Рецензија: Македонските музеи меѓу побезбедните во регионот

FireShot-Screen-Capture-186-Македонските-музеи-меѓу-побезбедните-во-регионот-crop-resize

„Исчезнувањето на предметите од Музејот на Македонија минатата недела го отвори прашањето како се заштитени нашите музеи. Исчезнувањето на одликувањата на Јованка Броз, кои беа украдени непосредно по нејзиниот погреб во Kуќата на цвеќето, беа инспирација за српскиот портал да направи фељтон за кражбите во музеите во Србија и во регионот. Серијалот го завршуваат со организираниот криминал со уметнички дела и антиквитети, силна мрежа распространета во целиот свет. Анализите покажуваат дека овој бизнис е вирус од кој не можат да се заштитат ниту најразвиените земји во светот“.

Весникот прави серија текстови за кражбите на нашите уметнички вредности од музеите. Во овој прилог, конкретно, се настојува да се покаже дека безбедноста во овие установи е повисока од земјите во регионот, како и дека и најголемите музеи во светот имаат проблем со кражбите. Целта на текстот е секако релативизација на вината на оние кои по хоризонтала и вертикала се одговорни за безбеднста на експонатите во музеите во обем кој и самата власт веќе го нарекува „скандалозен“. Во текстот не се оправдуваат споредбите, особено со примената на методот „она што сега ми текнува“, без никаква споредбена статистичка (и друга) основа.

Македонските музеи меѓу побезбедните во регионотЛинк до оригиналниот напис: Македонските музеи меѓу побезбедните во регионот

Датум и време на објавување: 13.11.2013, 17:55

Датум на рецензирање: 14.11.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Авторот практично презема текст од српскиот портал „Вести“ и се обидува да го прошара со неколку македонски детали, ама тој орнамент никако не држи вода, бидејќи тезата на написот за поголемата безбедност во нашите музеи во однос на регионот е просто високо поставена лествичка. Како прво, тука го нема регионот како таков (белки се знае што е регион), а споредбата со светот е напросто неприфатлива во било каква аналогија. Дури и за земји кои имаат познати музеи и вредни збирки од голем „маштап“ споредбите од тој тип би биле неодржливи.

Извори на информации: Просто е невозможно да се изброи колку извори има текстот, бидејќи официјално нема ниту еден извор кој релевантно би говорел за темата со која не соочува. Имаме изнесени примери кои веројатно се должат на случаен избор по интернет. Одново би треба да се потенцира дека порталот „Вести“ е клучниот извор. Нема никаков пример од Балканот за кражби во музеите освен српските и еден од Сплит, што е далеку од тоа да се има право да се користи терминот „регион“. Исто така, не може да се објаснат  и примерите од кражбите на познати слики.

Содржајност: Колку и текстот да е голем, тој не одговара зошто, да речеме, последните кражби во нашите музеи би биле бенигни, како што се третираат? Тоа е доволно да се падне на испитот на  релеватноста на изнесеното во наводна поддршка на тезата која реално може да се сведе на она „секаде се краде, па што се може тука“. Понудениот материјал секако покажува дека Арсен Лупен сѐ уште живее, ама тоа не е наш проблем, бидејќи нашите одбрани пред крадците се држат до далеку потривијални изговори. А и не се некои Лупени!

Пристрасност: Пристрасноста секако постои во однос на одговорните во македонските музеи. На пример, се вели дека речиси сите наши музеи имаат видео камери, иако дури и во најголемиот, оној каде сега недостасуваат 60 вредни артефакти, сѐ уште нема одговор од релевантни лица – има ли навистина Националниот музеј камери и дали тие навистина работат? Деновиве добиваме противречни одговори на таа тема од оние кои имаат функции во него. Или се споменува музејот во Велес, кој може да има видео камери ама се заборава дека крадецот таму, докажано, беше директорот на истиот?! Секако, безбедноста е многу поширок поим од „пречекот“ на крадците со поставени камери и чуварите на вратата. 

Оригиналност/Плагијат: Српскиот портал „Вести“ има објавено фељтон од четири продолжувања  кои се користени во голема мерка и во овој текст, кој е само малку прошаран со наши примери, колку да добие локален колорит. Текстот е потпишан со иницијали (!), ама дури и таквиот потпис како да е преамбициозен во однос на вистинското и целовито авторство.

Квалитет на насловот: Насловот е еден од поклучните категории за рецензијата на овој текст. Тој ја издава намерата на редакцијата да ја симне неколку скалила подолу дискусијата за кражбите во нашите цркви, музеи и јавни установи, кои имаат вредни артефакти и уметнички дела. Наднасловот тврди дека светот го тресат кражби на уметнички дела (што би се вонземирувала малата Македонија), а спинот се потврдува со насловот кој вели дека нашите музеи се меѓу побезбедните  во регионот. Проблемот е, секако, во тоа што после читањето на целиот текст насловот целосно „виси“, односно не е „покриен“!

Фотографија: Текстот е илустриран со дел од слика на Пикасо, која кај нас беше украдена, па вратена, што навистина никој не се обиде да го објасни (како и авторот на овој текст). Не е јасно зошто се дава само парче на таа слика (згора без легенда!)  бидејќи, тоа е е своевидно сквернавење на делото, ако тоа „делење на дропки“ се прави без некоја логика (да се укаже на некој детал!).

Заклучок:  Во истиот број на весникот има текст кој сосема го негира авторот на текстот што е предмет на рецензија. Тој текст говори за системски кражби во музеите во Македонија, а втор, од пред неколку дена, објави за најдени уметнички дела во Тирана кои потекнуваат од земјава (се говори за илјада такви). Такви контрасти во изнесување на ставот за безбеднста на нашите музеи се расчистуваат на утринските уреднички колегиуми, а потоа би требало да ги воочи и дежурниот уредник кој го затвора бројот!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција