот и вон контекст на тоа што требало да содржи веста, ако веќе присуството на попот на нанстанот било проблем . Која е смислата да биде извлечен наслов дека македонски поп ја осветил грчката инвестиција, па и тоа дека сопственикот прифатил да застане под епитрафилот на попот, пласирано во главата на информацијата, а новинарот кој известувал од настанот да не побара коментар за тоа што го пишува? Дали попот дошол сам, кој го повикал и зошто сопственикот морал да прифати осветување од „непризнат“ поп? Каква врска има приватната сопственост со одлуката на Грчката кон Македонската црква?

Ако на новинарот му се видел поинтересен делот дека македонски поп ја осветил грчката инвестиција во услови кога МПЦ не е признаена од грчката црква, требало да обезбеди изјави од попот присутен на настанот и од сопственикот на објектот, за да добие јасна слика читателот, зошто ова е проблем кој е толку нагласен во текстот? Дали „прифаќањето“ од страна на сопственикот да застане под епитрафилот на попот, значи дека македонската држава му го наметнала попот, тоа било услов да се освети инвестицијата, па тој немајќи избор и покрај тоа што не се согласувал застанал до попот?  

Со ваквиот пристап, новинарот и медиумот пласираат вест која создава проблем таму каде што очигледно го нема. Кога би била обратна ситуацијата, ако објектот бил осветен од грчки поп, тогаш би се барале одговори зошто грчки или македонски и дали тоа има врска со односите на релација на двете цркви. Вака, новинарот комплетно ја изместил тезата и се обидел да манипулира во ситуација каде што проблемот што сакал да го посочи, едноставно не постои.

Линк до оригиналниот напис: Македонски поп ја освети грчката инвестиција во Жабени

Датум и време на објавување:23.10.2013, 18:02

Датум на рецензирање: 25.10.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Содржината на текстот е вистинаита, се базира на настан за осветување на темели за градење на фабрика во индустриската зона Жабени, но обидот да се прикаже во прв план проблемот со присуството на попот, во негативен контекст, го доведува во прашање кредибилитетот на целиот извештај и намерата на новинарот и медиумот. Искривувањето на вистината е опасна работа, тоа не е играчка која и ако ни избега од раце нема да направи штета.   

Извори на информации: Авторот цитира изјави на сопственикот на идната фабрика и на градоначалникот, но од тие изјави не се добива слика за тоа што е поента на текстот и самиот наслов, проблематичното осветување, бидејќи соговорниците говорат за плановите за објектот и за развој на индустриската зона. Но, користењето на посочените изјави во текстот уште повеќе ја нагласуваат улогата на новинарот и можноста што ја имал да праша и за тоа што му го нуди како главна вест на читателот: зошто грчкиот бизнисмен прифатил македонски поп да ја освети инвестицијата и дали тоа претставува проблем за него или не?

Пристрасност: Авторот несомнено се наклонува кон спорот помеѓу двете цркви, но од текстот не е јасно што спори и на чие конто сака да припише поени и какви? На МПЦ која успеала да му „подметне“ поп за осветување на камен темелникот или на Грчката црква која ете не „успела“ да обезбеди поп што ќе го направи осветувањето, пред кој, сопственикот на објектот, Грк по националност, би застанал без проблем.

Коментирање: Забележливо коментирање уште во воведот на текстот, пред да се понуди главната информација која се пласира во информацијата. Коментарот пак и поставувањето на дилемата не добиваат одговор понатаму во текстот, па се добива впечаток дека читателот веднаш поставува прашање: што сакал да каже новинарот во случајов?

Оригиналност/Плагијат: Оригинален текст, извештај од настан, потпишан со инницијали на новинарот – дописник од соодветниот град.

Квалитет на насловот: Слаб, сензационалистички, кој вака како што е поставен без поткрепа во текстот виси над содржината која се дава во информацијата.

Заклучок: Ваквото паушално нафрлање на проблем таму каде што го нема, само за да се извлеча наслов кој ќе ја пласира информацијата поударно, може скапо да го чини новинарството во професионална смисла. Одговорноста на новинарите, на кој упатува и самиот Кодекс, мора да биде многу поголема од таа на било кој граѓанин кој би искоментирал дека „ете Гркот мораше да застане под одеждата на македонски поп“. Пласирањето на ваков начин на оваа информација, се добива впечаток дека е слушната како коментар, кој е преточен во информација, без да се направи минимален напор да се провери дали тоа за некого е спорно, проблематично и зошто. Дали веста ќе изгубела од квалитет ако било наведено дека:  „инвестицијата во Жабени ја освети поп од битолската епархија на МПЦ“? Секако дека немало, а на читателот ќе му била оставена можност сам да си формира мислење што значи тоа македонски поп да освети грчка инвестиција. Вака, на читателот му се наметнува теза дека тоа е проблем, ама низ текстот, без потребните информации, проблемот лежи самово насловот и во начинот на презентирање на информацијата од страна на новинарот и медиумот.      

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција